Прес конференциите во владата се ретки, навистина ретки. А дури и кога ги има, прашањата или не се дозволени или, пак, мора да се на „темата“. Со исклучок на два-тројца министри, такви се и прес конференциите на другите функционери во Владата. Веќе со години. Долго време не сум била на прес конференција на премиерот на која што тој дозволил толку многу прашања од, како што не нарекуваат „неподобните“ новинари. Всушност, долго време не сум била на прес конференција на која што воопшто им било дозволено и на „неподобните“, а богами и на „подобните“ да постават прашање.
Овој пат беше поинаку во секоја смисла на зборот „поинаку“. Премиерот зборуваше 35 минути. Во тие 35 минути откриваше детали од истрагата, објаснуваше како „и најдобриот човек на светот би можел да личи на монструм ако му објават вон контекст приватни разговори“. Тој, а не истражните органи или обвинителот, ја сподели со јавноста приказната за чудесните направи, некакви бази, кои од центарот на Скопје ги ловеле повиците на функционерите во институциите. Делуваше сигурно, смирено, а на моменти дури и потресено што, ете, странски служби толку време чмаеле во УБК и сакале да ја рушат државата.
Откако сподели тазе информации од истрагата, премиерот рече „А сега сакам да одговорам на сите прашања кои јавноста ја интересираа во периодов“. Па почна самиот да ги поставува прашањата и самиот да ги одговара. Тука веќе почнавме да шепотиме со колегите „па добро, зарем самиот ќе си поставува прашања“, за веќе да помислиме дека и на оваа, како и на стотици други конференции прашања нема да бидат дозволени. Сепак, се излажавме. Прашањата беа дозволени и беа поставени десетици од нив, а некои од нас успеаја да постават и по неколку прашања.
Три прашања поставија и новинари на Сител, Курир и МИА. Овие три прашања добија „значајни“ и долги одговори, бидејќи премиерот доби шанса да зборува за инвестиции, вработувања и други теми што му „лежат“ на срце. Но, прашања поставуваа и новинарите на НОВА, БИРН, Радио Слободна Европа, Телма, Вест, Алсат, А1он, Порталб, Мета и други поставија редици суштински прашања. Прашања, на кои, за жал господинот премиер ни даде „неподобни“ одговори.
На повеќето од тие прашања премиерот одговараше отсечно со „тоа веќе го кажав“ или „одговорив пред малку“. Не одговори директно дали тој, министерката за внатрешни работи, директорот на УБК, началникот на петтата управа ќе одговараат затоа што дозволиле странски служби да ги прислушуваат македонските граѓани, како што во името на истражните органи тврди премиерот. А тој „неодговор“ содржеше навестување за уште една, во низата перверзни амнестии од секаква одговорност на високи функционери од оваа власт кон своите граѓани. Од граѓаните бара трпение да се чека исходот од постапката за која што лично тој, а на судиите и обвинителите, гарантираат транспарентност, а од друга страна се пожали дека „се чувствувал загрозен“. Загрозен, но милостив, толку милостив што е спремен да почека на истата таа судска постапка, па дури потоа да види што ќе прави со странската служба. Таков одговор даде на прашањето зошто се уште нема демарш за амбасадорот на странската служба која прислушувала, ако веќе е сигурен дека е така и ако вработен во УБК тоа и го призна за што веќе е осуден.
Сепак, она што остави најсилен впечаток е нервозата и дрскоста која премиерот ја демонстрираше кон новинарите кои му ги поставуваа „неподобните“ прашања. На колешката Мери Јордановска која праша зошто тој, а не министерката за внатрешни работи зборува за истрагата премиерот отсечно извика “Затоа што така одлучив“, а на колешката Елида Зибери на прашање кое не дочека ниту да биде до среде поставено цинично довикна „Ќе видите тоа кој нарачува и што нарачува“.
На оваа прес конференција се присетив зошто оваа власт 9 години одбива дебати, патентира „тематски прес конференции“ и секоја информација за трошењето на парите на граѓаните ја класифицира како „државна тајна“. Затоа што тие на својата страна ја немаат силата на аргументите, туку силата на заплашувањето. И сега, кога по долго време премиерот им се даде на располагање на новинарите, на сите новинари, да одговара 15 минути на нивните прашања, тој не успеа да избега од себеси и ја покажа сета бруталност и ароганција со која што долго време владее и безмилосно ги корумпира медиумите.
Штета што немаше повеќе време. Бидејќи има толку многу прашања кои би сакале да му ги поставиме на премиерот. Како пример она за „странските инвеститори“ од Белизе, Лугано и Панама и други сомнителни дестинации кои богами добро се офајдија од државните тендери и народните пари. Само велам. Еве отворено ги канам сите колеги да направиме една книга со сите неодговорени прашања кои оваа влада, нејзините министри, службеници, директори ни ги должат добри девет години.
п.с. Колегите од А1он направија видео, а јас подготвив транскрипт од прашањата и одговорите од вчерашната прес конференција бидејќи многу граѓани на оваа земја немаа можност да ги слушнат одговорите на прашањата од „неподобните“ затоа што „подобните“ не ги емитуваат.
Транскрипт од прашањата и одговорите од вчерашната прес конференција на премиерот Никола Груевски
Прашање: Претходно имавме случај „Шпион“ во кој што луѓе беа осудени за соработка со унгарска и грчка тајна служба, сега го имаме овој случај. Во земјите во кои ова се случува обични дипломатите од земјата на странската служба се протеруваат. Овде што ќе се случи?
Никола Груевски: По донесувањето на судската одлука ќе се донесат заклучоци дали нешто треба да се случи во тој правец.
Прашање: Дали има кривична пријава поднесено против таа странска служба?
Никола Груевски: Ништо повеќе од она што го кажав во моментов не можам да го објавам
Прашање: Кој е мотивот за предавање на материјалите на странската служба?
Никола Груевски: На дел од соработниците мотивот е парична награда.
Прашање: Самиот кажувате дека имало прислушување и институциите нас не не заштитиле. Мислите дека ова не е доволно министерот, вие или било кој друг да поднесе оставка. Практично вие не сте ја завршиле вашата работа, сте дозволиле некој да прислушува македонски граѓани, еве ако ја прифатиме вашата теза
Никола Груевски: Мислам дека одговорив на тоа прашање, а во одговорот се содржеа две работи. Дека вакви случаи со вакви предизвици се соочуваат многу земји во светот, дури и најсилните и најмоќните и дека она што е важно во овој случај е дека сторителите се фатени, се наоѓаат во притвор, а еден од нив денеска како што чувме е веќе и осуден.
Прашање: Премиере рековте дека Зоран Заев бил под посебни истражни мерки во моментот кога ве уценувал. Како протекоа видеата во јавност ако се има во предвид дека тоа е кривично дело. Можеби некој од вас ги дал во јавност медиумите да ги објават?
Никола Груевски: Тоа е нешто што истражните органи треба да го истражат и утврдат.
Прашање: Тврдите дека снимките се дело на странски служби. Еве да ја прифатиме вашата теза. Но, во материјалите кои ги слушаме има местења на судски одлуки, местења на судии од страна на функционери, се зборува за криминал да речеме. За тоа некој ќе одговора ли?
Никола Груевски: На тоа прашање одговорив. Ви кажав дека веродостојноста на снимките нема да ја коментирам и дека таа ќе се докажува во судска постапка.
Прашање: Имаме вработен во МВР кој ја злоупотребил положбата и дозволил прислушување, имаме материјали од истрагата кои протекуваат на телевизија, видео од Заев, видео од Бошковски. Дали ова значи дека ни пропаднал целиот безбедносен и правен систем. Дали ова значи дека од денеска натаму секој ќе може да не прислушува и сите докази од истраги да протекуваат?
Никола Груевски: На тоа прашање одговорив пред малку.
Прашање: Премиере, како може 4 години некој да прислушувал толку многу граѓани без никој да забележи и како може само овие две лица, од кои едниот веќе еве осуден, да се виновни?
Никола Груевски: Ние засега немаме таква информација освен она што го говори Заев дека се прислушувани над 20 илјади граѓани. Бројката е кажана само од Зоран Заев, за таков нешто не постои ниеден друг податок. Од оние информации кои ги имам од МВР, а тие ги прибавиле информациите од обвинителството, тоа е дека прислушувани се главно политички и други јавни личности, а тие сигурно не се 20.000.
Прашање: Премиере дали се чувствувате загрозено после сите овие прислушувања
Никола Груевски: Да, секако
Прашање: Рековте дека веродостојноста на сите тие разговори ќе се докажува во судскиот процес. Како после сите тие разговори што ги чувме граѓаните да му веруваат на судството?
Никола Груевски: Не ве разбрав?
Новинарот го повторува прашањето.
Никола Груевски: Ќе видиме во судски процес дали се веродостојни.
Прашање: Хан се сретна со вас во резиденцијата на амбасадорот, практично екстериторијално, не дојде кај вас во кабинетот. Јункер ви ја откажа средбата. Сме или не сме политички изолирани?
Никола Груевски: Со господинот Хан имавме двочасовен ручек затоа што тој сакаше подолго време да посвети на разговор со мене и изборот беше ручекот да биде во амбасадата на Европската мисија. За Јункер одговоривме со соопштение. Тоа е тоа, да не се повторувам.
Прашање: Премиере во кое својство овде се јавувате? Минатиот пат најавивте транспарентна судска постапка, овојпат излегувате со детали од истрагата како портпарол на МВР, каде е министерката за внатрешни работи и зошто вие излегувате да ни ги соопшитете овие..(ја прекинува)
Никола Груевски: Затоа што така одлучив
Прашање: Министерката не се чувствува повикана да излезе во јавноста?
Никола Груевски: Министерката ќе излезе тогаш кога сака да излезе и кога заеднички ќе го процениме тоа
Прашање: Со оглед на тоа што министерката нарачува материјали….(го прекинува прашањето)
Никола Груевски: Ќе видите тоа кој нарачува и што нарачува!
Прашање: Кој е мотивот странски служби да прислушуват македонски граѓани и како требало да биде изведен тој државен удар?
Никола Груевски: Кој е мотивот знае најдобро странската служба.