Информациите на НАТО укажуваат дека Москва подготвува нова офанзива во источна и јужна Украина и оти се очекува војната да влезе во круцијална фаза, порача генерашниот секратар на Алијансата, Јенс Столтенберг, јави дописничката на МИА од Брисел.
„Русија се повлекува од Киев и од поголемиот дел од северот. Значително го намалува присуството во тие делови на Украина, затоа што не успеа. Путин не ја постигна целта да го заземе Киев и многу други градови на северот, но не успеа. Сега ги преместува трупите од северот кон Белорусија, па долу на исток во Русија, со цел да ги обнови трупите со војници и муниција“, посочи првиот човек на НАТО во пресрет на утрешниот вонреден состанок на министрите за надворешни работи .
Русија, рече Столтенберг, бележи големи загуби, но нема да се откаже.
„Очекуваме нова офанзива која ќе биде концентрирана на Донбас, за да го заземе целото подрачје во кое Украина има и најмногу вооружени сили. За тоа е потребно некое време, неколку недели, но се плашиме дека ќе има нова голема руска офанзива во Донбас и во тој временски рок е екстремно важно да дадеме поддршка, да ги снабдиме украинските сили вклучително и со разни видови опрема“, објасни Столтенберг.
Министрите за надворешни работи на НАТО ќе разговараат токму за разните видови поддршка што треба да ѝ се дадат на Украина, како и испорака на противтенковско оружје, системи за противоздушна одбрана и друга опрема.
Но, НАТО нема да смени став во однос на испраќањето на свои сили на терен ниту за затворање на небото, повтори шефот на Северноатлантската алијанса, и покрај барањата на Киев.
„Нема да има трупи на НАТО, ниту авиони на НАТО на украинското небо. Имаме одговорност да спречиме војна меѓу Русија и НАТО, која би предизвикала уште повеќе смрт, уништување и би била уште поопасна“, рече Столтенберг и додаде дека не очекува ниту една земја-членка на Алијансата да побара испраќање на НАТО војска во Украина.
Тој повтори дека директна конфронтација со Русија, која е нуклеарна сила, претставува преголема опасност за НАТО земјите.
Столтенберг предупреди дека по целосно повлекување на руските трупи од Украина, треба да се очекуваат нови сцени како оние во Буча. За НАТО, Москва е целосно одговорна за масакрот во Буча. Русија од своја страна обвинува дека масакрот е извршен по руското повлекување од овој град на крајот на март.
„Имаме информации од разни извори, отворени извори, комерцијални сателити и сите ја кажуваат истата приказна. Се случија брутални ѕверства на многу места во Украина кои ги контролираше Русија и се плашам дека ќе видиме уште примери на убивање и таргетирање на цивили, што се воени злосторства“, наведе Столтенберг.
Членството на Украина во НАТО и натаму не е на маса, затоа што за такво нешто нема консензус меѓу 30-те земји членки на Алијансата. Според Столтенберг, важно е да се извлечат поуките од војната во Украина за да можат да се спречат исти сценарија во земји кои се наоѓаат во слични ситуации, посочувајќи ги Грузија и Босна и Херцеговина како примери.