Новизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, денеска повторно предложи Канада да стане 51-та сојузна држава на САД споделувајќи мапа на неговата мрежа Трут соушл (Truth Social) каде што Канада е претставена како дел од САД.
Републиканецот неколкупати претходно сугерираше дека Канада треба да стане сојузна држава на САД, но вчера ја отфрли можноста за употреба на воена сила за анексија на Канада. Сепак, не ја исклучи можноста за економски притисок.
Инаку, во последните денови Трамп побара Данска да го отстапи Гренланд на САД. – Тие треба да се откажат од тоа бидејќи ни треба за националната безбедност. Тоа е за слободниот свет. Зборувам за заштита на слободниот свет, оцени Трамп. Воедно тој одби да исклучи можност за употреба на воени и економски средства за да ја натера Данска на таков чекор.
Тој исто така бара и враќање на Панамскиот канал од Панама: „Го дадовме Панамскиот канал на Панама. Ние не го дадовме на Кина, а тие го злоупотребија“.
Трамп, исто така најави и преименување на Мексиканскиот Залив во американски залив.