Со врачување на наградите во Театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес синоќа заврши 22. издание на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби 2025“.
Претставата „Ифигенија за ништо“ во изведба на Драмскиот театар од Скопје ја доби највисоката награда за најдобра претстава на 22.Интернационален фестивал на античка драма „Стоби 2025“.
Наградата за најдобра женска улога iбеше врачена на актерката Јелена Жугиќ во истоимената претстава, а за најдобра машка улога награда ja доби актерот Марко Трајковиќ за насловната улога во претставата „Калигула“ на Кумановскиот театар.Награда за најдобра режија му беше врачена на режисерот Филип Петковски за претставата „Ифигенија за ништо“.Вака едногласно одлучи жирито во состав: Јордан Витанов, Кристина Атанасова Арсова и Фаик Мефаилоски.
Во чест на наградените беше изведена претставата „Лекција“ во копродукција на Народен театар Штип и „Моушн нетворк“.
Фестивалот го организира Театарот со финансиска поддршка од Општина Велес и Министерството за култура и туризам.
Освен од земјава, учествуваа и театри и продукции од САД и Италија.
Директорот на велешкиот театар Жарко Спасовски оцени дека по реакциите на публиката фестивалот одлично поминал, а воедно најави дека ќе направи напори догодина ИФАД „Стоби“ да се врати таму и каде што припаѓа и според името што го носи, во античкиот локалитет Стоби, а каде и првично се одржуваше.

