Здраво, јас сум Тихомир и се сметам за човек. На латински – homo sapiens sapiens. Професор сум одамна, по литература и историја, од Скопје и во Скопје, а имам издадено и десетина книги, главно поезија, па преводи и други нешта, па ако не сте ми биле ученици може ме знаете по тоа.
Од неодамна, не одам на работа и си лежам мадро, и веќе долги три месеца така… и главно си пишувам. Додека бев во болница во Охрид пишував исклучиво поезија, а откако се вратив Скопје, ми се усложни нешто рехабилитацијата, па прејдов на статии.
Охрид е поубаво место, а за поезија треба инспирација, вдахновение…а Скопје е така-така, па статиите се посоодветни. Може да си пишува човек на секакви теми. Ерго, да скратам, закачен сум на фб по цел ден. Си лежам, си типкам, си пишувам, преведувам и разговарам. Писмено. Кирилица. Не дека тоа е добро, да си на компјутер цело време, Бог да чува…ама во оваа ситуација, за креветџија човек – интернетот е одлична работа. Таман.
(Каде одиш, Господе?) е прашањето кое според легендата го поставил Свети Петар, при прогонот на христијаните од Рим И така, почнав да пишувам таму на фејсбук, па почнаа да ме читаат некои, па повеќе, па почнав и да објавувам по нешто од напишаното… и дојдоа изборите…и сите полудеа, и се обземаа од тие чурук – избори за градоначелник. И јас поднапишав за тоа по нешто, оти стварно почнав да се нервирам… да…најсериозно. Сѐ почна со првиот текст, Quo Vadis Macedonia, од 29. март, а заврши, се надевам утрово, 08. април…значи денес.
Бидејќи вчера се појавија интернет апаши, и ми го објавија отвореното писмо до новиот градоначалник на Центар без да ме прашаат (остај тоа што не бараат дозвола за туѓ текст, туку и ставија фотографии и свои наслови и поднаслови без да ги видам ил помирисам, а со кои моите мисли ги вадат од контекст и создаваат погрешна слика за мене кај оние што читаат), еве сега, ги давам сите текстови во кои пишував за изборите и спомениците, и што ги има кај мене на фб…. да бидат објавени поцелосно, за да не биде несправедлива сликата за моите ставови по тие прашања, впрочем.
И бездруго и всушност. Од новатв.мк (како и од офф.нет) не ми краделе никогаш ништо, од нив не сум видел арамилак ни простотија, и секогаш прашувале со каква илустрација да оди секој текст, се консултирале со мене човечки и чесно, па воден од тоа нивно културно однесување, мило ми што ова се објавува кај нив.
Teкст 1. (29 март, петок)
Преку глава веќе од избориве и атмосферава. И од власта и од опозицијата. Да напишам нешто, малку посериозно овој пат, па да излезе од мене, да се смирам. Не знам дали некој весник ќе го објави ова. Се плашат од тужби, кутрите.
QUO VADIS MACEDONIA?
1. Опозицијата ги губи изборите. -Чудно? – Не!
2. Власта, и во тие малку места кај што губи, сака да победи. -Чудно? -Да! -Перетерано? -Ептен.
3. Власт и опозиција: Сакате пропаст? -Изгледа.
1. Оваа опозиција, ваква каква е, не само што немаше шанси на овие избори, туку ни на следните, ни на оние потоа, ни во следните 100 години нема да освои ништо… оти нема усул. Ни памет. Добро, ако си правел грешки, толку е тешко да ги признаеш? Дете си? Самобендисано? Недораснато? А не се мали грешки, не се зафрканција.
Еве само една: СДСМ мора да признае дека направила катастрофална приватизација, дека никој друг не ѝ е крив… инаку, секогаш ќе ѝ го вадат тоа на нос… и ќе имаат право. Збогативте еден грст „трговци“ што се затекнаа „во право време на право место“, создадовте „бизнис-елита“ недоквакани лакомџии, си ставивте процентче в џеб, претворивте десетици илјади семејни луѓе во стечајци, и после, што очекувате? Што? Да ве гласаат некогаш? Тие, или нивните деца?
Демократија, зезната работа, и гласот на стечаецот, и оној на велепоседникот еден се бројат. Признај и покај се, прави нешто или губи се, и онака си губитник. И сè истите луѓе ви се експонирани, лојален кадар што состаночи и крева два прста уште од средно. Па истите ви беа и во време на приватизацијата, и сега. Асоцираат на моронштина.
Сменете се сами, за да не исчезнете, како партија мислам, инаку никој нема да ве ликвидира, им одговарате како опозиција, лузери што секогаш ќе губат. Ќе се одржува привидот на демократијата.
2. ДПМНЕ, пак добивате. Браос. Па и радосни сте? Пак браос. Не ви се мачи од толку голема победа? Не ви е малку страв, необично…Па работата беше да има повеќепартиски систем за да има власт и контрола, власт и критика на власта, а не да се стремиме кон победа над опозицијата и превоспоставување еднопартиски систем.
За нашите државата ќе е мајка, за сдсмовците маќеа, а за оние ни наши-ни нивни – вештерка. Гледам, убаво ви е: народот е со вас, градите држава, цврста ем силна…непоколеблива. Да живее Македонија, да живее ВМРО. Не забележавте дека реториката по митинзите ви е ко на сталинистички слет од 1948? Не! Епа, еве ви кажувам. Ако ја уништите опозицијата скроз, што ви е целта, ќе испервертирате уште повеќе. До крај. И вака сте на добар пат. Комунистите ова, комунистите она.
Гледајте што правеа и што направија. УА комуњари, уа СДСМ! Е, добро, де. Точно, така е. За никаде беа. А вие сега, што сте поарни? Ај, тоа да видиме. Да не му го дадеме ни Центар на Жерновски, ни Струмица на Заев, кој ги ферма. Сè да е наше, овие нека цркнат. Не оди тоа така бе тоа еј… свестете се малку. Пуштете и друг да дише.
Да ги разгледаме сега и спомениците за Скопје 2014. Зградите, другпат. Многу илустративни се за безизлезот во кој е Републикава.
1. СДСМ ништо не правеше, немаше ниеден споменик, како Скопје да е касаба, а не главен град. Толку години беа на власт, Скопје не личеше на ништо. -ТОЧНО! Апсолутно се согласувам. Сè е така. Скопје беше безличен град. Само споменикот на паднатите борци пред ЦЕКА и оној во Жена-парк и… и… толку. А сега? Сега, вајарски Елдорадо. Значи сега сè што правите е супер.
Докажана и неспорна уметност. Така? Не смее да има критика, сè е перфект, преубаво. Епа, не е така! Не може така. Споменик немаше ниеден, а сега ги има премногу. Никнаа премногу на број, за прекратко време. Што раѓа брза кучка? Како сетинг за холивудско студио личи плоштадот, само што спомениците се од бронза… да беа барем од пластика, ефтини, па никој немаше да ве сомничи дека правите дилови со „уметниците“ па си ставате од хонорарите в џеп и вие… а вака? Друго, за уметничкиот впечаток. И да не ви се слуша, сепак јас да си кажам. Мислењето ми е вакво:
• Јустинијан не личи на себе, туку на дебела жена;
• Коњот на Карпош му е краден од Мештровиќ (оној од црвената стодинарка во СФРЈ), мустаќите му се добри.
• Воинот е преголем, а и што ви требаше тој да е централно? Покрај Гемиџиите или Свети Климент? За инает на Грците? Да е поголем од нивниот во Солун? Да го зјапаат туристи?
• На комитите на коњи не им стојат одела. Да ми извините, ама Гоце Делчев од Градски парк, правен во комунизмот, е 100 пати поарна статуа.
• Огромен споменик на Филип II, пагански херој што играл пијан сред мртвите тела на непријателите по битка, ставена пред црква… Св. Димитрија?
• А, Самоил, претставен како седи? Сте му ги ѕирнале стапалата? Kој број носел, 99?
• Па споменикот на АСНОМ, фигурите се со толку големи глави што личат како деца прво одделение;
• Близу до нив, Прометеј, со пелената, пред коњите, личи исто како Германец од пропагандните филмчиња на Лени Рифенштал, што женава ги сними за хитлеровата Олимпијада, Берлин 1936;
• Во Жена-парк и Славко Јаневски го ставивте, што украде цела книга од Шолохов само за да е автор на првиот македонски роман, пред Стале Попов? А Блаже Конески таму го нема. Па јас него би го ставил место воинот, да ме прашува некој.
• И ТАКА НАТАМУ…
Точно е дека Скопје без спомениците беше безличен град, ама сега е… град со грдо лице. Поарно и грдо, од никакво, може некој да рече. Може па јас многу зборам, што ќе ми е толку да знам за споменици. Тие се за народ, а народот е овца… така мислите?
Еве, и вие сте пред предизвик. Ако не си ги признавате грешките, како СДСМ за приватизацијата, и вие со Скопје 2014, не сте поарни од нив. Исти сте. Ајде да ве видам ВМРО ДПМНЕ. Кажете, направивме глупости, признаваме, дај да оправиме нешто. Или ќе си терате тврдоглаво и самобендисано, и еден ден ќе се чудите што ве снашло. Како СДСМ.
Наместо заклучок: Свестете се и едните и другите, ист народ сме, ќе ја загубиме државата вака бе, ненормални едни. Барајте способни и талентирани луѓе, од оние што уште ги има, и под дрво и под камен барајте ги, не ги мразете зашто се такви, баталете дали се и од која партија се, или националност, баталете кадрите газолижачки што ласкаат на лидерите, баталете тендери и проценти, и вратете сè способно што избркавте од Македонија, и СКМ, и СДСМ, и ВМРО, последниве 30 години. Молете ги да се вратат. Оти црно ни се пишува.
п.с. текстов го посветувам на споменот на Никола Младенов, кој пред 23 години ми беше уредник во Млад борец, јас бев таму хонорарец, и цртав каиш-стрипови. Беше добар уредник, татковски тип, не се правеше важен и ми објавуваше се, без критизерство и чаталење.
Teкст 2. (1-ви април, понеделник)
DE MONUMENTALIS
Драги пријатели, драги гости, дами и господа…
Ја користам оваа прилика да кажам одредени работи, за спомениците, но не за оние што се веќе направени, туку за други, што секако требаше да бидат, а не се направени. Да почнам. Значи вака:
Во светот, каков што го познаваме, бронзените споменици обично се историска читанка. Се прават статуи на херои, кои направиле нешто големо за својот, или и за други народи, и се поставуваат на видни места, да служат како светол пример… за минувачите, гледачите, генерациите. Мал проблем е, што истите тие херои, може за некого биле такви, а за друг не баш, не секогаш.
А историите, националните особено, сакаат малку и да претеруваат со хероизирањето на одредени личности, па се создаваат митови, култови, легенди, од луѓе намерно избрани за таква цел, а најпосле, и самите биле обични, со две раце и две нозе, јаделе, пиеле, дишеле, зборувале и конечно… оделе по нужда.
Мене лично, дами и господа, најмногу ми се допаѓаат споменици на незнајни луѓе. На оние како нас, а 21-от век и не е некое херојско време, нели? Во Белград има таков, на Авала, па во Будимпешта, споменик на Анонимусот, во Брисел е „манекен пис“, еден мал мочко…
И во Скопје има такви, не дека нема, еве оние на улица Македонија се главно незнајни (свиркачот, шмизлоните, чистачот на чевли, бикот, мачката, играорците…). Има такви, не да нема. Ама јас сакам уште. Едно време сакав да студирам вајарство, може затоа сакам толку да загледувам споменици. Така, мислам дека ни фалат најмалку два. И тоа женски претстави.
Мислам дека на Македонија ѝ фалат, многу ѝ недостигаат два споменика: првиот, на непознатата учителка, и вториот, на непознатата медицинска сестра. Оти за овој, веќе не толку краток живот, најубави луѓе меѓу жените видов во тие две професии. И сметам, дека и самите тие професии ги прават подобри луѓе.
1. Учителките ви ги учат децата, ги описменуваат, им се секираат кога ги боли заб, кога детето паднало и си го одрало коленото, или дупнало глава, ги култивираат да се луѓе, ги тешат кога плачат, ги кудат кога беснеат или не работат како треба, им спремаат приредби на крај година за вие да седите и гледате, и да ви е топло на душата, и да си велите тивко во себе… еј…ееј… моето дете…златното.
А, учителката? А, учителките? Што е со нив? Што фала им кажувате вие, и што фала општеството? Работат за мали плати, ги мачат со планови и програми и подготовки од министерствата, пиши ова, каде ти е она, и уште, не дај Боже, да подвикнат на некое диво дете… маф ќе ги направат. Не треба ли еден споменик за тие жени, што ќе ги слави особините што тие ги имаат.
Споменик на трпението, благоста, кроткоста, љубовта за децата… И за учителите истото важи, да не испаднам ептен феминист, не дека не, ама нив ги има многу помалку денес, па затоа нека е споменик на учителката. Непознатата учителка. И за професорите и професорките треба споменици, и тоа секако, ама помали, оти колку е повисок степенот на образованието, така се намалува зачестеноста и квалитетот на човечноста кај наставниците.
2. Медицинските сестри. Ако ви се случило некогаш да лежите болница, ќе сте ја согледале и вредноста на овие жени. Што работа имаат тие? Ниту бројат, ниту сметаат, ниту пари враќаат… само помагаат. Носат бело, превртуваат болни, им чистат рани на грбот, им делат терапија, ги бришат, им ставаат инјекции, ги превиткуваат, преврзуваат, местат кревет, асистираат на доктори и докторки… и колку значи некому убавиот збор или благ поглед само, или насмевката на сестрата, кога човек е во болка, или пред умирачка…Многу.
Оти не само што многу болка везден гледаат, туку и чаршаф преку лице ставаат… и пак после треба дома да отидат, и да зготват, и деца, маж да си гледаат…. И тие, медицинските сестри, болничарки, не се нешто платени, за дежурства им даваат колку за две кутии цигари, ако немаат некој посоплата маж ни бел мантил често не менуваат, ни кломпи бели… а трпат притисоци… не да трпат… секој може да им подвикне… и доктор, и пациент… и некој што е само во посета.
И тука, слично како и во образованието, секако дека треба споменик и на напознатиот доктор, и незнајната докторка, ама малку помали споменици, оти степенот на човечноста и тука опаѓа правопропорционално со висината на местото во хиерархијата на здравството.
Има и некои чурук, не велам, некои што ја утнале професијата меѓу нив, меѓу сестрите и учителките, ама не се многу таквите… не колку што има утки во другите професии. Кај нас и во светот. Особено кај нас.
Ете, тие се моите херои.
п.с.
Други предлози-споменици:
1.Споменик на непознатиот поштар
2.Споменик на непознатата чистачка
3.Споменик не непознатиот шофер
4.Споменик на непознатата непозната (Х)
Споменици кои никогаш не треба да се направат:
1.Споменик на непознатиот современ политичар
2.Споменик на непознатиот банкарски службеник
3.Споменик на непознатиот завидливец
4.Споменик на незнајниот бајач
Посветено на медицинските сетри и болничарката Олга од Св.Еразмо Охридски, и на споменот на учителките мои од Браќа Рибар и Песталоци, Наумка и Вера… и фрау Утевска.
Tekst 3. (петок, 05.04, 05 наутро)
PRO ET CONTRA FACIEM LIBER .
ЕРГО… Дами и господа, почитувани гости, мили сограѓани… Пак не можам да заспијам… О, проклетство… О, бестрага… О, времиња…па до кога? Оставете друго, секој втор ден вака… Значи, да си напишам нешто пак, па може и ќе ми се приспие, може ќе им дојде сон и на моите очи, којзнае? И, што беше темата за денес? Бидејќи сè уште сум на боледување и не одам на копање, па така си лежам и чекам некој да се разбуди па да зафатиме муабет; заради сето ова а и по претходно добиената согласност од ММФ и Светска Банка, темата ќе ни биде ФБ, или што би се рекло на англиски – фејсбук.
Замислете, пријатели, какви сè зборови јас слушам во последно време? -Што си се закачил на тоа фејбукот бе, по цел ден на него киснеш, што ти стана човече? Не беше таков. Окапа на тоа лаптопот… Замислувате? Да, да… такви, такви… и многу полоши зборови слушам јас… и срцето ми се стега, и солзи ми навираат на очи, и дури чувствувам грутчеста и црна мачнина во мевот, кога некој ми се истура така…
Ми доаѓа да одговорам: А, што те заболе тебе што правам јас? Моја работа. Ај, гитла, ако не сум ти арен, најди си поарен … (пријател ли, професор ли, брат, братучед, кум, комшија, колега, друго, разно… зависи од соговорникот). Но, претпоставувате, јас не одговарам на ваков, бездруго кавгаџиски и неодмерен начин, туку, место тоа, само ги собирам веѓите и лошо го гледам… лошиот соговорник. А тој нека ми чита од погледот и од веѓите што му викам. И според сопствено наоѓање нека претпостави што му мислам тој час. А, да не испадне оти се фалам, ама поглед имам мрак… и други ми кажале. Значи, се бранам со молчење.
Видете, ова фејсбуков, не може да биде живот. Може да биде само замена за вистинскиот живот. Да, да. Едно се фб пријатели, друго се луѓето од крв и месо, со кои се знаете, и се присутни телесно покрај вас… и ред е вторите да имаат првенство пред првите, кога сте заедно на ист простор и дишете ист воздух. Едно е да се игра фармвил, а друго да се копа бавча, крои лозје, хранат кокошки или барем канаринец…
Едно е да се пие кафе, сварено во црвено ѓезве на најмалата рингла, и да се пие тоа кафе и да се муабети, да се лафи со луѓе што имаат појава, слика и тон… а друго е да се пие виртуелно кафе со Гоца на пример и верните фб побратими, и да се оговараат тоа беспризорните млади моми што секојдневно и навремено ги постира таа. Тоа стои. Може малку да се клацка…ама стои.
Од друга страна пак, фејсбук, внимавајте сега, внимавајте на тврдењево: Ако не трипати, тогаш барем стопати е поарен од ТВ (не 3х – а 100х). А телевизијата исто така е замена за живот, ама каква? А ТВ сите овие гледаат ко манијаци. Независно од полот и возраста, секој си има своја телевизиска слабост. Некој гледа фудбал, друг билијард, спорт воопшто, трет турски серии, четврт ТВ дневници, петти холивудски филмови … и така сè до оние најсофистицираните, што гледаат само документарци, „анимал планет“, „хистори чанел“ и слично. Впрочем. Бездруго и всушност. И што прават тие?
Се ѕверат во тоа екранот, зјапнале таму и гледаат туѓи животи, туѓо трчање по топка, туѓи херои што ги испотепуваат сите лоши и на крај завршуваат со најзгодната женска (о, мајмама)… туѓи риби во туѓи мориња, туѓи цареви во туѓи држави, и туѓи лавови во туѓа савана… впрочем. Римскиот рецепт за мир во државата, „леб и игри“ (PANEМ ET CIRCЕNSES) сосема одговара на ТВ аудиториумот, а не баш сосема на фб (и останатите интернет социјални мрежи). Впрочем.
Како стојат работите? -Немаш некој живот, одиш на работа во 8, се прибираш во 4-5, и си ја гледаш омилената серија каде јунаците ти станале и комшии и роднини… или чекаш утакмица во 20.45, да гледаш како 23 мажи трчаат по зелена трева…
И утредента, што? Ко ќе отидеш на работа (ај пуст да е, пуст да би останал животот аргатски и канцелариски и секаков кога одиш на работа секој ден), ќе си прераскажувате со соодветните по пол, ТВ афинитет и возраст, како едикојси дал гол од 25 метра и не им досудиле пенал на другите… или како онаа црната ѝ рекла на сестра му на оној, високиот ма со мустаќите, дека утре треба да одат на посета кај золвата на стариот што ги зафркна прошлата епизода…
Или, кој гледа дневник… виде ли вчера што кажа оној ненормалнион министер, ко се испозанесе…а глеаше после, интервјуто со водителката, ужас… Или, леле какви беа слатки орангутаните вчера на НГ, како луѓе се исто, тоа малото мајмунче, срцка…. и така до бескрај. Секој воајерисува и гледа туѓ живот, уште после па и за тоа само зборува… а тој/таа самиот…што живот има таквиот/таквата/таквото? Многу интересен изгледа, полн возбуда и авантури, и исполнет со најдлабока смисла…
(ПРОДОЛЖУВА)
КОГА? -Утре, задутре, зависи кога нема пак да спијам… сега е 5 до 6, веќе се подраздени.
Добро утро. (Кажи добро утро, нема врска колку е саат)
Teкст 4. (07.04, недела, 02 наутро)
PRO ET CONTRA FACIEM LIBER II
et de Philippus Monumentum
Ergo… одиме понатаму. Значи, се сложивме дека гледањето ТВ главно е глупост, губење време, и компензација за здодевниот, шуплив и не баш херојски живот во новото ни време, и новиот ни век. Кој од вас сонувал да биде она што е сега кога заспивал на креветчето во детска, кога си живеел кај тато и мама? Кое дете сака да е службеник, инкасант, референт, секретарка, секјурити, приправник, асистент, работник…тапа џонсон?
Оти ако ве нервира шефот на работа, или се јадосувате оти чувствувате некоја сила во себе, а животот така си минува, година за година, во некакваси еднолична дензаден денгуба и рутина, тогаш ви е убавко да си пуштите филмче и да го гледате херојот од холивудскиот филм кој сите што не му се свиѓаат ги упукува право в глава (така, според Фројд изгледа, вие се идентификувате со него и го отепувате шефчето што ве нервира…нека види сега!)… и холивудецот вози брзо со колата и потчукнува кого сака, и превртува тезги и влегува низ излози со макината и никому ништо… оти тој е Џек, манга, сила…како в што сте сакале и вие да сте… во осмо одделение.
И така, денешниот постмодерен човек веќе не ја исполнува ни дефиницијата за видот… homo sapiens sapiens… оти и не е баш мудар, а сè повеќе се менува и стреми да дееволуира и станува homo videns…човек кој гледа… главно ТВ. Човек – воајер. Ако не трча, бар гледа други како трчаат… ако не пее, не свири, бар гледа спотови… ако е никој и ништо, барем може сочно да му се изнавика на премиерот, претседателот или министерот кога ќе ги види на екранот: Ти ли ќе ми кажеш бе, копиле едно, ја продадовте државата! Цркни, мамето….
Да. А телевизијата може да го вози и манипулира како сака… Па нели сите полудевме по ова избориве… а главно за нив знаеме сè… од ТВ? Бог да чува. Сите се исполитизираа, караници во фамилии, караници на работа, тепачки в село, митинзи в град? И сега, да одам да гласам… а што ги знам кој каков е? Нит ми се комшии, ни пријатели, ни бар познати кандидатите! Само од телевизор главно ги знам. А откај да знам дека оној што мислам да го гласам не е нетокму и изопачен, а кампањата го прави асален?
Или обратно? Или и двајцата откајгизнам може имаат постер дома од Моника Белучи и го гаѓаат со пикадо? Или краделе кајсии како мали и им останала навиката? Зошто некој да е добар, а другиот полош? Оти гледам телевизија и тие ми кажуваат како што си е? Или оти името на еднаго му почнува на
А, како на Итлер, а на другаго презимето на Т, како Тито? Ебате тоа постмодернава постхомосапиенс парламентарна демократија. Место да имаме независни кандидати, личности родени и живеени во општината каде се кандидираат, па секој да ги знае, од мали што мустра биле, од деца… ова пола се којодваму – којоттаму, и напредувале во партијата и коалицијата си со мудри газоцелувки, рушветчиња нати-дајми и дигање два прста од мали, па ќе ги стават нив на список, за функција. И после, оди гласај.
Лелеееј, кај забегав. Што ми требаше ова? Ми е гајле, кај ми оди мислата- таму. А кај ти е сега? –Кој? -Па мислата бе човек? -Еве, мислам како си зборувам сам со себеси. –Ајдее, отиде ауфидерзен! –Ујт, тишина… од иста сме. Чекај… да палам тутун, и да одам до едно место, да се нуждам, впрочем. И што ми текне кога ќе се вратам, тоа ќе пишувам.
Знам што ќе пишувам. Нема врска со фб, што требаше да е втор дел, продолжение на темата, па што ако нема? Нели фб е слободна држава, секој може да си тера како сака! Ерго: Памтите дека пишував за спомениците? Самоил – 99-ка, АСНОМ првачиња, Прометеј – дојче југенд? Да? Одлично! Така и си мислев. Епа, видете, сигурно приметивте дека не кажав ништо арно за спомениците тогаш… а тоа не е добро. НИ-КА-КО! Не чини да си таков, злобен критичар, само лошото да гледаш, ништо убаво да не кажеш. Се надевам дека со следново бездруго ќе ја исправам таа своја непромисленост, впрочем.
Го гледам така, споменикот на Таткото јас, оној пред црквата, без коњот… на слика. Занчи, го гледам на слика. И го гледам и гледам, и ми личи на некого… и го гледам и го гледам и си мислам…и се думам… и се мислам… и едвај некако… ми светна… тину-нину – абе исти мене еј… тој – јас… скрос! Исто, исто… Слика и прилика. Оргинал, Необично надворешно прилега на мене. Па после… анализирам.
Го виделе овие Филип некогаш? Нема шанси! Па како го направиле ваков? По што се воделе во реконструкцијата на славниот му лик и тело? Мора да имале модел! Кој им бил модел? Не ви текнува? Тешка работа… денес е време на информатика… ми нашле од некаде слика… + кога одев последно време по продавници, продавачките ме загледуваа со особен интерес и се распрашуваа колку сум висок, па обем на струк, обем на глава, косата моја ли си е…број на кондури…сè… дури сега сфаќам за кого работеле.
У, ама сум спор. А како ми стана јасно ко ден, како ми се избистри во главата оваа неоспорна вистина? Еве како: Си лежам јас дома, пред два-три дена, два-три госта ме дворат, кога некој ѕвони… Влези, викам од креветот… одговор нема. Оди отвори, викам на едниот од гостите, тој ја отвора влезната врата. Таму, двајца стојат, и пружаат рака, делат нешто. Шуш-буш…шеп-шеп.
Од таборот на оној на А се. Делат писмо и некаква летка. Тоа сега се вика флаер. Влезете бе, влезете… им викам. Не смееме господине! -одговараат тие. И… одеднаш, како жаба да влегла во нив – дим да ги нема. Ме познаа… видоа на кого спротивниот табор му направил онолкав споменик пред Св.Димитрија, се уплашија, и фатија магла. О, нонен. И, сега, за кого да гласам? За оној на Т, бакалот, исто не ми се гласа. Не ме праша ни дали може, дали сакам, ни ништо… и кај се видело споменик на жив човек да се прави.
Слушам сега, преку извори блиски до мојата смиреност, оти ми спремал понуда, ама дека предизборен молк, па не смеел да даде по медиумите… замисли, ми ветува дека ако гласам како што треба, ќе му облечел на споменикот фармерки, и шизичко сако од бронза, и кондури од Пеко бронзени, само да личел што повеќе на мене… и ќе ми дадел беспари да паркирам, доживотно, во таа зона околу споменикот мој, и не ќе сум морал да плаќам за исклученото парно, само да гласам денес за него, за кандидатот наведен погоре…
Јаааа? Така било тоа? Што не се сети порано, пред да ми дојдат на врата оние, од таборот на уште погоренаведениот кандидат, на А? Оти кога се рашири оваа вест, таква паника ги фати и недоумица и душевна мака, што сето тоа предизвика синџир на реакции и скрби без утеха и ја зафати и спротивната страна… па сега… сè нешто нудат. Ми спотребало и пенкало, и летка, и споменик и сè… СКАР сум им на сите. Ќе гласам за Бетмен.
(ПРОДОЛЖУВА)
Otvoreno pismo 1. (08.04.недела вечер)
Отворено писмо до Андреј Жерновски.
Здраво Жерновски,
Слушам, си победил во Центар. И јас живеам таму, цел живот, на Зелено пазарче и на Ленинова, кај драгстор Бети. Слушам, не си ги сакал спомениците. Ако мислиш да ги отстрануваш, те молам немој сите. Оти ако се’ се врати како што беше пред да се нац’цка сo споменици, ќе биде ептен пусто и безлично, како стар газ.
Гемиџиите обавезно да ги оставиш, и шмизлоните, и бикот, и…види си таму, најди некој советник, да ти каже. И особено те молам, да не го чепкаш споменикот на таткото на воинот, оти ми е многу мил. Ако треба нешто, дај дозвола да се премести, и кажи таму да ми го постават пред зграда, или да ми го инсталираат во двор во Побожје, иако е друга општина. Ако веќе мора, преправи го во „урбан“ од „антички“, и облечи му фармерки и сако, да биде секси и модерен.
Ако случајно нешто му се деси на горенаведениот споменик, да знаеш дека јас ќе станам гемиџија, и ќе те најдам, и после…не сакаш да знаеш. А не мора да дојде до тоа. Верувам дека сериозно ќе го сфатиш ова барање (два пати напишав „те молам“ а не сум Западњак, па ти види), и дека предметот ќе се реши на обострано задоволство.
Голем поздрав и честито, па ај нека е со лесно. Немој сега да се мислиш дека си којзнае што. Гледај да си добар, колку што е во твоја моќ.
Со почит,
Тихомир
Отворено писмо 2. (недела вечер, по 1 саат од објавата на писмото на фб)
Отворено писмо до редакциите на порталите Република и Кирилица.
Прашавте ли некого да објавувате што сум напишал? Ме консултиравте ли барем? Во нормална земја за ова може да ве тужам. А читавте ли што пишував за спомениците во Quo Vadis Macedonia? Изгледа, не! Oбјавете го и тоа, заедно нека одат, тогаш ќе биде комплет. Што вадите од контекст и си ставате слики како ќе ви текне? Мене тој споменик ми е мил оти личи на мене, а не оти е врвно достигнување во уметноста на 21. век. Кај се избрзавте? Толку.
Очекувам извинување,
Тихомир.
Отворено писмо 3. (исто, 10 минути потоа)
Второ отворено писмо до редакциите на порталите Република и Кирилица, прво до Курир.
Сега, кога ќе објавам собрани дела од последните 20 дена, ќе се чудите што сум пишувал и каков ми е ставот за спомениците. И тоа на портал што сам ќе го изберам, а и во печатен весник… во „Фокус“, би било најарно… или „Фокус“ не ви е убав?
Отворено писмо 4. (понеделник, 02 по полноќ)
Второ отворено писмо до Андреј Жерновски.
Здраво, Жерновски,
Пак јас. Види, бидејќи има секакви уредници кои објавуваат крадешкум и си толкуваат по свое… и ми го вадат писмото прво од контекст, еве ти кажувам што да правиш пак.
Таткото на воинот, што личи на мене, остави го мадро, или испорачај ми го пред зграда, како што ти пишував… Гемиџиите и другите таму наведени споменици – остави ги. Толку за тоа. А сега да се цитирам малку себеси, од пред две недели, и ти препорачувам сите долунаведени споменици да ги тргнеш под итно или да ги сокриеш некаде, оти не се некоја „убавина“. Напротив. А ако го оставаш и Воинот на коњ, потегни и иницијатива Скопје, или барем општината Центар, да се преименува во Воиново. За овие ти давам одврзани раце, прави им што сакаш. Ерго, цитат:
• Јустинијан не личи на себе, туку на дебела жена;
• Коњот на Карпош му е краден од Мештровиќ (оној од црвената стодинарка во СФРЈ), мустаќите му се добри.
• Воинот е преголем, а и што треба тој да е централно? Покрај Гемиџиите или Свети Климент? За инает на Грците? Да е поголем од нивниот во Солун? Да го зјапаат туристи?
• На комитите на коњи не им стојат одела. Да ми извините, ама Гоце Делчев од Градски парк, правен во комунизмот, е 100 пати поарна статуа.
• Огромен споменик на Филип II, антички херој што играл пијан сред мртвите тела на непријателите по битка, ставен пред црква… Св. Димитрија? (среќа личи на мене па не го претопувај, нека остане некаде…пссст…знаеш каде)
• А, Самоил, претставен како седи? Сте му ги ѕирнале стапалата? Kој број носел, 99?
• Па споменикот на АСНОМ, фигурите се со толку големи глави што личат како деца прво одделение;
• Близу до нив, Прометеј, со пелената, пред коњите, личи исто како Германец од пропагандните филмчиња на Лени Рифенштал, што женава ги сними за хитлеровата Олимпијада, Берлин 1936;
• Во Жена-парк и Славко Јаневски е ставен, што украде цела книга од Шолохов само за да е автор на првиот македонски роман, пред Стале Попов? А Блаже Конески таму го нема. Па јас него би го ставил место воинот, да ме прашува некој“ (завршен цитат)
На сите овие, што е до мене, слободно може да им правиш што можеш, и што сакаш, во рамките на своите должности и ингеренции. Ама пак ти велам, не руши се’, оти глупаво е да рушиш се’ што некој друг градел…сепак, ист народ сме. Не сме си душмани.
Ете, да беа поначитани, немаше да вадат од контекст што сум напишал, и да ме објавуваат како твој непријател а нечиј пријател, оти јас сите Македонци ги сметам за свој народ, биле тие од вемеро или есдеес, или од твојата партија, или од која и да е. А тие пак што не се по партиите и политиката, ми се најсимпатични. Не дека сум нешто па ни јас толку посебен, само се трудам да судам по својата совест и да не држам страна никому. Ми се може. Има и такви.
Поздрав Жерновски, честито уште еднаш.
п.с. поздрав и до редакциите на портралите што објавуваат текстови без прашање. Брза кучка, што раѓа? На здравје. За памет.