Семејство македонски државјани, за кои утрово министерот за надворешни работи Бујар Османи објави дека се наоѓаат во најпогодениот украински град Харков, се на пат кон дома.
Информацијата преку Фејсбук ја сподели шефот на дипломатијата.
„Семејството Спирковски, од градот Харков, кое беше во најтешка состојба, со новороденче кое има само неколку дена, во моментов е дел од посебен безбедносен коридор на повеќе од 100 киломатри од градот и е на пат да ја напушти Украина. Тие се на безбедно и се во добра состојба. Очекувам во текот на денот да ја напуштат Украина и потоа со асистенција на нашата дипломатска мрежа, од соседството на Украина, ќе се воспостави нивниот транспорт до Скопје. Ова е најсложениот случај од процесот на евакуација. Продолжуваме понатаму во соработка со нашите партнери и сојузници, во обезбедување нови безбедносни коридори за евакуација на нашите граѓани од Украина“, пиша министерот Османи и додаде дека во Харков, градот кој е најпогоден со воени дејствија, во моментов нема пријавени македонски државјани.