Автор на текстот: Тања Милевска
Синот на Жералдин Енегиен заминал за Сирија кон крајот на 2013 година. Неговата смрт и била соопштена преку смс во февруари 2015 година. По дипломата од средно и колебајќи се дали да почне универзитетски студии, младиот човек се обидел на најде работа. Но работа не наоѓал поради слабата квалификација и, се сомнева мајката, поради неговото потекло и името – татко му е Мароканец. Тогаш се појавиле првите никулци на радикализацијата.
Малечката белгискa општина Моленбек, тажно славна поради полициските претреси за растурање на теористичките ќелии поврзани со атентатите во Париз, и нејзините жители тешко се справуваат со светското медиумско внимание со кое се соочуваат.
И додека специјалните сили ја претресуваа куќата број 47 на улицата Делонуа во потрага го Салах Абдеслам, осомничен дека учествувал во париските атентати, соседите се собираат околу новинарите дојдени од целиот свет.
“Јас не и верувам на оваа приказна. Зошто некој џихадист би се криел овде? Овде во Моленбек добро живееме, политичарите сакаат да создадат лоша слика за општината и баш им е гајле за нас”, раскажува за Еквал Тајмс една 40годишна жена тргната во посета кај пријателка која живее во улицата затворена од полицијата.
Истиот тон доаѓа и од другите соседи.
Помладите се очигледно иритирани од новинарите кои, според нив, се одговорни, исто како и политичарите, за манипулирање на јавноста и охрабрување на исламофобијата.
Малу, една сосетка, вели дека го знае Салах Абдеслам. За неа е “невозможно” дека тоа момче “љубезно и добро воспитано” може да има било каква врска со насилниот исламизам. Иако е познато дека неговиот брат Ибрахим се разнесе со експлозив во кафетеријата “Комптуар Волтер” во Париз и повреди три лица.
Неговото семејство е убедено дека тој немал намера да убие: “можеби е тоа стрес”, изјавил член на фамилијата.
Белгија, шампион на заминувањата во Сирија
Човекот за кој се верува дека е мозокот на атентатите од 13 ноември, Абделхамид Абауд, потекнува од Моленбек. Борец во организацијата Исламска држава, Абауд е еден од оние 500 белгиски џихадисти кои заминале за Сирија или Ирак за да ги засилат редовите на Исламската држава.
Пропорционално според бројот на населението, Белгија е европската земја од која доаѓаат најголемиот број странски борци во овие две држави.
Оваа присилна радикализација која ги тера младите да станат борци на оваа организација е релативно нов феномен за кој се уште никој не може да каже дека ги знае корењата и причините.
Во надеж дека ќе успее подобро да го одгатне овој феномен, една работна група на Обединетите Нации за борците платеници дојде во Белгија во октомври. Овие експерти се сретнаа со повеќе политичари, семејства, здруженија, социјални работници и верски лица.
Нивниот финален заклучок ќе биде објавен во првиот семестар на 2016 годиуна но неколку забелешки можеа да се слушнат во текот на нивната посета.
Во разговор за Еквал Тајмс, Патрициа Ариас, правник од Чиле и член на работната група, признава дека “феноменот е толку нов што одвај сега почнуваме да го бележиме, се уште не можеме да определиме политика или мерки бидејќи феноменот постои два или три години, не повеќе, а тоа е многу кусо за да може да се разбере овој социјален феномен”.
Во бриселската општина Скарбек, која го има истиот проблем, жената која работи на проектите за присилна радикализација и која сака да остане анонимна, потврдува дека “констатациите од теренот не се доволно бројни за да може да се направи типологија” на причините кои ги тераат младите да одат да се борат.
Сепак, постојат редица фактори како “потребата за возбуда”, потрагата по социјални врски, нанесените неправди. Или членување во радикални групи или пак други катализатори како траумите, смртта на близок, радикализиран член на семејството или меѓународен настан. Сите тие елементи “можат да го турнат лицето во таа насока”, објаснува таа.
Соговорничката се согласува дека “генерално, станува збор за лица кои чувствуваат фрустрација и незадоволство во однос на некои аспекти од нивниот живот, општеството или политиките. Чувството на фрустрација е значаен активатор”.
Наспроти предрасудите, сепак, анализите покажуваат дека “лицата кои одат да се борат доаѓаат од социо-економски категории кои поодбро стојат од просекот”. Всушност, едно лице кое финансиски го издржува своето семејство има помалку шанси да им се придружи на џихадистичките групи. Истата анализа покажува дека радикализираните и насилни лица имаат повисоко ниво на образование, додава нашата соговорничка.
За групата од Обединетите Нации се уште е прерано, за време на прелиминарната истрага, да се скицира портрет-тип на “присилно радикализираниот”. Тие набројуваат повеќе причини за заминувањата кон Сирија. Покрај потребата за авантура, желбата да се биде прифатен или верските убедувања, се среќаваат и хуманитарни причини и желбата да му се помогне на сирискиот народ.
Топовско месо
Тоа е случај со синот на Жералдин Енегиен чие што име таа не сака да го каже, кој заминал за Сирија кон крајот на 2013 година и чија што смрт и била соопштена преку смс во февруари 2015 година.
По дипломата од средно образование и колебајќи се дали да почне универзитетски студии, младиот човек се обидел на најде работа. Но работа не наоѓал поради слабата квалификација и, се сомнева мајката, поради неговото потекло и името – татко му е Мароканец – , па тогаш се појавиле првите никулци на радикализацијата.
Од една страна “се чувствуваше навистина дискриминиран поради мароканското потекло, и на школо и кога бараше работа”, а од друга страна тука беа и масакрите во Сирија. “Тој имаше потреба да најде место во општеството, да не се чувствува отрфлен”.
“Ништо не забележавме се до две недели пред неговото заминување”, раскажува Жералдин која веднаш и се јавила на полицијата во надеж дека таа ќе го спречи да замине. “Но тие ништо не можеа да направат бидејќи беше полнолетен”.
Додека беше во Сирија сите негови комуникации беа контролирани и набљудувани од страна на хиерархијата на Исламската држава. “Имавме право да зборуваме само за две работи: вести од семејството, за тоа зборуваше пред се со сестра му и со мене. И потоа тој не критикуваше затоа што не бевме добри муслимани и ни велеше дека треба и ние да му се придружиме во Исламската држава а тие разговори ги водеше пред се со татко му”.
Еден ден Жералдин добива повик од синот, повик што и ја враќа надежта: “Мамо, ако решам да се вратам, можеш ли да ми ја платиш авионската карта? Но ако се вратам знаеш дека ќе морам да одам во затвор”. Мајка му ветува дека ќе му купи карта за било која дестинација. Но надежта била кратка.
“Неколку часа подоцна пак се јави да ми каже дека всушност се е во ред и дека ќе остане таму. Типовите од Исламската држава очигледно го слушнале”. За Жералдин, влегувањето на редовите на Исламската држава наликува влегување во секта. Младите заминуваат полни со идеали и брзо сфаќаат дека се во стапица на опасна и мафијашка структура, особено младите од Западот кои немаат никаков тренинг и воено искуство.
“Нашите деца им служат за топовско месо”, заклучува Жералдин.
Смртта на синот и била најавена студено преку порака, најверојатно од некој од водството на Исламската држава. Девет месеци подоцна, таа се уште не успева да сфати дека синот е мртов бидејќи нема тело и нема погреб.
Со други родителите таа креирала здружение “За загрижените родители” која се обидува да стане важен соговорник кај властите и да се заложува за семејствата но исто така да сензибилизира во училиштата и квартовите.
Соработката со властите не ги задоволува очекувањата на семејствата ниту пак експертите по ова прашање.
Отворен е бесплатен телефонски број кој не е многу функционален, вели Жералдин.
И Фабрис де Керков, одговорен за проекти во Фондацијата Крал Бодуен, кој работи со семејствата кои имаат допир со радикализацијата и заминувањата во Сирија, е загрижен.
Друг деликатен проблем е враќањето на овие “странски борци”. За семејствата на овие луѓе не е лесно да прифатат дека нивните деца, сопрузи или татковци треба да одат во затвор откако веќе минале низ опасни моменти кога бегале од Исламската држава а за социолозите и правниците прашање е деликатно.
Фабрис де Керков смета дека е потребна “промена на софтверот” за младите кои се враќаат бидејќи тие навистина ја напуштиле Сирија но тоа не значи дека се “де-радикализирале”.
“Треба да се прави разлика помеѓу безбедносните причини и нивното ментално здравје. Често е доволно да се биде осомничен за тероризам за да се најдете во притвор а тоа придонесува за радикализација. Освен тоа, тие се често сомничави кон институциите и трауматизирани од она што го виделе или што го правеле. Една судијка ми рече дека била исплашена од деградираноста на менталната состојба на тие млади кои се враќаат од Сирија. Но истовремено треба и безбедност во општеството”.
Прашањето кое ја загрижува работната група на Обединетите Нации е една од клучните препораки која од белгиските власти бара ресоцијализација на борците што се враќаат од Сирија.
Групата констатира “недостиг на програми за реинтеграција и структури на рехабилитација” за оние кои се враќаат и го цитира данскиот модел “Аархус”, систем на тутори кој е релативно скап.
Во овој период на штедење и безбедносно повлекување во себе на државите по атентатите во Париз, ова прашање останува голем предизвик.
Текстот е објавен вчера на сајтот Equal Times (http://www.equaltimes.org/?lang=en) на англиски, француски и шпански јазик.