Унгарските пратеници, со 133 гласа „за“ и 27 „против“, го реизбраа лидерот на партијата Фидес, Виктор Орбан за премиер, функција што ја извршува од 2010 година, пренесе агенцијата МТИ.
Орбан, веднаш по гласањето, положи заклетва и ја презеде функцијата.
Кабинетот на унгарскиот премиер претходно соопшти дека Орбан ги завршил преговорите за формирање на новата влада, во која многу министри ќе ги задржат своите ресори.
Орбан кажа оти има изгледи за доаѓање на „ера на рецесија“ во Европа, бидејќи континентот се бори со зголемени цени на енергијата и високата инфлација поради војната во Украина.
Говорејќи во парламентот, Орбан кажа дека Будимпешта нема да ги блокира санкциите на ЕУ наметнати за Русија поради нападот врз Украина се додека тие не претставуваат ризик за енергетската безбедност на Унгарија.
Унгарскиот премиер, исто така, додаде дека владата ќе работи на ограничување на инфлацијата во земјата, преземајќи внимателни чекори за регулирање на цените.