Комесарот за проширување на Европската унија, Штефан Филе е многу заинтересиран да се реши прашањето за името меѓу Македонија и Грција и токму затоа покренува иницијативи, меѓу кои беше и последната со предлогот за трилатерална средба меѓу претставник на Европската комисија и министрите за надворешни работи на двете земји, објави МИА, пренесувајќи ја изјавата на портпаролот на Комисијата, Петер Стано.
– Прашањето за името е процес, кој го водат Обединетите нации (ОН) и медијаторот Метју Нимиц е посветен, додека ЕК и ЕУ многу го поддржуваат и бараат двете страни да најдат заеднички прифатливо решение на спорот.
Земјите-членки на ЕУ минатиот месец на Самит на Европскиот совет повторија дека е потребно да се најде решение на прашањето за името без понатамошно одложување и ЕК, се разбира, го поддржува ова. Комесарот Филе е многу заинтересиран за овој процес, оти очигледно е дека влијае на пристапниот процес на Македонија, вели портпаролот Стано.
Тој повторува дека поради тоа е логично што првиот човек за проширување на Унијата е многу заинтересиран, го следи и го поддржува овој процес што се води под капата на ОН и ЕУ прави се што може да помогне.
– ЕУ ги поддржува сите напори на ОН, ги охрабруваме двете страни да ја прифатат секоја иницијатива и го поздравуваме секој чекор што се превзема во оваа насока од страна на двете страни за да се најде решение, потенцира портпаролот на Филе.