Првата дама на Украина, Олена Зеленска во денешното обраќање пред американскиот Конгрес побара повеќе оружје за нејзината земја во војната со Русија.
„Ние сме благодарни за присуството на САД со нас во оваа војна, но војната не е завршена. Ве молам за повеќе оружје да ги заштитиме домовите на сите и правото да се разбудиме живи во тие домови. Помогнете нѝ и заедно ќе извојуваме голема победа“, изјави Зеленска.
Таа покажа и фотографии на ранети деца при руската инвазија.
Зеленска вчера во Белата куќа се сретна со првата дама на САД, Џил Бајден.
САД од почетокот на руската инвазија на Украина имаат доставено воена опрема од речиси седум милијарди долари.