Шпанската разузнавачка агенција ЦНИ призна дека ги следела телефоните на 18 каталонски сепаратисти, вклучително и регионалниот претседател Пере Арагонес, користејќи го израелскиот софтвер „Пегазус“.
Директорката на ЦНИ, Паз Естебан на денешната парламентарната комисија покажа судско овластување за секој од случаите, информира весникот „Ел паис“.
„Аферата, која беше наречена „Каталангејт“, ја загрозува стабилноста на малцинската влада на премиерот Педро Санчез“, коментира ДПА.
Левичарската каталонска партија ЕРЦ ја доведе во прашање нејзината поддршка за владата на Санчез поради аферата и повика на истрага.
Неодамна беше објавено дека „Пегазус“ бил пронајден и во мобилните телефони на Санчез, министерката за одбрана Маргарита Роблес и министерот за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка.
Естебан не даде никакви информации во врска со ова.
Шпанските медиуми шпекулираат дека зад оваа акција би можело да стои Мароко.
Според владата во Мадрид, од телефонот на Санчез биле украдени околу 3,6 гигабајти податоци.