Поранешниот американски претседател Џорџ Буш погрешно ја нарече инвазијата на Ирак како „бруталан и неоправдана“, а потоа се поправи велејќи дека мислел на руската инвазија на Украина.
„Буш го направи гафот за време на говор во Далас во кој го критикуваше рускиот политички систем“, јавува „Ројтерс“.
„Резултат на таквиот систем во Русија е непостоење на контрола и рамнотежа што му овозможи на еден човек да почне потполно неоправдана и брутална инвазија на Ирак“, рече Буш од говорницата, а потоа, одмавнувајќи со главата, се корегира „Сакам да кажам, на Украина“.
George W. Bush: “The decision of one man to launch a wholly unjustified and brutal invasion of Iraq — I mean of Ukraine.”pic.twitter.com/amgTG41RPb
— Ken Klippenstein (@kenklippenstein) May 19, 2022
Потоа се пошегува на своја сметка, велејќи дека годините очигледно го прават своето, што предизвика смеење во публиката.
Во критиката во која го осуди рускиот претседател Владимир Путин за инвазијата на Украина, Буш го спореди украинскиот претседател Володимир Зеленски со британскиот лидер во Втората светска војна, Винстон Черчил.
Британската агенција потсетува дека САД во 2003 година, во време на претседателскиот мандат на Буш, ја предводеа инвазијата на Ирак со оправдување дека земјата поседува оружје за масовно уништување кое никогаш не беше пронајдено. Долгогодишниот конфликт однесе стотици илјади човечки животи, а голем број беа раселени.
Коментарот на Буш набрзина стана вирален на социјалните мрежи, а само на Твитер имаше три милиони прегледи, откако снимката ја објави новинар на локалниот медиум „Далас њуз“.