Дождот не ја спречи Шарената револуција да излезе на улица. Граѓаните и денес го продолжуваат протестот. Тој денес се одвива под мотото “За конечно повлекување на Иванов”.
За денес демонстрантите донесоа кукли на кои се залепени ликовите на екс премиерот Никола Груевски, екс министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, екс шефот на УБК Сашо Мијалков и Мартин Протогер. Куклите се облечени во затворски алишта, портокалови или на пруги.
“За сите криминалци ќе има затворска облека!” напиша Шарената револуција на својот ФБ профил.
Шарената револуција вели дека денес протестот ќе се задржи пред Собранието.
Демонстрантите денес го боеа Министерството за правда:
Потоа стасаа пред Триумфалната порта и ги тргнаа белите платна ставени за да се скријат боите на Шарената револуција. И напишаа “Ова ќе биде Триумфална порта” и “Срамот не се покрива”.
Движењето Протестирам напиша дека по една година преговори “оваа криза со преговори не се решава, затоа што со криминалци не се преговара. Оваа криза се решава само и исклучиво на улица!
Од оваа борба нема откажување! Нашиот избор е тоталитарно мракобесие или улица. Ние ја одбираме улицата и затоа ви порачуваме: раскомотете се, ова ќе биде пеколно лето!#Протестирам полека ќе станува #блокирам, #окупирам и секојдневно го #менувам системот!”, вели Протестирам и додава дека ги повикува сите граѓани, “особено до оние кои сѐ уште не се вклучиле во протестите, да се вклучат – тоа да го сторат на начин на кој што знаат и умеат и да ја врамат пораката како што тие мислат дека треба! Никој нема монопол на оваа борба, таа е на сите, насекаде и на долг рок!”