Цените на нафтата денеска се зголемија на 124 долари, како последица на договорот на Европската Унија (ЕУ) за забрана за увоз на руска нафта од бродови и најавата за укинување на пандемиските ограничувања во Шангај.
На лондонската берза, цената на барелот во договорите со рок на испорака во јули порасна за 2,11 долари од претходното затворање, и достигна 123,78 долари. Во договорите со рокови за испорака во август, се зголеми за 1,57 долари и достигна 119,17 долари.
Еден барел на американскиот пазар се тргуваше за 3,46 долари поскапо, односно по цена од 118,53 долари.
Трговците денеска се фокусираа на договорот на лидерите на ЕУ за забрана на увоз на руска нафта со бродови, која сочинува 90 отсто од вкупниот увоз. Тоа е најтешката санкција што Унијата ѝ ја воведе на Москва од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари.
Увозот на сурова нафта постепено ќе се намалува во текот на шест месеци, а увозот на деривати за осум месеци. Забраната нема да вклучува нафта испорачана преку гасоводот, во концесија на Унгарија.
„Бидејќи две третини од рускиот извоз на сурова нафта се испорачува по морски пат, ЕУ ќе мора да најде замена за околу 1,5 милиони барели нафта дневно“, објаснува аналитичарот на ПВМ, Тамаш Варга.
Тој додава дека „количината е всушност поблиску до 2,1 до 2,2 милиони барели дневно, бидејќи Полска и Германија планираат да го прекинат купувањето нафта од гасоводот до крајот на годината“.
Удел во растот на цените има најавата од Шангај дека на граѓаните ќе им се овозможи да ги напуштат своите домови и да ги користат своите автомобили од среда.