Дипломатскиот скандал кој го доби надимакот „Sofagate“ ги преплави медуимите и социјалните мрежи минатата недела. Се работи за инцидент кој носи сексистички импликации: На официјалниот состанок помеѓу ЕУ и Турција немаше стол за претседателката на Европската Комисија, Урсула вон дер Лајен, додека имаше столови за турскиот претседател, Реџеп Таиб Ердоган, и за Чарлс Мишел, поранешниот премиер на Белгија кој е сега претседател Европскиот Совет. Бидејќи немало стол за вон дер Лајен, таа седнала на троседот (на англиски „sofa“) во собата од каде што потекнува надимакот на скандалот.
Главната критика на овој инцидент беше насочена кон Ердоган кој многумина сметаа се однесуваше сексистички на овој официјален состанок бидејќи иако вон дер Лајен и Мишел имаат различни титули во Европската Унија, тие всушност имаат ист ранг. Особено во контекстот што на состанокот требало да се дикутира повлекувањето на Турција од Истанбулската Конвенција — меѓународната правно обврзувачка конвенција за превенција и борба против насилството врз жените и против домашното насилство – различниот третман на вон дер Лајен изгледаше посебно сексистички.
Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, пак, сметаше дека оваа критика е „екстремно нефер“. Тој проба да ја префрли вината кон ЕУ и изјави дека „Протоколот што се применува за време на состаноците е во согласност со меѓународните протоколарни правила, како и светски познатите традиции на туристичко гостопримство.“
Метју Карничниг пишува за Politico дека Европската Унија ја „заслужува софата на Ердоган“. Карничниг пишува дека инцидентот главно се работеше за моќ, а не за непочитувањето на жените, напоменувајќи дека германската канцеларка Ангела Меркел никогаш не била седната на софа бидејќи Ердоган ја сфаќа нејзината моќ сериозно за разлика од таа на вон дер Лајден и Мишел. Карничниг исто така смета реакции за инцидентот делумно се засноваат на фактот што Ердоган е муслиман – нешто што европјаните кои пишуваат за настанот го преќутуваат иако е присутно.
„Европејците може да го поддржат својот гнев во врска со однесувањето на Ердоган кон фон дер Лајен со вокабуларот на феминизмот, но подтекстот е непогрешлив за секој што е запознаен со анти-исламските сентименти што го преовладуваат во европското општество. За многу европски очи, Ердоган не се однесуваше само кон вон дер Лајен со непочитување, седнувајќи ја на софата, туку тој се справи со неа како што „тие“ [муслиманите] се справуваат со сите жени,“ пишува Карничниг.
Сепак, Ердоган не беше единствениот политичар кој беше обвинет за сексизам. Скоро 7 000 луѓе ја имаат потпишано петицијата (меѓу кои и белгиски пратеници) која бара оставка од Чарлс Мишел. Потписниците сметаат дека претседателот на Европскиот Совет не смеел така да се однесува особено кога женските права се во прашање и сметаат дека направил голема грешка во полето на дипломатијата – нешто со што можеби и би се сложил Турскиот министер за надворешни работи Чавушоглу. Мишел иницијално не се извини за инцидентот и не превзема одговорност, но подоцна ја призна својата грешка велејќи дека длабоко жали за ситуацијата.
Двата најголеми блокови во Европскиот Парламент – козервативниот European People’s Party (EPP) и центар-левите Социјалисти и Демократи (S&D) – дури сакаат да имаат јавна дебата за инцидентот до крајот на месецот.
Сепак, дури и со толку медиумски фокус малку внимание се обрна на главната тема која се дискутираше на состанкот: продолжувањето на договорот од 2016тата година кој ЕУ го има со Турција за мигрантите кои пробуваат преку Турција да стигнат до европските држави каде што тие би аплицирале за азил. За да го спречи движењето на голем број бегалци и мигранти накај ЕУ, Турција доби 6 милијарди евра од страна на ЕУ и сега тој договор е дополнително продолжен. Овој договор имаше крајно негативни последици за мигранти и бегалци кои беа приморани да останат во Турција каде повеќето (сириски) бегалци не добиваат дозволи за работа и се приморани да влезат во „сивата економија“ каде што се често експлоатирани. Договорот со Турција беше критикуван и од различни организации за човекови права, меѓу кои и Amnesty International, како крајно нехуман бидејќи во Турција нема соодветни услови за престој на голем број бегалци и Турција не дава официјален статус за азил на бегалци кои не од Европа (во Турција практично сите бегалци не се од Европа). Продолжувањето на овој договор праќа порака за чии човекови права не се важни и ги става по знак прашалник таканаречените „европски вредности и принципи“.
Инцидентот и целото медиумско винамние кој го доби поставува уште неколку клучни прашања: Дали политичарите од ЕУ, како Чарлс Мишел, стварно веруваат во „европските вредности“ кога на состанок каде што треба да дискутира Истанбулската конвенција тие не ни можат да изразат солидарност во нивните колешки? Дали, пак, огромниот фокус кој го доби Урсула вон дер Лајен е еден вид лажен феминизам каде третманот кој го доби една моќна европска жена стана поважен од самите политики кои таа политичарка ги поддржува и во овој случај од животите на маргинализираните бегалци? И секако, каков симбол ќе стане Ердоган за Европа по овој состанок?
Елена Гаговска