Новинарството има смисла само ако нуди објективна слика за реалноста. Ширењето дезинформации и недостигот на професионализам ја поткопуваат довербата на јавноста.
Светскиот ден на слободата на медиумите (3 мај) е воспоставен од ОН во 1993 година, врз основа на Декларацијата од Виндхук. Таа ја нагласува клучната улога на слободниот и независен печат за развојот на демократијата и економијата.
Сепак, во 2026 година, овој ден за Македонија не е само јубилеј, туку сериозен потсетник за недовршените задачи. До јуни оваа година, Македонија мора да покаже „чисти сметки“ според ЕУ Реформската агенда поврзана со Планот за раст доколку не сака да дојде до блокирање на исплатата на сите предвидени милиони евра. Првиот столб – Владеење на правото и фундаментални вредности, во делот каде се сместени медиумите ова подразбира:
– Стабилно и независно финансирање на јавниот сервис (МРТ) со цел намалување на политичкото влијание врз уредувачката политика.
– Зајакнување на капацитетите и независност на АВМУ која мора да стане отпорна на политички влијанија преку транспарентен избор на членови на Советот, базиран на мерит-систем, а не на партиски клуч за да може ефикасно да го мониторира медиумскиот пазар.
– Вистинска, а не само формална заштита на новинарите од институциите. ЕУ инсистира на правна заштита од т.н. SLAPP тужби (стратешки тужби против учество на јавноста), кои моќни поединци ги користат за економски да ги исцрпат и замолчат новинарите. Со ова се вклучуваат механизми за брзо отфрлање на неосновани тужби против новинари, со цел намалување на автоцензурата предизвикана од страв од високи парични казни и долгогодишни судски процеси.
– Слободата на говорот не смее да биде само „штиклирана обврска“ за извештаите од Брисел.
И додека глобалниот фокус годинава е на мирот и вештачката интелигенција, за нас приоритетот останува ист: финансиска и уредувачка независност.
Новинарството има смисла само ако нуди објективна слика за реалноста. Ширењето дезинформации и недостигот на професионализам ја поткопуваат довербата на јавноста. Единствениот начин да се заштитиме од „спинови“ е преку поддршка на независното новинарство, кое е ослободено од политички и бизнис притисоци врз уредувачката политика. Затоа што се работи за јавен интерес – и многу повеќе од тоа.
Слободата на медиумите не е подарок за новинарите, туку право на граѓаните да бидат информирани.
Текстот е сопственост на ЦивилМедиа.мк





