Пишува: Нано Ружин
Зошто геополитичката имагинација e толку популарна како никогаш досега? – Војната во Украина и тектонските придвижувања придонесоа да се зборува исклучиво низ јазикот на геополитиката и геостратегијата.
Пред некој месец во Скопје гостуваше Френсис Фукујама, кој во врска со украинската криза истакна дека „се работело само на довршување на отпочнатите процеси од 1989 година кога падна тоталитаризмот во Европа“. Во колумната на списанието „Национален интерес“ тој пишува: „борбата околу сите клучни прашања е завршена“ (1989 година) и советува дека „САД насекаде треба да го наметнат овој модел со помош на „меката сила“.
Познатиот француски филозоф Жак Дерида сметаше дека оваа теза претставува интелектуален израз на хегемонијата на Западот кон останатиот свет. Ако на академско ниво, „просторниот пресврт“ од 1989 година ја зајакна взаемноста меѓу историјата и географијата, меѓу начинот на кој аналитичарите ја реконструираа историјата и ја пласираа во просторот, веќе со падот на Берлинскиот ѕид, имплозијата на СССР и СФРЈ и крајот на Студената војна, просторот почнува да се перцепира како производ на човековиот дискурс и геополитика, а не како позадина на битови волшебни приказни.
Уште од античките војни кои ги опишувал првиот претставник на реалистичката школа Тукидид, војните се воделе исклучиво за територија, независно од причините, распаметените или здивените страсти. Студената војна, како прво искуство на „нуклеарниот мир“, претставуваше конзервирана форма на простор, конторлиран од страна на големите суперсили.
Од денешен аспект, популарниот диносаурус-сексист и мизожин Џемс Бонд 007 беше типичен продукт на филмовите од Студената војна. Кога таа заврши, заживеа митот за „крајот на историјата“ и „апсолутната победа на американскиот универзален модел“ промовиран од Фукујама.
Тој сметаше дека победникот на Студената војна, САД понудиле универзална алатка за идниот вечен мир. Идеопоклонството кон либералната демократија и пазарното стопанство одеше дотаму што дел од аналитичарите по распуштањето на Варшавскиот договор, инсистирале дека треба да се распушти и НАТО.
„Исчезна Raison d’etre на Алијансата, затоа треба да исчезне и самата Алијанса“, беше слоганот на европските космполити.
Еден од нив бил и диседентот Вацлав Хавел. За време на посетата на Вашингтон во 1990 година, како претседателот на Чехословачка, Хавел се заложил за распуштање на воено-политичките алијанси и изградба на европската конфедерација околу ОБСЕ. Меѓутоа, сите пост-комунистички лидери не го делеле таквото мислење.
Џула Хорн, од МНР на Унгарија, уште во 1989 година искажал желба дека „еден ден можеби Унгарија ќе стане членка на НАТО“, иако СССР пулсирал. Во февруари во 1990 година, на средбата со државниот секретар на САД, Џемс Бејкер, Михаил Горбачов изјавил „дека проширувањето (rassihirenie) на НАТО зоната не е прифатливо за Москва (iavliaetsia nepriemlemym). Меѓутоа, американската администрацијата и натаму останала внимателна и со одредени резерви и процениле дека „под шармот на Горбачев, НАТО ризикува
да падне во замката на распуштање или фрагментирање“.
На почетокот на 90-тите, САД биле против проширување на Алијансата
Натократите не брзале со одлуката за распуштање на Алијансата, дотолку повеќе што голем број на држави од источниот блок, во НАТО препознаваа перспективи за „националната безбедност“, по годините минати под доминација на СССР. Тие држави, кои излегоа од советската орбита и оптоварени со синдромот на „безгласни авторитарни држави“, настојуваа да се наметнат како проамерикански субјекти и да го сочуваат територијалниот
интегритет и суверенитет.
Алијансата беше идеално место за „засолнување под безбедносниот чадор“, но и задолжителен бајпас за членството кон Европската Унија (ЕУ). Во 1990 година, кога светот сè уште се освестуваше од „берлинскиот шок“, во Лондон се одржа 11-от Самит на Алијансата на кој се дебатираше за иднината на НАТО. На наредниот во Рим во 1991 година, беше предложено „НАТО да се отвори кон поранешните членки на Варшавскиот договор“, но сè уште никој не зборуваше за полноправно членство, туку за „партнерски односи“. За таа цел беше создаден Советот на северноатланска соработка, подоцна Советот на ПЗМ, нешто што денес би наликувало на „европската политичка заедница“ на Макрон.
На 31 декември во 1991 година се распадна и СССР. За американската администрација на новоизбраниот претседател Бил Клинтон, стратешки приоритети биле демократизацијата и воведување на пазарното стопанство во Русија. Клинтон воопшто не помислувал за проширување на НАТО со новосоздадените пост-комунистички режими, стравувајки дека на тој начин би го загрозил духот на Договорите од Москва од 1990 година.
Овој договор, познат и како „Договор 4+2“, беше договор меѓу претставници на двете Германии (Западна Германија и Источна Германија), како и четирите сојузнички сили од Втората светска војна (Франција, САД, Велика Британија и СССР). Со потпишување на договорот од 12 септември во 1990 година
во Москва, беше отворен патот за повторно обединување на Германија.
САД ја менуваат стратегијата за проширување на Алијансата
Почетоците на 90-тите години во Европа беа одбележени со меѓуетничките судири на тлото на поранешна Југославија. Глобализираниот свет чувствуваше зголемена потреба од имплементација на мировни сили, простор кој беше како порачан за НАТО. Постепено, кон средината на 90-тите, американскиот претседател Клинтон ја менува стратегијата кон пост-комунистичките режими, произлезени од советската империја. Наместо демократизација и реформи во Руската федерација, приоритет во американската надворешна политика добиваат пост-комуинстичките демократии.
На 1 декември во 1994 година, раководниот механизам на Алијансата НАК-Северноатлански Совет, објавува дека Алијансата е подготвена да се проширува со државите од поранешниот комунистички блок, од Групата „Вишеград“. Во 1999 година, на јубилејниот Вашингтонски Самит, со членство се стекнуваат првите три членки (Полска, Чешка и Унгарија) и тоа во екот на југословенската криза. Во 1995 година, Македонија се здоби со МАП-статусот АПЧ.
Во ова време, заради внимателноста кон северниот сосед, во нашата држава повеќе се зборуваше за еквидистанца отколку за НАТО. Од една страна се мислеше на Алијансата, а од друга страна на неутралниот статус. Меѓутоа, научените лекции од историјата подучуваа дека во кризните или воени ситуации, никој не го почитувал таквиот статус. Тоа го покажа примерот со Луксембург, држава основач на НАТО, која низ двете светски војни, независно од признатиот неутрален статус уште од 19-от век, беше прегазена за време на двете светски војни.
Хантингтон против Фукујама
Во 1996 година еден нов бестселер од перото на Самуел Хантигтон – „Судирот на
цивилизациите“ ги разбранува меѓународните духови и отвори голема дебата во научните и дипломатски кругови. За САД, промоцијата на либералната демократијата стана носечка доктрина на нејзината надворешна политика. Но, таа доктрина не минуваше насекаде со ист ефект, особено во Русија и Кина.
Според Хантингтон „кадифената завеса била заменета со железна завеса“. Процесот на вестернизација беше соочен и одбиен од другите цивилизации. Од тогаш изминаа неколку децении, а и самиот автор на „крајот на историјата“ излезе со „дообјаснувања“ за неговата теорија, со оглед дека емпиријата ги негираше неговите предвидувања. Сепак, во некои тези, тој остана доследен.
Фукујама објасни дека кризата во Украина „не претставува пресвртница со која ќе се најави новиот светски поредок, туку се работи за зачувување на поредокот воспоставен по крајот на Студената војна. Меѓутоа оваа негова изјава беше пред инвазијата на Русија. Нема сомнеж дека настаните во Украина се огромен чекор назад отколку пресвртница и во овој миг никој не знае каков ќе биде епилогот на војната во Украина или меѓународниот светски поредок.
Во Скопје, тој најави дека доколку Путин победи, тоа ќе создаде неповолен feed back и на Балканот кој е доста нестабилен и проруски ориентиран. Инаку, амбициите на Украина да стане членка на НАТО и на ЕУ ги толкува како „будење на духот од 1989 година“. Затоа смета дека ќе биде добро доколку Украина излезе како победник за да се оневозможи изговорот на Москва дека НАТО се вмешал во судирот.
На тезите на Фукујама се спротиставил Самуел Хантингтон, инаку негов професор кој почин во 2006 година. Тој не мислел дека либералната демократија и пазарното стопанство ќе го уредат светот според „западниот универзализам“. Тоа е илузија, бидејки неподнесувањето меѓу различни цивилизации е природна состојба на денешницата. Ние Американците сметаме дека сме посебни, но и другите цивилизации мислат за себе дека се посебни. Ако во 19 век војувале нациите, во 20 век војувале идеологиите, во 21 век ќе војуваат цивилизациите.
Според Хантингтон, религијата и културниот идентитет сè повеќе се присутни во меѓународните односи. Тој се повикува на вековните нетрпенија меѓу западните христијани, словенско-православните и арапско-муслиманските цивилизации, а војната во БиХ ја смета како „судир на цивилизации“, исто како и признавањето на Словенија и Хрватска од Западот, односно блискоста на Русија кон Србија и православните балкански народи.
Западот ќе војува со Исламот и со Кина, затоа препорачува таков меѓународен поредок кој ќе се потпира врз вештините и мудростите кои ќе воспостават рамнотежа меѓу културите. Тој сметал дека САД се предводник на слободниот свет, но е против мешање на Западот во воените интервенции (што САД засега го почитуваат во Украина). Хантигтон се залага за почитување на рамнотежата меѓу Русија и НАТО и против е проширување на Алијансата (но оваа теза потекнува од 1996 година кога сè уште не била развиена дебата за НАТО, ниту се случил 11 септември во 2001 година). Хантигтон бил и против влез на православните држави во НАТО.
Од аспект на руските стратешки интереси, Путин во хантингтоновски стил истакна дека причините за „специјалната операција во Украина“ се должат на недостаток на реализмот на САД како што е проширувањето на НАТО. За аналитичарите, овој судир кој го продлабочи антагонизмот со Русија и со Кина, ги врати САД на голема врата во Европа.
Путин не сфати дека светот се сменил, направи голем превид, започна брутална војна, сметајки дека Украина не е вистинска нација. Тој се однесува како да е стратег од 19 век, без да смета на глобализацијата и интердепендентноста на народите, на геополитиките и на солидарноста. Свесен е на територијалната и културолошка визија за моќта на Русија околу словенската и православната компонента, но не сфати дека постои и украински патриотизам и членство во НАТО.
„Со оваа војна тој ја жртвуваше сета „мека моќ“ – Soft power што ја стекна во изминатите 20 години меѓу личности како Хуелбек, Марин ле Пен, Орбан. Тој имаше, нафта, земен гас, енергенси, финансиска и економска моќ, а ова што го направи со Украина е ирационално и самоубиствено“, истакна францускиот академик Хелен Карер Д’анкос.
Европа како од Венера, САД како од Марс
Пред 20-тина години Роберт Каган, сопруг на Викторија Нуланд, ја објави книгата „Европјаните се однесуваат како да се од Венера, додека Американците како да се од Марс“. Персонофоикацијата е повеќе од јасна. Венера е симбол на љубовта и мирот, Марс е богот на војната.
Европската димензија на НАТО имаше историски хендикеп, заради „доктрината на договор“ според која Европјаните „немало потреба да се грижат за интервенциите надвор од границите на Алијансата, бидејќи тука секогаш биле Американците. Тие ја проектираа и ја финансираа одбраната на Европа. Европа успешно се засолнуваше зад сенката на Чичко Сам“.
Постепено, геополитиката еволуираше, особено по воздушната кампања на НАТО врз СР Југославија од 1999 година. Две децнии подоцна, со војната во Украина, светот се врати во Студентата војна со сериозни закани за нуклеарен судир. И Русија на Путин покажа дека е од Марс. Тоа ги потикна сојузниците, НАТО и ЕУ, да ги зајакнат редовите.
Војната во Украина го излечи НАТО од апоплексија како што велеше Макрон. Алијансата стана привлечна и за нејзините најиндеферентни сојузници, Шведска и Финска. На мапата на Европа претстои голем пресврт поради барањето членство во НАТО од двете неутрални скандинавски земји.
Од геополитички аспект, Русија се спротистави на членството на Финска и на Шведска во Алијансата, бидејќи се прошири границата со НАТО за 200 километри. Тоа може да се смета и за најголемиот пресврт во Европа од 1989 година. Од друга страна, Русија со инвазијата во Украина ги прекрши одредбите и на меѓународното право и на политичките декларации кои ја штитеа непроменливоста на границите.
„Целиот проект на ЕУ, европското здружување и соработка се потпираат на таквите норми. Војната се случи и ги промени перспективите на сите земји, и на оние кои сè во НАТО и на оние кои досега не биле. Целиот западен свет застана на страна на жртвите, на страната на одбраната на поредокот кој ја одржува стабилноста на Европа од 1945 година“.
Неутралноста на Финска во контекст на конфликтот со Русија, може да се толкува низ геополитички и историски факти. Финска војуваше со СССР во 1939
година и загуби дел од територијата. За да ги врати загубените териториите ѝ се придружи на нацистичка Германија. По војната, Финска беше исклучена од победничката коалиција, а во договор со СССР, Москва гарантираше воена неутралност и некористење на нејзината територија за напад на СССР“.
Шведска се најде во слична „равенка“ на скандинавските земји во однос со Русија. Шведска има малку поинаква приказна од Финска. Нејзината традиционална неутралност датира од Наполеонските војни од 1812 година и длабоко е вкоренета во културата на Швеѓаните. Шведска беше неутрална и во двете светски војни, иако ѝ даде одредени отстапки на нацистичка Германија за да остане надвор од воениот конфликт“.
Северна Македонија и војната во Украина
И нашата држава е дел од Алијансата, но македонското општество е поделено во однос на оваа војна. Познавачите сметаат дека тоа се должи на пандемијата, постојаната економска криза, нискиот животен стандард, разочараноста во ЕУ.
Какво е вистинското расположение на јавното мислење во Северна Македонија за „специјалната операција на Путин во Украина?“ – Во моментот не постојат попрецизни податоци за oваа чувствителна тема. Познато е дека јавното мислење за надворешната политика од секогаш претставувала резервна закана за секоја влада.
Од анализата на медиумите, инаку привилегиран и неопходен вектор за
надворешната политика и дипломатија, може да се заклучи дека кај нас се пренесуваат главно информации од големите меѓународните извори како „Си-Ен-Ен“, „Би-Би-Си“, Еуроњуз, итн.
Од анализата на циркулирање на информациите кои се од транснационален карактер, евидентно е дека сè уште државите се главните актери во материјата на надворешната политика и поседуваат монопол во формирање на јавното мислење. На тој начин владите остануваат главни актери во трансферирање на специифичностите и стратегиите на надворешната политика и информирање на јавноста. Евидентно е дека во овој вид на кризи, владите сè повеќе соработуваат за менаџирањ на јавното мислење, било заради неповолниот однос на внатрешното расположение, било заради влијанието од надвор.
Оваа констатација е дотолку порелевантна кога сe има предвид дека нашата држава е членка на Алијансата и се наоѓа во постојан информативен контакт со класифицирани информации. Се добива впечаток дека во Северна Македонија јавното мислење не е доволно изменаџирано. Можеби и неискуството на една млада држава членка или чувствителноста на темата влијаат врз дифузијата на информациите во државата.
Во такви услови, социјалните мрежи се наметнуваат како основни индикатори на расположението на јавното мислење. Во однос на војната во Украина, состојбите на јавното мислење се далеку подобри од оние во Бугарија, но, сепак, се одликуваат со поделеност и неконзитентност.
Она што во услови на криза е релевантно е да се истакнат домашните интереси на нашите граѓани и држава. Некои можеби се емотивно, некои се реферираат на словенството и на православието, но интересот на Северна Македонија е да ги исполнува обврските кон Алијансата и да биде солиден, интероперативен и корисен член.
Во една прилика, американскиот амбасадор во НАТО, Николас Барнс порача:
„Членството во НАТО го доживувате како потреба од безбедносен чадор. Но, не заборавајте дека ако сте членка на Алијансата, таа дијалогика треба да ја
поставите и во спротивна насока: Со што Северна Македонија може да придонесе кон Алијансата?“
Оваа позната парафраза на Џон Кенеди, може да е водилка и за нас и за воената и за цивилната елита на МО. Како најмлада држава-членка на Алијансата, како член на овој одбран клуб на 30 држави, имаме посебни обврски и амбиции и не се сомневам дека имаме и голем придонес и значај за Алијансата.