Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вечерва изјави дека истражителот на СЈО кој беше приведен на разговор во полициската станица Беко фотографирал објект на екс директорот на УБК Сашо Мијалков.
-Истражителот на СЈО денеска бил забележан од обезбедувањето на екс директорот на УБК Сашо Мијалков како фотографира објект и бил приведен во ПС Беко на разговор и по насоки на ЈО се побарани негова изјава и целиот предмет е во ЈО, а истражителот е пуштен, рече Спасовски, додавајќи дека наредбата за тоа ја издал надлежниот јавен обвинител кој постапува по тој предмет.
Тој нема информација дали објектот бил приватен или пак деловен.
Спасовски тврди дека се што не е земено од страна на СЈО од УБК е на сигурно и дека законот е јасен дека наредбите треба да се спроведат, а доколку не се спроведат тоа е кривично дело.
Тој рече дека УБК е обезбедувана исто како и МВР, и дека опремата во зградата е под обезбедување на МВР и под видео надзор.