Украина се надева дека денеска ќе бидат отворени три хуманитарни коридори за евакуација на цивилите од опколените градови, изјави вицепремиерката на Украина, Ирина Верешчук.
Верешук истакна дека тоа ќе вклучува обид да се воспостави безбеден коридор за луѓето кои со приватни возила ќе го напуштат опколениот јужен пристаништен град Мариупол.
Синоќа градоначалникот на Мариупол Вадим Бојченко изјави дека неговиот град е во рацете на руските сили.
– Не е се во наша моќ. За жал ние сме во рацете на окупаторите, рече Бојченко во телевизиско интервју во живо, пренесе Си-Ен-Ен.
Бојченко повика на евакуација на преостанатите жители на Мариупол, кој имаше над 400.000 жители пред Русија да започне инвазија врз Украина на 24 февруари.
– Според нашите проценки, околу 160.000 луѓе се во опколениот град Мариупол, каде што е невозможно да се живее, бидејќи нема вода, струја, греење, нема комуникации, рече Бојченко.
Си-Ен-Ен истакнува дека не е познато дали се уште има борби во градот. Украинските власти тврдат дека руските сили спречиле хуманитарни конвои безбедно да се приближат или да излезат од градот.
– Нашата најважна мисија денес е да го спасиме секој живот. И има надежи дека ќе успееме. На пример, има 26 автобуси кои треба да одат до Мариупол за да евакуираат, но за жал, тие не добија дозвола за движење, појасни градоначалникот.