Русија ги засилува воздушните напади, со повеќе од 250 летови во последните 24 часа, објави утрово украинската армија. Тоа се 60 летови повеќе од ден претходно, а како главни цели се посочуваат Киев, Чернихов и Харков.
„Од почетокот на руската инвазија врз Украина пред еден месец, во Харков загинаа 294 цивили , меѓу кои и 15 деца“, објави денеска полицијата на „Телеграм“.
Од таму додадоа дека „луѓето едвај ги напуштаат засолништата, а станбени делови, училиштата, болниците и деловните објекти се наоѓаат во пламен“.
Пред војната, во Харков живееја 1,5 милиони луѓе. Градот во изминатите месец дена е под постојани воздушни напади, нагласи украинската војска.
Воени извори, исто така, изјавија дека во текот на вчерашниот ден биле погодени „11 непријателски воздушни мети“, вклучувајќи седум авиони, хеликоптер, дрон и две крстосувачки ракети.