И токму јас, заедно со моите пријатели редовно сме протестирале против загадувањето на воздухот во Тетово, додека многумина ме критикувале кажувајќи дека јас немам право на таков протест заради фактот што член на моето семејство го води градот. Меѓутоа, воздухот што го дишиме е и мој, и нејзин, и на тие што протестираат и на сите нас кои живееме тука, сите го дишеме истиот воздух
Пишува: Беса Арифи, Вонреден професор на Универзитетот на Југо-Источна Европа
Тетово се гуши во чад минативе денови. Не, овој пат не е чадот кој се ширеше од Југохром и не труеше со години се додека владата не одлучи да почне да ги почитува законите на оваа држава кои го забрануваат загадувањето на животната средина и тоа го сметаат за кривично дело. Не беше ни чадот што пред неколку години, во некои други времиња, секоја вечер не труеше преку тивко и скриено палење на сметот во дивата депонија која официјално се нарекува Претоварна станица за смет. Тогаш навечер се ширеше полека и без многу помпа овој чад кој помалку се гледаше, но упорно, секоја ноќ ги труеше граѓаните. Овој пат пожарот кој избувна во депонијата од далеку се гледаше дека е подметнат и дека има точно одредена цел. Целта беше јасна: на само два дена пред конечно да започне отстранувањето на сметот од тоа место, според одлука на владата која распредели средства за ова цел во последниот ребаланс на буџетот, тој процес да се саботира, најотворено, среде бел ден, со намерно подметнување на пожар кој беше кобен за целото население на овој град и чии последици допрва уште повеќе ќе ги почувствуваме.
Неронски ќе се запалеше целиот град само за да се постигне некој крвав политички поен, заработен на грбот на здравјето на граѓаните. Бидејќи луѓето од овој век изгледа се спремни да направат се, да го запалат и сопствениот град за да дојдат до некоја мизерна положба да управуваат после со урнатините и остатоците од истиот.
Јас сум пораснала во семејство каде заштитата на животната средина било главен дел од воспитувањето. Моите родители не учеле разумно да ги користиме природните ресурси и никако да не ги злоупотребуваме. Мојот татко до ден денес, иако има 83 години, никаде во градот не се движи со својот автомобил, туку истиот го употребува само кога патува подалеку. Во Тетово нема добро обележани велосипедски патеки, и на истите се паркираат автомобили, сепак јас на работа одам со велосипед, а кога патувам за Скопје се трудам колку што е можно почесто да употребам јавен превоз и многу ретко одам со сопствена кола. Сакам на сопствените деца да им покажам дека чувањето на околината треба да претставува нивна најсуштествена цивилизациска карактеристика и дека тоа треба да биде начин на живеење а не само случајно и ад-хок поведение.
И токму јас, заедно со моите пријатели редовно сме протестирале против загадувањето на воздухот во Тетово, додека многумина ме критикувале кажувајќи дека јас немам право на таков протест заради фактот што член на моето семејство го води градот. Меѓутоа, воздухот што го дишиме е и мој, и нејзин, и на тие што протестираат и на сите нас кои живееме тука, сите го дишеме истиот воздух. И јас, како и сите други имам исто право да барам и да добијам објаснување за тоа што се прави во врска со најтешките еколошки проблеми во овој град, зошто решенијата доцнеле или доцнат, зошто се чекаше до сега за да почне да се реши проблемот со сметот, дали имало или немало пречки, и ако да, кои се тие. И секој граѓанин треба да ги бара тие одговори од надлежните локални власти, и секој градоначалник, треба со трпение да објасни и образложи пред сите за тоа што правеле како власт, и со какви потешкотии се среќавале. Тоа е политички и правен процес. Политички процес е бидејќи граѓаните ќе слушаат и ќе видат што се правело, што не се правело и зошто, ќе оценат за точноста на информациите што ги добиваат, и според тоа ќе одлучат за кого ќе гласаат во наредните избори. Правен процес е бидејќи надлежните државни органи кои имаат пристап до информациите околу работењето на локалните власти, ќе видат дали има основа за правна одговорност или не, и според тоа ќе постапат.
Меѓутоа, тоа што не смее да се случи е здравјето на граѓаните да се прокоцка за некакви политички цели, и згора на тоа, да се најде и оправдување за лицата кои подметнале пожар, како да се тие херои а не криминалци, и тоа не само обични пиромани, туку и извршители на најтешките кривични дела против животната средина кои што треба сериозно да се казнат. Многумина велат не било важно кој го подметнал пожарот, туку важно било зошто локалните власти не успеале да се справат со години со проблемот на дивата депонија.
Меѓутоа, знаете ли што е најважно од се? Важно и особено трауматично е што ние, граѓаните од Тетово, се труеме со денови во чадот на сопствениот смет. Заради што? Заради суетите на оваа или онаа страна, заради политички лицемерија и подметнувања, или што би рекол Рацин, “за туѓи бели дробови”. Додуша, не мислам дека останал веќе бел дроб во градов, после сиве овие години.
Зарем нема да научиме дека здравјето не се купува со пари и со власт? И онака, баш најиндијански, како некои милуваат да го нарекуваат мојата етничка припадност, да цитирам еден поглавар кој рекол: “Кога последното дрво ќе биде исечено, кога последната река ќе биде отруена, кога последната риба ќе биде уловена, тогаш сите ќе разбереме дека парите не се јадат”, а јас би додала дека можеби тогаш ќе разбереме и дека власта не се дише.