Директорот на австриската Сојузна истражна служба Андреас Холцер, денеска беше во официјална работна посета на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) при Министерството за внатрешни работи, при што се одржа и средба со директорот на БЈБ, Сашо Тасевски.
Меѓусебната полициска соработка во борбата против тероризмот, кибер криминалот, илегалната миграција и трговијата со дрога и потенцијалите за нејзино подобрување, биле темите на кои се разговарало на средбата, соопштија од МВР.
Во рамки на посетата била спроведена и оперативно-тактичка вежба на струшкото крајбрежје од Охридското езеро, за чие спроведување биле ангажирани Единицата за брзо распоредување, Специјалната антитерористичка единица Тигар и Хеликоптерската единица при МВР.
На вежбата низ неколку различни точки се демонстрирале нивните вештини, тактичко-технички способности и високиот степен на неопходна координираност и професионални стандарди за брзо и ефикасно дејствување.