НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025

Интервју со пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска: Ни треба повеќе храброст но не во ветувањата туку во исполнувањата

March 25, 2025

Subscribe to Updates

Get the latest creative news from FooBar about art, design and business.

НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Секој уметник се почувствувал и како Моцарт и како Салиери

0
By Marija Todorovska on May 21, 2024 ИЗБОР
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email

ТИНА ИВАНОВА

Колку ли само „салиериевци“ кружат околу уметничките кругови мислејќи дека ја играат главната улога во општеството? Колку ли „моцартовци“ ја смениле или размислувале да ја сменат професијата поради репресија, предрасуди, интровертност, неумешност во начинот на „лактање“ со властодржците, поради непрепознавање на талентот од страна на просечните или поради наметнатата урамниловка на културните дејци? Ова прашање е интригантно, се чини, откако почнала уметноста да цвета, особено на Западот. Но, барем мене ми е блиска неговата зачестеност, секако без прецизен одговор, во музичките кругови.

Верувам секој уметник се почувствувал и како Моцарт и како Салиери во одредени моменти од неговиот живот. Но, она што во последно време доби на интензитет, а за кое сведочат нашите генерации, е континуираното искачување на тронот на „салиериевците“ кои својата некадарност ја наметнуваат како врвна уметност. Некој некаде, оние „салиериевци“ кои ја симболизираат просечноста и потпросечноста, ги опиша како „вратари со пристап до врски и ресурси“. И навистина, секој од нас бил сведок на нивната моќ да завладеат со својата „умешност“, но не поради достигнувањата, секако, туку токму поради нивната интелигенција да се наметнат во едно општество како навивачи (на власта, на пример), како сојузници, како лажни помагатели, што исто така им дава некаква моќ, иако таа е сосем мала и кусо трае.

Денес „салиериевците“ се главните двигатели на културниот живот (со чест на исклучоците, нели), односно тие се нашите „светци“, нашите „заштитници на просечноста“

За жал, во македонскиот медиумски простор последниве години не постои уметничка критика, па оттаму ниту критична маса, значи не постои релеватно оценување на осредноста. Денес „салиериевците“ се главните двигатели на културниот живот (со чест на исклучоците, нели), односно тие се нашите „светци“, нашите „заштитници на просечноста“. Но, кога генијалноста е скриена поради тотално искривување на вредностите, а и дискутабилно е во денешно време кога често се зборува и за трансхуманизмот, што е тоа генијалност и дали постои, или дали и како се граничи со лудило (тоа е друга и опширна тема), тогаш е редно време на „салиериевците“ да им се даде севкупниот простор на уметничко и културно делување. Како што и се случува, впрочем, во средини каква што е нашата. Алберт Ајнштајн рекол дека големите души отсекогаш наидувале на противење од просечните умови, но, со оглед на тоа што медиокрететот како појава, како атмосфера,за многумина е најсигурната оаза за уживање и мир во душата, повеќе нема пркос. „Генијалците“ се тука, постојат, но се уморија искачувајќи ги скалилата постојано и постојано докажувајќи ја својата надпросечност, својот талент, своите маестрални способности (нешто што во нормално време не се докажува, туку препознава), па виткајќи ја опашката, не можејќи да се борат со огорчените што не се како нив, се сместија и тие удобно во својата затворена школка, чекајќи да дојде и нивната креативна апокалипса.

Просечните се „пријатели“, „доверливи“ луѓе, тие се ваши „ментори“, лукави суштества со бесмислена способност, експерти за сечење на идеи. Тие се уметнички егзекутори, арт-атентатори.

Но, и покрај тоа што владеат, „салиериевците“ не можат да ја сокријат зависта за талентот, потенцијалот и креативноста на генијалноста кај „моцартовците“. Тие „малечки“ луѓе нарекувајќи се уметници, дури и нивното творештво го сведуваат на попречување на судбината на генијалците и им отвораат гроб за нивна уметничка смрт, пред и самите да знаат дека тоа им се случува. Оти, просечните се „пријатели“, „доверливи“ луѓе, тие се ваши „ментори“, лукави суштества со бесмислена способност, експерти за сечење на идеи. Тие се уметнички егзекутори, арт-атентатори. Сето ова сме го виделе насекаде, сме го читале, доживувале. На пример, во драмското дело „Амадеус“ на Питер Шефер, подоцна истото насликано во истоимениот филм на Милош Форман, таа вечно присутна врска е прикажана на еден фасцинантен начин. Салиери, дворскиот композитор, откако го слушнал „божествениот глас“ на Моцарт, обземен од завист, решил да го уништи. Односот кон уметничкиот талент како тема е навистина привлечна, а Шефер ја обработува на начин на кој ја гледа од аголот на просечниот, од перспективата на Салиери. Неговата злоба поради генијалноста на Моцарт до степен да не постои на Земјата, го прави и главен осомничен за неговата смрт, па Моцарт станува судбинска жртва на сопствениот талент.

Моцарт и Салиери во филмот „Амадеус“ во режија на Милош Форман и сценарио на Питер Шефер.

А, кутриот Салиери, да не се појавел Моцарт, ќе уживал во слободата на креација, ќе имал почесно место во друштвото. Не ќе му станело името Моцарт (вулгарно и незрело генијално дете во своето нестварно себе), ноќна мора, болка, траума, доживотна казна, не ќе го видел неговиот надпросечен талент, не ќе бил сведок на тоа со каква леснотија неговиот „колега“ ги пишувал нотите на партитурата, како ја вадел музиката од својата глава така лесно, како откинување на пердув од птица, и колку таа, музиката, го радувала и го освојувала. Единствената дарба на Салиери, по појавата на Моцарт во неговото опкружување, и секако на сите „салиериевци“, е препознавањето на генијалноста на Моцарт, односно на „моцартовците“. Затоа што, токму тоа е дарбата по којашто тој копнеел.

„Генијалците“ се тука, постојат, но, се уморија искачувајќи ги скалилата постојано и постојано докажувајќи ја својата надпросечност, својот талент, своите маестрални способности (нешто што во нормално време не се докажува, туку препознава)

Бадијала е всушност, славата на просечните денес, бидејќи, тоа е тврдење и на светските психолози (синдромот „Моцарт-Салиери“одамна се изучува во психологијата), затоа што и покрај неа, тие знаат дека е лажна, привидна, моментална, инстантна, па оттаму, го немаат задоволството, го немаат душевниот мир и завршуваат во своевиден или дури и вистински санаториум. Нивната „мисија“ е да го продолжат овој начин на страдање и на нивните потомци. За жал. За волја на вистината, просечните и не се толку лоши уметници, диригенти, композитори, аранжери, пијанисти, виолинисти, и поради нивните страданија заслужуваат емпатија, бидејќи сепак, се трудат да создадат некоја конструктивна работа. Сочуство за тагата и борбата на обичниот, мал човек, бидејќи, на крајот, сите сме тоа. Медиокритети, ограничени и просечни, што е сосема задоволително во вакви малограѓански средини – да се биде златна средина која претставува сигурност, постојаност, зона на комфорот. Оти, во спротивно, на секое отклонување ќе му се наметнуваат дијагнози на ментални болести. За среќа, голем дел од „салиериевците“ не се свесни дека се тоа, па нивните деструктивни дејанија самите си ги оценуваат како уметничка продуктивност.

Да бидеме оптимисти дека ќе дојдат „шампиони“ кои ќе го осветлат небото над Скопје, на пример, без да им пречи чувството на одвратност спрема просекот

Во нашата медиокритетска средина со мноштво „салиериевци“, како повеќе да не се ни очекува појава на некои што ќе овозможат светот да се види во ново светло. Не дека не бликнуваат, но нивниот факел мошне брзо го засенуваат злосторниците, здружени да не им ја покрие некој нивната шарлатанска слава, која почива на темелот на имитацијата и лоповлукот, претежно, но, и на упорноста да се пробијат низ границите и на невозможното. Но, да бидеме оптимисти дека времињата, структурите, општеството, ќе се менуваат, па ќе дојде и време (повторно) кога вистинските креативци ќе имаат храброст своите идеи да ги спроведуваат без разлика на отпорот. Дека ќе дојдат „шампиони“ кои ќе го осветлат небото над Скопје, на пример, без да им пречи чувството на одвратност спрема просекот. Дека ќе дојде време на акт на побуна, бидејќи, пишува и Алан Шнајдер (директор на Центарот за истражување на умот во Сиднеј), во крајна линија, токму тоа претставува креативноста. Чин на отпор. Борба за својата идеја до крај, па и во времиња кога сите ќе се спротивставуваат на таквата идеја. Дека ќе дојде некоја генијалност, некоја уметничка исклучителност, бидејќи, според Кант, гениј може да биде исклучиво уметникот, не научникот, затоа што уметникот е оневозможен да ја објасни причината на раѓање на уметничкото дело. Или пак, можеби е сето ова само илузија, посакување да се оствари еден сон за некои нешта во уметничките кругови да го добијат својот заслужен, ама навистина заслужен пехар.

Специјално за Првата линија. Дозволено преземање само со писмена дозвола од редакцијата на Фронтлајн.
моцарт Салиери уметник
Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Чудо што го изненади светот – жена на 76 години за првпат стана мајка

August 4, 2025

Гром удри во фудбалери – 11 играчи повредени

August 3, 2025

Постапките на Трамп убиваат, а љубовта спасува животи“, кажаа на Парадата на гордоста во Амстердам

August 3, 2025

Потврдена е првостепената пресуда против претседателот на Република Српска

August 1, 2025

Германија ќе испорача два системи „Патриот“ на Украина како дел од договорот со САД

August 1, 2025
ФОКУС

Кијив: Повеќе од 400 напади, гранатирање на 10 населени места во Запорожје – тројца убиени

ВЕСТИ August 4, 2025

Во најновите руски напади извршени 405 напади врз 10 населени места во Запорожјето, а три…

Нови пожари над Богомила, кај Ваксинце, Дречевица и Грешница

August 4, 2025

Милановиќ ѝ забрани на хрватската армија да соработува со Израел

August 3, 2025

Честитки од државниот за Илинден

August 2, 2025

Претплати се на е-билтенот на НоваТВ

Добиј ги последните вести на твојата е-адреса.

CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2025 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.