И што да се каже после целиот скандал со Пешевски- тепањето на Саше Политико? Што да се каже после повикот на ВМРО-ДПМНЕ дека “следниот пат, и СДСМ и платениците како Политико и слични на него треба да бидат свесни дека ќе се носат со последиците кои се резултат на било кое загрозување на приватност, слобода и права кој секој поединец и субјект независно од функцијата која ја поседува.” Што да се каже а човек да не заплаче над судбината на Договорот од Пржино, кој после, колку беа- ни 10 часа откако беше потпишан, ВМРО-ДПМНЕ јавно покажа дека како и обично, третманот му е на ниво на тоалет-хартија, ако треба, измачкана со крв.
Па ве молам, овој потпис на Договорот всушност е ставање печат на сите катастрофални (најблагиот збор е ова) оценки претходно дадени од Прибе, меѓу кои и стои: “Медиумската криза ги лишува новинарите од нивната способност да работат професионално и без страв, а медиумските сопственици и приватни огласувачи ризикуваат политичките сили да им се одмаздат доколку не ги поддржат нивните агенди. ”
Каква врска има ВМРО-ДПМНЕ со ова? Зошто неговите министри не би тепале новинари кога никаде тоа не го пишува како забрана од страна на Прибе и ЕУ? Дали Прибе во Извештајот Кој липа Над Македонија напишал дека новинарите се плашат дека Пешевски ќе ги претепа? Нормално дека не, затоа што на Прибе на памет не му паѓа дека после затворски казни за новинарите како Кежаровски и загинување под сомнителни околности како Никола Младенов, значи не му паѓа на памет дека следното е тепање на новинари баш од вицепремиери. Просто, Прибе знаел дека до таму е работата, ама едноставно немал појма кој е следниот силеџија, за да го спомне во Извештајот баш со име и презиме Пешевски.
И дополнително, каде во Извештајот стои дека следниот пат, како што погоре се заканува ВМРО-ДПМНЕ, е забрането сите да изедеме ќотек? Каде пишува Прибе, покажете ми црно на бело, дека е недопустиво да се тепаат новинари, дал од Пешевски, дал од некој друг министер во Владата на Груевски, дал од некој случаен минувач, охрабрен од она што го чул на некоја од нивните телевизии, дека треба да не сотрат ако ги прашаме политичарите било што како новинари?
Погледнете дополнително демократите од ВМРО-ДМПНЕ што напишале за тепањето на Саше Политико од страна на Пешевски: “За вакви случаи треба да се применат методи и техники кои се реализираат во сите слични случаи и примери застапени во западните демократски земји,“ се вели во партиското соопштение.”
Точно така, поштовани Груевски, Пешевски и останати високи функционери во ВМРО-ДПМНЕ, по примерот на западните демократии, удрете, мавајте, сотирајте, фрлајте во ендек новинари.
Како што е познато, секојдневно барем двајца министри тепаат новинари во Франција, додека Оланд мудро молчи, гледа Иванов дека собира калинки низ годините, како што всушност и му личи на еден претседател. А, да, во Англија барем еден министер има пекара и слаткарница (жалам Пешевски, но да не мислеше дека имаш приватен Институт за политички науки? или можеби дека имаш акции во некоја приватна компанија која лансира нобеловци по нуклеарна физика?) кој како Пешевски со саати се клати на столицата пред дуќанчето (драгиот Велија би рекол- ситна роба, дуќанчина), да го гледа цел свет како му ги троши парите и ништо под милим богом не работи за тоа што е платен и за тоа што се заветил – да му служи на народот и ништо помалку и повеќе од тоа.
Да му се каже ли на Пешевски етимолошкото значење на зборот министер? Латински: “inferior, servant”, за преводот нашиов силеџија- министер (не постои во ниту еден политички речник таков термин) сам нека се погрижи. А сега нека замижи Пешевски, додека пишувам превод за оние кои заборавиле, па дозволуваат, веќе ќе се сторат 10 години, како се понижувани, малтретирани, навредувани, како се изживуваат со нив оние кои се “со низок ранг, инфериорни, кои служат”. (заврши преводот Пешевски, сега можеш да отвориш очи)
Знам, знам, сега сите очекувате да потсетам кој е всушност Пешевски во очите на неговите сопартијци, со какви “одбрани” зборови го почастија Ставревски и Јанкуловска додека течат лентите од прислушувањето, оние бомби на Заев кои распарчија и најмала надеж дека некој од нив некогаш, било кога, макар после 5 животи има шанси да се бави со политика. Се разбира дека немам намера, затоа што има едно правило во новинарството, во политиката, ако сакате и во животот- “да не се стапне на дигнитетот на оние кои не можат сами да се одбранат”. (како што вели главниот лик во филмот “Да живее слободата”) Што е иронична забелешка во случајот со Пешевски.
И за крај- нешто околу мојата улога во операцијата на Пешевски- тепање на Политико, затоа што го прашал дали се плаши од специјалниот јавниот обвинител.
Голем дел од медиумите, т.н курири на власта објавија снимка која трае повеќе од 10 минути: како седам со другарот Славчо Димитров во Пастел, како пиеме кафе, како зборуваме, како гледаме нешто во телефоните, како доаѓа Политико, како рипнува да го интервјуира Пешевски, како јас го снимам тепањето на Политико од страна на Пешевски, како Политико седнува да се поздрави со мене и Димитров, како плаќаме сметка во пекарата.
Во најмала рака- скандалозна снимка, која некој од пекарата-слаткарница Пастел ја дал на медиумите. Кој е тој? Доколку не ја дал Пешевски, тогаш тој ќе мораше остро да реагира дека снимки за внатрешна употреба од безбедносните камери на Пастел многу медиуми ги емитуваат и веднаш да побара забрана за нивно понатамошно користење.
Но, тој не го стори тоа, што ми дава за право да се сомневам дека снимката протекла со негов амин- ако не можел баш тогаш да ме натепа (не исклучувам можност за во иднина од некој негов обожавател), нека ме покаже на цел свет што јас тоа правам додека тој тепа. Да не може човек на раат да натепа новинар, а да не биде сниман- ни помалку ни повеќе, туку од новинар.
Како вели Макс Вебер за улогата на новинарите: “Животот на новинарот е хазард”, но кога говори за внатрешната сигурност која е конфронтирана со тешките предизвици, “кога се сообраќа во салоните на моќниците…” Каква пародија, додека Макс Вебер говори за тешката работа на новинарите додека имаат контакти со политичарите по салони, нашиве министри тепаат пред сопствените пекари новинари и уште нивната Партија најавува нови ќотеци, за нови победи, додека не им чукне новиот јавен обвинител, специјално инаугуриран за нивното беспрекорно “салонско” малтретирање на новинари и останати политички актери низ годините. А да не зборувам за ќотекот кон сопствениот народ, за тоа ќе биде потребна армија специјални јавни обвинители, која само со допир на една од бомбите на Заев, ќе предизвика Хирошима низ дуќанчињата, компаниите, тајните сметки, становите, имотите, накитот и уметноста собирани низ годините (не можам a да не се насмеам на сликата на кујничето на Санадер, каде од горе до доле по ѕидовите беа закачени врвните хрватски мајстори на платно) на нашиве политичари, филигрански извезени злоупотреби низ Извештајот на Прибе.
Да не заборавам- мојот одговор до ВМРО-ДПМНЕ кога ме повикува со име и презиме на одговорност за случајот “Тепањето на Политико од страна на Пешевски”- дозволете ми да ве потсетам на анализата на Макс Вебер за улогата на новинарите: “Одговорноста на новинарот е значајно поголема од онаа на еден научен работник, чувството на одговорност кај секој чесен новинар во просек е онолку длабоко всадена како кај научникот.” Во овој случај (како и во секој друг, се разбира) јас морав да снимам- не смеам да молчам, особено тогаш, кога времињата се мрачни. Тоа е најмалку што можам да направам, за да не биде залудно потрошено величенственото дело на Макс Вебер.