Аналитичарот и новинар Сем Вакнин ја коментира актуелната состојба во Грција, дали се одржливи мерките кои таа треба да ги преземе за излез од кризата и како земјата ќе ги враќа долговите.
„Во понеделникот Ципрас беше принуден на договор под услови кои две недели претходно ги одби и кои беа одбиени и на ОХИ референдумот во Грција. Коалицијата на Сириза од 18 политички партии веќе се распаѓа откако две од партиите, една лева и една десна рекоа дека нема да ги поддржат условите за финансиска помош договорени од Ципрас на состаникот на еврозоната. Дали мерките ќе поминат во грчкиот парламент? Можеби да, можеби не.
Грците треба да излгласаат сериозни мерки кои вклучуваат реформи на пензинскиот систем, зголемувањет на ДДВ, менување на грчката статистичка канцеларија и многу други мерки.
До другата среда треба да поминат 179 други мерки што е нереалистично, а дури и да е реалистично не е сигурно дека ќе има политичка поддршка за ова. Во меѓувреме министрите за финансии од еврозоната треба да најдат некое преодно финансирање, некоја сума на пари која ќе и овозможи на Грција да преживее додека да поминат мерките и додека третата рата од помошта од 68 милијарди евра е договорена.
Дали ќе најдат преодно финансирање? Можеби да, можеби не. Тоа е нелегално според легислативата на еврозоната. А потоа доаѓа прашањето на националните парламенти. Мерките треба да ги одобри германскиот парламент, естонискиот парламент и уште 6 други парламенти од 8 треба да изгласаат „да“ за помалку од 3 недели за да одобрат пакет од 180 мерки и нови 68 милијарди евра кои ќе се одлеат од џебовите на даночните обврзници на земји од кои некои се многу посиромашни од Грција.
Дали овие парламенти ќе ги одобрат овие мерки? Можеби да, можеби не. Се виси во воздухот. Во оваа фаза Грција не го напушта еврото. Дали ќе го напушти? Повеќето од економистите во светот, вклучувајќи и добитници на Нобелова награда како Кругман веруваат дека ќе го напушти еврото. Повеќето од финансиските институции во светот како „Кредит Свис„ целосно веруваат дека ќе го напушти. И сите кредитни агенции во светот како „Стандард енд Пруст“ велат дека Грција најпосле ќе го напушти еврото. Но едно е сигурно, тоа нема да се случи сега. Дали ќе се случи подоцна?
Можеби да, можеби не. Единствено „можеби“ е сигурно. Па каде сме сега?
Грција можеби имала европско минато, но сега се соочува со сабсахарска африканска иднина. Грција е безнадежна и економски и политички. Да почнеме од фактот дека грчка економија не постои. 1.3 проценти од БДП од Грција отпаѓа на извоз споредбено со Германија кадешто 19 проценти од БДП-то отпаѓаат на извоз. Или споредено со Велика Британија или Италија каде 17 проценти се извоз. Грција не извезува. Нема производствен сектор, нема индустрија.
Порано имаа транспортна индустрија, но повеќе немаат. Грчката економија воглавно се состои од туристи и од малите продавнички кои ги услужуваат туристите. Тоа не е начин да градите економија. И бидејќи нема економија нема ни даноци. Грција собира 34 проценти од БДП-то во даноци, споредено со 38 проценти колку што е европскиот просек и 41 процент дури и во земји како Италија. Црната економија во Грција е повеќе од 25 проценти. Тоа не е начин да водите држава.
И поради несобирањето даноци има голем буџетски дефицит. До пред една година буџетскиот дефицит во Грција беше -8 проценти од БДП, понекогаш и -10 проценти. Поради мерките на штедење буџетскиот дефицит лани дојде до плус 1,5 проценти и потоа Ципрас беше избран и буџетот повторно е -5 во дефицит. Така што не постои буџет за да се финансираат инфраструктурни проекти, истражувачки и развојни проекти, да се гради индустријата. Сите пари одат за да се исплатат плати, пензии и други тековни трошоци.
Тоа не е начин да водите влада. И потоа е проблемот со големината на владата. Владата во Грција е 1 милион луѓе. 1 милион администрација од 11 милиони од коишто 6 милиони се под 25 години. Значи, 1 од 3 возрасни Грци работи за власта. 800.000 работат во централната власт, 200.000 во локалната власт. Тоа е комплетно неодржливо, тоа е од 3 до 5 пати повеќе од европскиот просек дури и во земји како Шведска каде што владата е поприлично голема. Така што, поврзете го сето ова заедно и изгледа дека Грција има сериозни структурни проблеми кои не можат да бидат решени со ниедна финансиска помош и ниедни краткорочни мерки. А тука се е и грчките банки. Тие имаат два проблем.
Едниот е дека се неликвидни. Со други зборови, тие немаат доволно пари да ги платат депозитите, тие немаат доволно пари да им дадат на луѓето. Затоа Грците денеска не можат да извадат повеќе од 60 евра дневно од банкоматите и тоа од оние 40 проценти од банкоматите кои се уште работат. Тие немаат пари за да им дадат пари на граѓаните кои ним им дале пари. Од друга страна, 40 милијарди евра ја напуштиле Грција од февруари до сега. Тоа го нарекуваме одлив на капиталот. Ако некој се залажува дека овие пари ќе се вратат назад, тогаш тој не ја познава Грција. Овие пари не се враќаат назад во догледно време, туку напротив, кога банките повторно ќе отворат можеме да очекуваме дополнителни 20 – 30 милијарди евра да ја напуштат Грција инстантно.
Другиот проблем е што банките немаат доволно капитал, не се солвентни. Колку капитал треба да имаат банките? Според Базелската капитална спогодба за банките да можат да оперираат без ризици, на грчките банки им требаат 60 милијарди евра. Повторувам, 60 милијарди, а не 25 милијарди како што е ветено со мерките за штедење. Дури и мерките да поминат, како што е ветено, парите за грчките банки не се доволни.
И на крајот, тука е грчкиот долг. Грците должат околу 340 милијарди евра. Дел од нив на други влади, дел на банки, фондови, индивидуалци и брокери кои купувале грчки државни обврзници.
Грчката влада им должи и на сопствените банки околу 11 милијарди евра и многу на приватни лица од Грција. Овие 340 милијарди евра треба да бидат вратени во следните 30 години. Помалку од 3 проценти од БДП одат за да се исплатат долговите. Не е голем товар. Но Грците инсистираат дека третина од овој долг треба да биде избришан. Тоа е невозможно согласно европските закони. Она што е возможно е тоа отплаќање да се одложи за 50, 70 или 100 години.
Тоа значи дека прапраправнуцита на Ципрас ќе плаќаат долг долго време по смртта на своите претци. А тоа секако не е начин да развивате една земја и да креирате раст долгорочно. Дури и сега, средствата што ги добива Грција од ЕУ и од еврозоната одат веднаш за отплата на долговите, ниту пени не е инвестирано во Грција и ниту пени не оди за ниедна друга цел освен за отплата на банките.
Според новите мерки кои се веќе договорени, Грција треба да продаде 15 милијарди евра имот, вклучувајќи го, како што велат и Акрополисот, за да го искористат профитот, погодете зошто – за да им платат на банките. Ситуацијата е лоша не затоа што нема пари, не поради политички одлуки, туку затоа што Грција не е економија, не е структуирана правилно. Единствениот пат напред за Грција да функционира е да ја напушти еврозоната. Тоа отвора можност, монетарни и фискални политики кои не и се достапни во моментов“, смета Вакнин.