Американскиот претседател Доналд Трамп одговори на фалбите на севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун дека го имал „нуклеарното копче“ на неговата работна маса со предупредување дека САД имаат „поголемо и помоќно нуклеарно копче“.
Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун, во својот новогодишен говор, изјави дека САД мора да прифатат оти нуклеарната програма на Пјонгјанг, е реалност.
Тој во своето новогодишно обраќање предупреди дека нуклеарното копче е на неговото биро.
„Целото американското копно е на дофат на нашиот нуклеарен арсенал“, рече Ким, додавајќи дека „САД никогаш нема да можат да започнат војна против мене и нашата држава“.
Лидерот на Северна Кореја кажа и дека неговата земја „може да се справи со секаква нуклеарна закана од САД и дека има силна нуклеарна одбрана што ги спречува САД да си играат со оган”.
„САД мора да разберат дека ова не е уцена, туку реалност“, додаде тој.
Ким Јонг Ун вети дека нема да нападне, ако не е загрозен мирот во неговата држава.
Тој воедно упати посмирувачки тон кон Јужна Кореја, сугерирајќи дека е „отворен за дијалог“.

