НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025

Интервју со пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска: Ни треба повеќе храброст но не во ветувањата туку во исполнувањата

March 25, 2025

Subscribe to Updates

Get the latest creative news from FooBar about art, design and business.

НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Тетовска болница жртва на бизнис интересите на власта

1
By Менче Атанасова Точи on May 31, 2016 Uncategorized
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email

Кога одлучил да ја изградил првата приватна болница во Македонија доктор Адил Мустафа од Албанија не ни замислувал со какви политичко- банкарски измами ќе се соочи и ќе заглави до гуша во долгови.

Приказната започнува веднаш по воениот конфликт во 2001 ва година, кога доктор Мустафа заедно со уште 20 други бизнисмени Албанци кои живеат во странство биле повикани од високи функционери на ДУИ да инвестираат во државата. Било договорено семејството Мустафа, Адил и неговата сопруга да инвестираат во изградба на болница. Во 2004 та година изградбата на објектот во Мала Речица,тетовско била завршена.

Болницата „Шендети Медикал“ која е распослана на 5000 метри квадратни и располага со 100 болнички соби, на почеток започнала да функционира како поликлиника, за што биле опремени првите два спрата и биле вработени 20 здравствени работници. Кога работата тргнала добро, планот бил да се инвестира понатаму за да профункционира како болница со повеќе одделенија.

bolnica pult sestra logo

Но, плановите не се оствариле бидејќи како што вели доктор Мустафа, тие станале жртва на валканите игри на банката во режија на високи функционери во власта.

„Иако имав поддршка од Али Ахмети, станав жртва на власта и високи функционери на ДУИ, кои прво преку банката, а потоа и преку Фондот за здравство го зададоа фаталниот удар и ги избркаа од земјава турските партнери кои инвестираа во одделот за дијализа“, раскажува за НОВА, доктор Адил Мустафа.

Најголемата штета со уцени, лихварство, перење пари и лажни кредитни услови, како што вели Мустафа ја направила УНИ Банка, со поддршка на одредени моќници од власта, случај за кој сега се врши вештачење во Основното јавно обвинителство по однос на жалбата, откако минатата година како неоснована била отфрлена кривичната пријава против тројцата директори на УНИ Банка.

За случајот кој се влече цели 12 години семејството Мустафа ги има известено сите странски амбасади во земјава бидејќи правосудните органи досега не нашле за потребно да се занимаваат со случајот. Доктор Мустафа вели дека за се поседува докази, документи, фактури, снимени материјали, а бидејќи има сигурни индиции дека бил спомнуван и во „бомбите“, се надева дека СЈО ќе го превеземе и неговиот случај.

bolnica adil kopjuter_logo (1)

Доколку не се расветли случајот и нема правна разрешница, сопственикот на првата приватна болница во Македонија, најавува штрајк со глад.

Како се изјаловиле плановите за болницата и центарот за дијализа

Проектот за изградба на болницата, а подоцна и одделение за дијализа каде што влегол турски инвеститор бил поддржан од ДУИ и се одвивал преку тогашниот министер за здравство Бујар Османи, како и Хади Незир, поранешен министер без ресор. Со оваа инвестиција биле запознаени сите министри во Владата и лично екс премиерот Груевски.

Биле направени сите средби на високо ниво и во 2010 година турскиот инвеститот „Атик Медикал“, донел најсовремени апарати за дијализа од светски познати компании, раскажува за НОВА Џевџет Алими кој бил менаџер на турскиот инвеститор во Македонија.

„Бевме повикани од Владата и високи функционери на ДУИ да инвестираме во болницата „Шендети Медикал“ на Адил Мустафа. Направивме повеќе средби и ги добивме сите дозволи за работа. Инвестиција чинеше повеќе од половина милион евра. Вработивме медицински персонал и дијализата која ги исполнуваше сите европски стандарди можеше да започне со работа“, вели за НОВА Алими.

bolnicka soba logo

Но, пациентите од овој регион напразно чекале за да почнат со дијализа во подобри услови. И покрај поддршката и ветувања од Владата дијализата никогаш не профункционирала за македонските осигуреници.

Фондот за здравство не сакал да се склучи договор за здравствените услуги за дијализа со болницата „Шендети Медикал“ . Менаџерот Алили вели дека не добиле никакво образложение за тоа од Фондот и од тогашниот министер за здравство Бујар Османи, ниту од другите функционери на ДУИ кои ги избегнувале средбите со нив.

За година и половина колку што останале во Македонија работеле со загуба, имале само 12-13 пациенти, странски осигуреници кои преку лето доаѓале во државата и така успевале да покријат дел од трошоците за плата на вработените. Побарале помош и од турската амбасада во Македонија, но тие биле немоќни да го решат проблемот. Откако увиделе дека се измамени и залудно викнати да вложат во дијализата, турскиот инвеститор во 2012 година си заминал од земјата, а опремата ја продале во Азербеџан.

И сопственикот на болницата Адил Мустрафа и менаџерот Џевџет Алими сметаат дека болницата е жртва на македонско-албански бизнис интереси.

„Целата игра беше со дијализата да влезат Орка Холдинг на Орце Камчев и Метрополитен“, вели Алими.

Освен со дијализата, Фондот не сакал да склучи договор и со ниту една друга специјалистичка здравствена услуга со болницата „Шендети Медикал“, а имало хирургија, интерно, стоматологија, кардиологија, радиологија и слично. Поради ова се откажале и странските партнери кои инвестирале во одделот за радиологија.

bolnica operaciona sala logo (1)

Доктор Мустафа објаснува дека периодот на изградбата и започнувањето со работа на болницата „Шендети Медикал“ се поклупува со појавата на уште една приватна болница блиска до владеачката партија. А, кога влегле турските партнери веќе се подготвувал терен да се приватизира дијализата во државата и веќе се ковал план кој ќе го добие колачот.

„Станаваме заложници на корумпирани владини функционери од ДУИ кои ги избркаа турските инвеститори заради лични интереси, штитејќи ги бизнис интересите на конкуренцијата блиска до ВМРО ДПМНЕ. Тоа беше болницата на Орце Камчев, заради која пропаднаа сите наши инвестиции и преговори, а подоцна и дијализата. Не смееше да се дозволи да има конкуренција“, вели Мустафа, кичевчанец, кој повеќе од дваесет години има сопствена поликлиника во Албанија.

Тој повеќе пати се обидувал и вршел притисоци и на крај успеал да оствари средба со висок владин претставник.

„На таа средба ми беше речено дека нема што повеќе да бараме тука, дека сме направиле погрешна инвестиција. Тогаш реков дека се ќе објавам во јавност. Тој ми се закани дека доколку го сторам тоа, ќе ме уапсат. Така и се случи, веднаш по прес конференцијата, на која ги обелоденив деталите, бев уапсен на границата со Албанија и задржан во полициска станица една ноќ, наводно за некој сообраќаен прекршок од порано. Со кауција бев пуштен дома, но пораката беше јасна“, вели Мустафа.

bolnica vozila logo (1)

После тоа имало уште еден обид да влезе голем странски инвеститор кој бил заинтересиран за болницата „Шендети Медикал“. Но, и тогаш се случило нешто неочекувано. Во еден ден биле стопирани сите кредити во банката, се активирале хипотекарните кредити и е ставен клуч на болницата.

„Банкарите беа воодушевени што толку голема и позната странска компанија сака да ја преземе болницата „Шендети Медикал“. Но, во еден момент, најверојатно по разговор со некого од власта, го сменија мислењето, не сакаа да објаснат зошто ги стопираа кредитите и го активираа хипотекарниот кредит“, изјави Борче Чупетрески, кој го донел инвеститорот и бил вклучен од банката за да ја спаси долгови болницата.

Тоа значело пропаст за грандиозниот објект и крај заболницата„Шендети Медикал“ која стои затворена и е во сопственост на УНИ Банка.

bolnica resetki logo

НОВА стапи во контакт со сите инволвирани во случајот кои ги посочи доктор Мустафа и неговиот тим кои работат на расветлување на овој случај.

Екс министерот за здравство Бујар Османи прво рече дека подоцна ќе се изјасни бидејќи бил во гужва, но нагласи дека нема што да коментира. Подоцна не одговараше на телефонските повици и на прашањата кои му беа пратени по СМС.

Поранешниот министер без ресор Хади Незир објасни дека се обидел да помогне откога заглавиле работите, но негираше дека посредувал за да дојде турскиот инвеститор, како и планот за изградба на болницата.

„Се обидов да ги седнам на маса заедно со Бујар Османи но, екс министерот не сакаше да се сретне со нив.Сите министри избегнуваа, добро е што не влегов во тие води, човекот беше заглавен“, изјави за НОВА Хади Незир.

Авторот на овој текст телефонски го побара и екс директорот на Фондот за здравство Џемаил Мехази, за да го прашаме која е причината што Фондот не сакал да склучи договор за дијализата со болницата „Шендети Медикал“ но, само што го спомнавме името на докторот, гласот од другата страна на линијата рече:„ Овде е неговиот син. Татко ми е во странство, си го остави телефонот дома“.

После сите перипетии, лажни ветувања, измами со банката современата болницата изградена пред 12 години во тетовско, пропаѓа оставена на забот на времето.

Приватизацијата на дијализата се случи една година подоцна, а на огласот добија добија две фирми, Орка Холдинг АД Скопје, на Орце Камчев и Метрополитен ДООЕЛ Скопје. На тој конкурс отпаднаа „Фризениус Медикал“,АД Д-р Пановски и СИЗ Вита дијализен центар-Тетово.

Еден од условите беше фирмата која ќе ја добие лиценцата за работа со дијализата да склучи договор за деловно техничка соработка со уште два производители на потрошен материјал и апарати за дијализа со минимум годишна продажба од 45 милиони дијализери кои што имаат преставништво или дистрибутер во државата.

bolnica 1_logo (1)

Овој услов ги збуни големите странските компании специјализирани за дијализа кои сметаа дека е невообичаено во пракса, Министерството за здравство да ги условува доколку добијат на огласот да се здружат со конкуретски фирми иако самите се производители на целокупната медицинска опрема. Во некои од компаниите тогаш коментираа дека немале ниту време да се организираат за да конкурираат, бидејќи огласот бил случајно откриен 15 дена по неговото објавување.

Резултатот од сето ова беше тоа што Орка Холдинг ја доби дијализата во западна Македонија односно, градовите Тетово, Гостивар,Дебар, Струга и Кичево, како и во регионот каде што спаѓаат Прилеп, Битола, Велес, Кавадарци и Охрид. Метрополитен ДООЕЛ Скопје стопанисува со дијализата во Крива Паланка, Куманово, Делчево, Кочани, Гевгелија, Струмица и Штип, како и скопскиот регион.

Лиценците за вршење здравствена дејност со дијализата беа дадени за период од 20 години, а фирмите кои инвестираа во апарати ги наследија и стопанисуваат со објектите од јавно здравство каде што беа сместени поранешните Центри за дијализа.

Продолжува: Како банкарите переле пари и правеле матни зделки со кредитот на болницата

 

Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Бугарски државјанин исчезнал при нуркање на длабочина од 89 метри во водите на Охридското Езеро

August 9, 2025

Уште гори во близина на главниот грчки град – изгореа куќи и има загинат

August 9, 2025

Албанската полиција ја опколи ТВ Њуз 24 и го исклучи сигналот

August 9, 2025

Уставниот суд на Косово: Парламентот мора да избере нов спикер со јавно гласање

August 9, 2025

Зеленски изјави дека Украинците нема да им ја дадат својата земја на окупаторите

August 9, 2025
ФОКУС

Нови дваесетина убиени во денешните израелски напади врз Газа

ВЕСТИ August 9, 2025

Бројот на загинати во денешните израелски напади врз Појасот Газа се искачи на најмалку 20,…

Претседателот на Собранието Африм Фаши ги распиша локалните избори – ќе се одржат на 19-ти октомври 2025

August 9, 2025

Зеленски: Одговорот на украинското територијално прашање веќе се наоѓа во Уставот на Украина, од тоа никој нема да се повлече и нема да може да се повлече

August 9, 2025

Ројтерс: Трамп и Путин на 15-ти август ќе се сретнат во Алјаска за мировен договор меѓу Русија и Украина

August 9, 2025

Претплати се на е-билтенот на НоваТВ

Добиј ги последните вести на твојата е-адреса.

CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2025 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.