Намалување на акцизата за горивата за 10, 20, па и 30 отсто, но и укинување на ДДВ-то за ограничен број на основни продукти, објави Телма ТВ.
Ова се дел од сценаријата што се разгледуваат во земјава за ублажување на ценовниот шок на енергенсите што е продуциран од руско-украинската војна. Тоа, пак, само по себе влече низа поскапувања и на останатите производи за широка потрошувачка и се одразува на животниот стандард на граѓаните.
Во таа насока, според Телма ТВ, Владата се подготвува за утре да донесе две значајни одлуки за амортизирање на порастот на цените. Ова беше посочено и во вечерашното издание на емисијата „Топ тема“ чиј гостин беше министерот за економија, Крешник Бектеши.
Со мерката за укинување на ДДВ-то, освен ограничена и конкретна листа на прехранбени производи, се разгледува да бидат опфатени и парното и струјата.