Заврши церемонијата на свечено отворање на Зимските олимписки игри во Пекинг што се одржа на националниот стадион „Птичје гнездо“.
Церемонијата почна со уметничка точка преку која е претставено будење на пролетта во Кина и спектакуларен огномет над стадионот со натпис „пролет“.
На спортскиот настан ќе учествуваат околу 3.000 спортисти кои ќе се натпреваруваат во седум спортови и 15 дисциплини. Меѓу нив и тројца македонски претставници – Ана Цветановска (крос-кантри), Ставре Јада (нордиско трчање) и Дардан Дехари (алпско скијање) кој беше и знаменосец на дефилето на нации.
Натпреварите ќе се одржат во Пекинг, во Јанцин и во Џангџаку во соседната провинција Хебеј.
На церемонијата, меѓу другите, присуствуваа кинескиот претседател Си Џинпинг, неговиот руски колега, Владимир Путин и претседателот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), Томас Бах.
Пекинг од денеска и официјално е прв град кој бил домаќин на Зимски и на Летни олимписки игри, откако го организираше најголемиот светски спортски настан и во летото во 2008 година.
Зимските олимписки игри ќе бидат одржани под строги здравствени правила поради пандемијата на коронавирус и ќе траат до 20 февруари.