На една сообраќајка која се случила навистина, со двајца повредени, лепат уште петмина што воопшто не биле во сообраќајката.
Околу 50 лица од Тетово со признание на вина се осудени за измама кон осигурителни компании преку повреди во сообраќајки кои ги немале. Истражувањето на „Слободен печат“ открива дека заедничко за сите нив е тоа што отштетните побарувања кон осигурителните компании се врз основа на медицински извештаи со невистинита содржина, испечатени од една адреса – ЈЗУ Клиничка болница Тетово.
Дел од сообраќајките навистина се случувале, но покрај оние што навистина биле во автомобилите и кои навистина имале скршеници и тешки телесни повреди, имало и придодадени луѓе, чија основна цел била да се преправаат дека биле во сообраќајките, да добијат лажни лекарски уверенија од Клиничка болница Тетово (што и се случувало), па потоа со таквата лажна медицинска документација да бараат отштета од осигурителните фирми.
Токму осигурителните друштва биле иницијатори да им бидат вратени паричните средства, затоа што забележувале чудни ситуации – преголем број повредени лица во „лесни“ сообраќајки. Досега, според доброупатени извори со кои разговараше „Слободен печат“ во тетовското јавно обвинителство, со признание на вина вратени се околу 5 милиони денари во касите на осигурителните фирми а има и тековни предмети со ист модус операнди.
Сите 5 милиони денари во различните случаи, биле исплаќани од страна на осигурителни друштва на трансакциски сметки како „отштета“ за луѓе што не биле во сообраќајките туку глумеле жртви за финансиски надомест.
Бидејќи во судница признавале вина, постапката тука завршувала – односно не се барало од нив да објаснуваат каква е мрежата и кој е вклучен во неа. Во тетовската болница дури и по сугестија на јавен обвинител, почнале да дежураат двајца полициски службеници – да контролираат какви „падобранци“ се накалемуваат на сообраќајките.
Лекарските извештаи се со различна содржина,но најчеста е дијагнозата S00, за луѓе што најверојатно само ги позајмувале своите лични податоци во шемата за извлекување на пари преку измами. Но, кој од тетовската клиничка болница учествува во оваа измама не е познато, со исклучок на еден лекар кој е веќе осуден. Станува збор за специјалист по општа хирургија и трауматологија кој им издал невистинито лекарско уверение на 6 лица. Осуден е во септември 2024 година, да плати 100 дневни глоби. На тие невистинити лекарски уверенија кои им ги издал на лажните пациенти „за добиени телесни повреди од сообраќајка“ го ставил факсимилот на друг доктор од тетовската болница. Врз основа на невистинитите лекарски уверенија, шесте лажно-повредени склучиле спогодби за нематеријална штета од осигурителни компании иако биле здрави и прави.
Истиот специјалист по општа хирургија осомничен од МВР во нова кривична пријава
Неделава СВР Тетово поднесе нова кривична пријава за истиот специјалист по општа хирургија од тетовската клиничка болница. Според пријавата, тој во својство на лекар во Клинички центар Тетово во 2021 година креирал медицински извештај со невистинита содржина за наводни телесни повреди настанати во сообраќајни несреќи на име на две лица, а со цел обештетување од осигурителни компании. Потоа адвокат ги доставил до осигурителна компанија за наплата на 680 илјади денари нематеријална штета.
Имало и посредник кој ја доставувал фалсификуваната документација до адвокатот а и ги подигнал парите од банка во Тетово пуштени на сметка на еден од лажните повредени. Последни осомничени според оваа кривична пријава се двајца – кои и покрај тоа што знаеле дека не им следува нематеријално обештетување по однос на сообраќајни незгоди, ги отстапувале нивните лични податоци за да се фалсификува на нивно име со што сите заедно ја оштетиле осигурителната компанија за 680 илјади денари.
Документацијата во која имаше увид „Слободен печат“ за веќе завршени судски постапки од овој калибар, посочува една адреса за штанцање на овие документи, а тоа е Клиничкта болница Тетово, поконкретно амбулантата за хируршки болести. Истрагата што ја водело Јавното обвинителство Тетово укажува на тоа дека во неа се вклучувале и Државниот здравствен и санитарен инспекторат и Лекарската Комора.
Обвинителството сакало да ја фати целата мрежа да ги открие и посредниците и лекарите и адвокатите и начинот на кој се изнаоѓаат лажните повредени да отстапуваат свои лични податоци со цел да им бидат вадени невистинитите лекарски уверенија. Но, мрежата не е фатена. Сепак, создаден е ефект на ладење, поради тоа што во болницата почнало да се внимава и фалсификаторите ги намалиле активностите.
Само во еден случај во кој имавме увид за двајца лажно повредени, од амбулантата во тетовската болница издадени се 9 медицински извештаи. Во судската постапка, вештакот и раководител на одделот за судска медицина, доктор Аритон Ракипи утврдил дека „ако навистина обвинетите се здобиле со овие повреди – со скршеници, тогаш во двата случаи би имало потреба да бидат во гипс, што не било случај кај овие обвинети“.
Едниот од осигурителната компанија „Триглав“ добил 210 илјади денари а другиот 350 илјади денари по основ на нематеријална штета. Двајцата на суд признале дека „ниту имале тешки повреди во вид на скршеници, ниту им бил ставен гипс, ниту биле во Клиничка болница Тетово освен на денот кога се случила сообраќајката“. Но, не ни објасниле со кого соработувале и кој се е вклучен во шемата за изнуда на пари со лажни медицински документи издадени од државна болница. По методот „признај и бегај“ завршил овој судски случај.
„Пациентот не е мој, дијагнозата не сум ја напишал јас, потписот не е мој“
Во една од сообраќајките со лажни медицински извештаи печатени во Клиничка болница Тетово издадени на име на специјалистот З.С., тој тврдел дека пациентот што извлекол 380 илјади денари од осигурителната компанија „Триглав“ не е негов, дијагнозата не ја напишал тој, а и потписот ставен на медицинските извештаи не бил негов.
Сообраќајката се случила на патот Гостивар-Чегране. Возилото „опел корса“ било осигурано од автоодговорност. Ваквиот вид осигурување е задолжително и се склучува при регистрација на моторните возила. Целта е да се обезбеди заштита во случај на штета нанесена на трети лица и предмети, така што трошоците кои инаку би требало да ги плати сопственикот на возилото, ги надоместува осигурителната компанија.
Во сообраќајката имало четворица сопатници. Едниот од нив М.М. преку адвокат побарал од „Триглав“ надомест за осигурување од автоодговорност и исплатени му биле 380 илјади денари. Но, М.М. бил осуден за измама и за фалсификување, не се појавувал на рочиште иако бил уредно повикан, а медицинските документи што му ги издала Клиничка болница Тетово, сите биле фалсификувани.
Според информации на „Слободен печат“ 8 специјалисти од Клиничка болница Тетово, веќе се обратиле во обвинителството, носеле пасоши и покажувале печати во нив, за да ги уверат истражителите дека некој во нивно име издава лажни медицински уверенија и пишува дијагнози додека тие не се на работа. Никогаш не е откриено кој ги издал медицинските извештаи со невистинита содржина и дали уште оперира во државната болница во Тетово. „Слободен печат“ го праша актуелниот директор на Клиничка болница Тетово доктор Агим Бериша како се чуваат печатите на специјалистите во болницата што ја раководи.
-Секој доктор го чува кај себе или во неговата канцеларија, ни изјави тој.
Државниот здравствен и санитарен инспекторат ја проверил медицинската документација од Клиничка болница Тетово и констатирал дека „во системот Мој Термин податоците за пациентот се недостапни и не постои податок“ а според изјавата на доктор З.С. чиј потпис и факсимил стојат на медицинската документација се констатира дека истиот изјавил дека потписот не е на докторот, пациентот не е негов и дијагнозата не е напишана од негова страна.
Но, јавна тајна е дека печатот на специјалистот шета од рака во рака кај специјализантите и дека неговата употреба не само во клиничката болница Тетово, туку и во бројни државни јавноздравствени установи е неконтролирана. Очигледно е дека факсимилите во Клиничка болница Тетово служеле и за верификување непостоечки медицински дијагнози и за извлекување пари преку осигурителни компании. Сите четири медицински извештаи благодарение на кои „пациентот“ М.М. извлекол 380 илјади денари од „Триглав“ биле издадени од амбулантата за хируршки болести во тетовската болница, со злоупотреба на лекарот З.С.
Побаравме разговор и со директорот и со специјалистот З.С., но не бевме примени со образложение дека се презафатени.
Чудни сообраќајки со пешаци
Во друг предмет две лица од тетовскиот суд се правосилно осудени за фалсификување и измама кон осигурителна компанија, на истиот начин – биле пешаци во сообраќајка, но потоа кога била направена проверка во „Мој Термин“ во Тетовската болница, ги немало заведени. Двајцата заедно се задолжени да вратат 660 илјади денари што ги стекнале без основ.
За лицето Ф.О од увидот во амбулантскиот дневник било констатирано дека пациентката ја посетила болницата на 15 јануари 2021 година, под реден број 609 со дијагноза S00, при што во забелешката не бил евидентиран докторот што го извршил прегледот, а извештајот од рентген наодот не бил заведен во амбулантскиот дневник. Исто така, за лицето Џ.О. од увидот во амбулантскиот дневник за сообраќајни незгоди била евидентирана само една посета од 15.10.2021 година под реден број 610 исто со дијагноза S00 со забелешка дека е без податок за докторот кој го прегледал пациентот, а и во одделот за рентген дијагностика извештајот не бил заведен во дневникот за рентген услуги. И за двете лица во електронскиот систем „Мој Термин“ евидентирано е дека не постојат електронски записи, пишува во пресудата.
За сите судски постапки се вклучувал и Државниот здравствен и санитарен инспекторат и Лекарската комора на Македонија, од кои Обвинителството во Тетово барало да врши вонредни инспекциски надзори. Но, лекарите од болницата велеле дека некој и нив ги злоупотребил, дека лажните лекарски извештаи од „Мој Термин“ врз основа на кои се цеделе буџетите за отшета не биле потпишани од нивна страна, а таму каде што имало факсимил, дека некој го ставил печатот во нивно име. Пошироката мрежа на лекари, посредници и евентуално лица од други органи за воспоставување на редот не е откриена, но создаден е ефектот на „ладење“ – криминалната групација барем во последните 6 месеци повеќе не оперира во Тетово, откако лажните жртви почнале да „паѓаат“ еден по еден во судница односно да признаваат вина.
На голем дел од овие неверодостојни медицински извештаи немало потписи од лекарите, или таму каде што ги имало – тие тврделе дека не се нивни. Разгледавме и документација каде во една сообраќајка се пријавени 8 повредени, но тетовското обвинителство прифатило само тројца од нив како вистински повредени. Интересно е што од сите петмина одбиени, ниту еден не се јавил да праша зошто не се води како оштетен и ниеден не бил достапен на мобилните телефони.
-На една сообраќајка која се случила навистина, со двајца повредени, лепат уште петмина што воопшто не биле во сообраќајката, велат нашите доброупатени извори кои учествувале во истрагите.
Шемата им станала сомнителна на органите на прогонот, зашто почнале да добиваат многу предмети со преголем број на повредени, а состојбите на возилата не соодветствувале на „тешките скршеници“ што ги пријавувале оштетените. Со други зборови, автомобилите само биле „чукнати“, а повредените биле со тешки контузии.
Се чекааат и извештаи од вештачења на возила во неколку сообраќајки за кои постои сомнеж дека се фингирани. Органите на прогонот стануваат исклучително свесни дека има мрежа која оперира во ова поле, па ако во минатото за кратко време се сработувале предметите со сообраќајни незгоди, сега се отвораат „четири очи“ – се вршат вештачења, се разгледува детално медицинската документација, се повикуваат лекарите на распит.
Поради ова и во болницата почнал да се создава отпор, односно лекар попрво да сака да изведе операција отколку да прегледа некој што му доаѓа од наводна сообраќајна незгода. Некои од оштетените пак, на разговор кај обвинител тврделе дека навистина имале сообраќајка, ама ниту биле тешко повредени, ниту сакаат отштета“ и не им е јасно зошто такви медицински документи за нив биле издавани од болницата кога дома биле ипсратени само со „бедоксин“ за смирување.
Осигурителните компании пак, засилено бараат од Државниот здравствен и санитарен инспекторат да им ги проверува медицинските документации поднесени за отштета и не ги исплаќаат парите однапред без проверка.
Во овие 50 осудени лица со невистинити медицински извештаи има и такви што не се регистрирани во „Мој термин“ а правени им се еден куп иследувања прикажани на документите од тетовската болница со невистинита содржина.
Во еден предмет, дури 13 лица што лажеле дека се повредени во сообраќајки признале вина а докторот што им фигурирал на лажните медицински документи од Клиничка болница Тетово, изјавувал дека не работи со фрактури и не го употребува својот факсимил на одделот за трауматологија.
И Државниот здравствен и санитарен инспекторат утврдил дека повредите не постојат во дневникот за сообраќајки кој задолжително се води во болницата. Ова кривично дело не е лесно препознатливо, што било причина осигурителните компании без проблем да склучуваат спогодби мислејќи дека си имаат работа со вистински повредени лица од сообраќајки. Но, кога почнале со проверките наидувале на банални ситуации – или „повредените“ ги немало во „Мој Термин“, или не биле евидентирани во дневници, или биле заведени со сосема друга полесна дијагноза, а медицинската документација не била издадена од докторите за кои пишувало дека ја издале.
Текстот е сопственост на Слободен Печат