Одлуките донесени на ниво на Европската Унија (ЕУ) ќе бидат од суштинско значење за иднината на Западен Балкан и неговата ЕУ перспектива во неделите што следуваат. Секое натамошно одложување на овој пат може да има сериозни регионални последици, предупреди шефот на македонската дипломатија Бујар Османи во обраќање на Форумот за односите меѓу Европската Унија и Балканот (EU meets Balkans) во Софија на кој присуствува и еврокомесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархеји.
Османи говореше на панелот „Придобивки од интеграцијата“ што го модерираше поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Фередика Могерини.
„Придобивките од интеграцијата во ЕУ се повеќекратни и ние ги живееме речиси 20 години, но тие треба да продолжат, да се негуваат и да се доведат на повисоко ниво – почеток на пристапните преговори, што ќе има поголем трансформативен и мобилизациски ефект“, рече Османи.
Тој порача дека евроинтеграцијата значи подобро справување со заедничките предизвици и уште поважно запечатување на припадноста во семејството на слободниот, демократски и прогресивен свет.
Форумот за односите меѓу ЕУ и Балканот (EU meets Balkans) е во организација на АЛДЕ – Алијансата на либерали и демократи за Европа, Атланскиот совет на Бугарија и Европскиот либерален форум и кофинансиран од Европскиот парламент.