Ѓорги Тасев e претседател на невладиното здружение „Новус“, демонстратор на Универзитетот ФОН, а во слободното време е посветен на своите пасии – работи како ди-џеј продуцент. За себе вели дека она што го одредува како личност се борбата против селективноста и флагргантните прекршувања на човековите права и слободи во неговата средина
НОВА: Здружението „НОВУС“ од Струмица ги застапува прашањата поврзани со човековите права и слободи, подобрување на социјалната и економската состојба на граѓаните, промоција на европскитевредности…До каде сме денес со основните човекови права и слободи загарантирани со Устав?
Тасев: Токму така, тоа е една и од причините зошто го основавме „НОВУС“. Правиме сериозни обиди колку што можеме повеќе граѓаните да ги запознаеме со нивните права и како да ги остваруваат тие права преку разни работилници, обуки и трибини. Никогаш во ниту една држава која што се нарекува демократска не треба да бидат доведени во прашање почитувањето и примената на човековите слободи и права. Не смее да постои селективност во нивната примена. Во последните неколку години сме сведоци на бројни флагрантни прекршувања на човековите права и слободи почнувајќи од злоупотребата на мерката притвор, слободата на изразување и говор, пристапот до информации од јавен карактер, злоупотребата на мерката заштитен сведок, клеветата и навредата, па се до противуставното менување на уставните одредби. Токму и во препораката од ЕК речиси секоја година се наведува судството и законската регулатива како области во кои што е потребна корекција и искоренување на корупцијата и митото, а истото се наведува и во извештајот од Стејт депарментот. Стана тренд во нашата држава бројни законски регулативи да бидат третирани како исклучок, а не како нужни правила.
НОВА: Ги промовирате и европските вредности и принципи. Дали граѓаните се доволно информирани за бенефитот од овие вредности или пак се забележува скептицизам и затвореност за прифаќање на истите?
Тасев: Пред да може да зборуваме за европски вредности и принципи, многу е важно да се запрашаме дали имаме прво реални вредности во ова наше општество? Не, се е изместено. Ненормалното да биде нормално, ступидното да биде паметно, незнаењето да биде над знаењето, алчноста и зависта да бидат нормални нешта. Кога повторно ќе се вратат вистинските вредности што ја даваат сликата за еден народ, тогаш може да зборуваме за европски вредности. Несомнено, бенефитот од овие вредности би бил огромен за ова наше ранливо општество. Но, во последните неколку години луѓето како намерно да не сакаат да го увидат бенефитот од тоа. Можеби и самите владини кампањи, реклами и написи во медиумите за величење на национализмот и она што е наше си го направија своето. Некако како општество сме затворени за примање на нови идеи и вредности, а за време на глобализација, тоа е погубно.
НОВА: Реализирате проекти за подобрување на интелектуалниот капацитет кај младите. Има ли смисла вашиот проект во услови кога младите луѓе да го надградуваат своето знаење во услови кога нема работа за нив и кога поголем број од нив ја напуштаат државата барајќи ја својата егзистенција во други земји?
Тасев: Секогаш вреди една млада личност да се надоградува и усовршува и да ги развива своите капацитети и да излезе подготвена на пазарот на трудот, но за жал, потребно е да бидат исполнети уште многу други услови за да може младата индивидуа да го покаже својот капацитет, да напредува и да го наплати трудот. За жал, ситуацијата од ден на ден во нашата држава налага да има вистински одлив на мозоци, без никаква интенција овој негативен тренд да запре. Ова стана нормално и на улица може постојано да слушнете од млади луѓе: „Брат, кога ќе бегаш нагоре“? Проблемот станува сериозен, така што токму со овие примери се поистоветуваат и оние другите кои се уште сакат да останат овде и да се борат да ги остварат своите амбиции. Тоа е токсинот кој што се шири. Имаме изгубени генерации на млади луѓе, кои што се изгорени од сите јавни политики и стратегии на властите во континуитет. За време на толку голема невработеност, пензионерите се оние кои ги имаат најголемите бенефиции. Тоа лошо влијае и не е „role model“ политика за младите. Тоа ја прави нашата приказна уште потажна, младите луѓе да немаат никакви бенефиции, ниту пак да ја гледаат својата иднина овде. Сите стимулирачки мерки се само декларативни и служат како декор на бел лист хартија, без никаков импакт.
НОВА: Како опстојува невладиниот сектор во денешни услови?
Тасев: Проблемот е што и политиката има замешано прсти во НВО секторот кој главно опстојува благодарение на неколку домашни донори и фондовите на ЕУ кои што сепак се лимитирани. Малку се тие НВО во државата кои не се етикетирани. Уште од старт се жигосува организацијата и веќе таа ја менува перцепцијата кај обичниот граѓанин. Сто пати кажаната невистина, станува вистина. По правило, НВО треба да биде коректив на власта и да учествува во општествените процеси и владини политики. Кај нас, мнозинството од НВО организациите се обележани како опозиционерски и дека сите тие работат против интересите на државата и оваа владина гарнитура. Сепак, треба да биде јасно: критиката кон нешто не е навреда. Токму критиките треба да бидат патот кон уште подобро општество. Во едно демократско општество, какво се стреми да биде нашето, борбата на идеи и критичкиот однос кон реалноста се само добро трасиран пат за постигнување на целта.
НОВА: Се поизразено е мислењето во јавноста дека невладините организации се продолжена рака на власта, преку ден никнуваат во корист на одредена владина политика?
Тасев: Самото тоа дека на ниво на Македонија има околу 8.000 регистрирани НВО организации доволно зборува за начинот како тие се конституираат, па и не треба да биде изненадување доколку и во иднина гледаме инстант формирани НВО организации кој што се еднонаменски и за одредена цел. Дел од нив служат и како испостава на политичка партија, а токму некои последни случувања кои и се познати на јавноста го потврдуваат тоа.
НОВАПокрај невладиниот сектор се занимаваш со компонирање електронска музика. Има ли влијание врз младите и како тие ја прифаќаат наспроти застапеноста на ултра турбо фолк културата во денешно време?
Тасев: Веќе осум години хоби ми е компонирање на електронска музика, главно техно, тек и хаус звуци. Заедно со уште мои двајца пријатели отворивме и продуцентска куќа Пата Пата Рекордингс чија основна цел е на слушателите на електронската музика да се понуди нешто различно, квалитетно и конкретно, наспроти монотониот и секојдневен музички кичерај. За жал, тоа само остана и како цел. Турбофолк забавите, кич музиката и „сечењето на вени“ се веќе вдомени во ова наше општество и веќе тие станаа нормален музички декор насекаде. Ние се трудиме да наметнеме една нова урбана димензија, но не има премалку наспроти ултра турбо фолк симпатизерите. Се случувало да имам настап да пуштам музика и ликови да доаѓаат и да бараат песна од Цеца и постојано да се жалат дека се работи за еден исти ритам, што е сосема погрешно. Тоа само по себе кажува за културното ниво и што сакаат младите денес. Многу тешко прифаќаат нови музички правци и што е најжално, се поистоветуваат со поширока маса на луѓе. Можеби на младите им е смачено да се обидуваат да разберат и слушнат нешто ново, што е несвојствено за овие балкански простори, па потребата за забава ја задоволуваат во едноставните нешта како што се турбо-фолк музиката и сите нејзини слични појави на модерното време.
А што е потребно за истите да останат во државата и да ги почувствуваат европските вредности дома?
Тасев: За младите да имаат желба и мотив за работа и да останат во државата, треба да им се понуди можност за работа, да имаат реална конкуренција, каде што може да се натпреваруваат со знаења, идеи и решенија, а не заради ситни интереси, да им се остави простор и можност да имаат своја улога и да влијаат на општествените текови, да се чуствуваат како важен општествен атом, но без притоа да се користи процесот на селективност. Кога би се поттикнале и реално би биле остварливи кредитните мерки за зголемување на претприемачките способности, тогаш би можело да дојде до подобрување на амбиентот за да бидат остварени амбициите и желбите на младите за почнување на сопствен бизнис. Вина секако сноси и младото население кое делува пасивно, апатично и незаитересирано, но за поголем дел од проблемите и негативните појави, секако, уште поголема вина сносат и државните апарати. Џабе изготвување на национална стратегија во која се опфатени мерки и решенија со кои би се намалила невработеноста кај младите, но институционалната и практичната примена на стратегијата едноставно изостана. Само парчето хартија остана доказ за празните заложби и „ветените“ реформи. Мора младите вистински да се стимулираат и да се наградуваат согласно принципот на квалитет и ништо друго. Квалитетот не смее да трпи на сметка на задоволување на ситните лични интереси и флоскули.