Сите четири лица во американскиот воен авион кој вчера се урна во северниот дел на Норвешка за време на воената вежба „Ладен одговор“ , загинале, соопшти полицијата во Осло, пренесува Ројтерс.
„Колку што знаеме, сите четворица се од американска националност“, соопштија од полицијата. Премиерот Јонас Гар Стоере на Твитер објави сочувство за, како што рече, смртта на четворицата Американци.
Авионот MV-22B Osprey кој припаѓа на американскиот маринци учествуваше во вежбата наречена „Ладен одговор“.
Спасувачките служби стигнаа до местото на несреќата по копно, рано изутринава, откако хеликоптерите не можеле да слетаат поради лошите временски услови.
Според локалните временски прогнози, дувале силни ветрови, врнеле обилни дождови и постоел ризик од лавини, пишува Ројтерс.