Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска ги отфрли барањата на претседателот на Украина, Володимир Зеленски, кои ги претстави пред Советот на Европа, бидејќи, како што нагласи, „не се совпаѓаат со унгарските интереси“.
„Не дозволуваме Унгарија да биде вмешана во војна. Нема да испраќаме војници или оружје во Украина. Унгарија за нас е на прво место“, напиша Орбан на Фејсбук.
Во своето обраќање синоќа пред Европскиот совет, Зеленски побара од унгарскиот премиер Виктор Орбан да ја разјасни својата позиција, конкретно кон Русија.
„Унгарија, морам да застанам тука, да бидам искрен. Еднаш засекогаш треба да одлучите на чија страна сте. Вие сте независна земја. Сум бил во Будимпешта неколку пати, го сакам тој град. Луѓето се срдечни, знам дека поминавте низ некои трагични настани. Бев во меморијалниот центар покрај Дунав, на местото каде што беа извршени масовни убиства. Бев таму со моето семејство. Слушај, Виктор. Знаете ли што се случува во Мариупол во моментов?“, му упатил прашање Зеленски на Орбан.
Тој побара од Орбан да излезе на кејот на Дунав во Будимпешта и го праша дали сè уште се двоуми дали треба да се воведат санкции.