„Една од најреномираните компании во светот, Касинон Аустриа, со деловни потфати во повеќе од 40 земји во светот во областа на приредувањето на игрите на среќа ќе биде новиот инвеститор и партнер на државната лотарија на Македонија кој ќе го има единственото право да приредува игри на среќа во земјава“, вака на 16 Јануари владиниот портпарол го најави формирањето на Државната видео лотарија, единствената која ќе има право да организира онлајн обложување бидејќи со најавата за формирањето на оваа компанија пристигна и веста дека Владата ќе ги забрани странските интернет сајтови за обложување.
Образложувањето беше дека според проценката на државата досега се одлевале околу 10 милиони евра годишно од земјава, па по примерот на други земји, иако не беше кажано кои, државата решила да создаде монопол во оваа област со тоа што ќе ги блокира сите интернет сајтови од овој тип од странство. На прес конференцијата во Јануари беше известено дека Државната лотарија на Македонија во текот на 2013 година распишала меѓународен јавен повик за избор на инвеститор, по што била избрана Аустриан Касинос.
Таинствени Швајцарци ќе прават австриско казино
Во неколку наврати претставници на државата ја објаснуваа кредибилноста и искуството во дејноста на странскиот австриски инвеститор. Но, никој не го спомена швајцарскиот партнер од Лугано. НОВА трагаше по сопственоста на фирмата – инвеститор. Документите од Централниот регистер покажуваат дека „Аустриан Касинос“ не само што не е единствен инвеститор, туку е и малцински сопственик во компанијата оформена во Македонија која и е партнер на државата во новоформираната Државна видео лотарија.
Според најавите на владата, новоизбраниот инвеститор заедно со Државната лотарија на Македонија требало да оформи засебна компанија, односно Државна видео лотарија каде што мнозински сопственик со 51 процент ќе биде државата, односно Државната лотарија, а малцински сопственик со 49 проценти ќе биде компанијата на странскиот инвеститор. За таа цел, странскиот инвеститор согласно македонските закони треба да формира компанија во Македонија, за потоа таа компанија да се здружува со Лотарија на Македонија во друго наменско правно лице. Ако се прегледа сопственичката структура на „Државна видео лотарија“ ќе се види дека сопственици се АД „Државна лотарија на Македонија“ и компанијата со име „Друштво за приредување игри на среќа Касинос Аустриа Интернатионал ДОО“, односно компанијата на странскиот инвеститор. Но, во сопственичката структура на оваа компанија се наоѓаат австриска и швајцарска фирма.
Според документите од централниот регистер на Македонија сопственици на „Друштво за приредување игри на среќа Касинос Аустриа Интернатионал ДОО“ се Касинон Аустриа Интернешнл Мазедониен ГМБХ која е фирма ќерка на австриската „Касинос Аустриан Интернешнл“ и „Еллсте Инвест АГ“, оф шор компанија, односно компанија со тајно сопствеништво од Лугано, Швајцарија, формирана во 2012 година. Она што е интересно, е дека компанијата од Лугано е мнозински сопственик со влог од 5.000 евра наспроти австриската компанија која има влог во македонската компанија од 2.700 евра.
визуелен преглед на сопствеништвото на Државна видео лотарија – кликни долу десно за поголема верзија
НОВА упати прашања до директорот на „Државната видео лотарија“ Дане Кузмановски, кој истовремено е и директор во новоформираната компанија „Друштво за приредување игри на среќа Касинос Аустриа Интернатионал ДОО“. Во разговор со НОВА Кузмановски вели дека тој дошол на позицијата генерален менаџер на оваа компанија на покана на австрискиот инвеститор и дека негова единствена грижа е државниот интерес да е заштитен, а компанијата да оперира успешно. Сопствениците од Лугано не ги познавал, бидејќи „сопственичката структура не го интересирала“.
„Не можам да коментира кој што и зошто е вплеткан. Јас сум ангажиран како менаџер од страна на австријците, а со одобрение на Владата. Државата без да инвестира евро ќе добие инвестиција вредна неколку милиони евра која ќе реализира во наредните 5 години“, вели Кузмановски.
Кузмановски вели дека сепак звучи прегрубо и не може да се каже дека Лотаријата ќе има вечен монопол затоа што според законот ова друштво ќе ги има привилегиите само 2 години.
„Само две години ова друштво ќе може да биде единствено на пазарот. Измените се направија за да може да се изградат капацитети во оваа област, бидејќи ова е нова сфера и ние немаме вештини за дејноста, затоа и се бараше странскиот партнер. По завршувањето на овие две години, ќе важат старите одредби од Законот за игри на среќа, што во превод значи дека ќе се делат лиценци на сите заинтересирани кои сакаат да приредуваат ваков тип обложување„, вели Кузмановски додавајќи дека странските сајтови ќе останат банирани, а доколку тие фирми сакаат да се вклучат на овој пазар по две години ќе можат да основаат претставништва во земјава.
НОВА минатата недела испрати електронска порака и до фирмата мајка во Виена, Аустриан Касинос Интернешнл, но одговор се уште не сме добиле.
Државната видео лотарија веќе се екипира, а неодамна имаше и објавен оглас за вработување за многу позиции.
Во последните неколку години неколку анонимни компании од Лугано, Белизе, Панама и други дестинации познати како даночни раеви или оф – шор дестинации се појавија во сопственичките структури не многу македонски компании, од медиуми до градежништво, иако ова е прв пат таква фирма да е во директна соработка со компанија со државен капитал.
НОВА неодамна изработи видео сторија која ги објаснува замките на тајното сопствеништво, како и присуството на таквите компании во земјава.