Македонската фудбалска репрезентација вечерва му гостува на актуелниот европски шампион Италија во полуфиналниот бараж меч за пласман на Светското првенство во Катар на крајот на оваа година. Мечот ќе се одигра на стадионот „Ренцо Барбера“ во Палермо со почеток во 20:45 часот.
Најавите се дека на трибините ќе присуствуваат околу 2.000 македонски фанови. Дел од нив, според видеата што кружат по социјалните мрежи, веќе се загреваат за поддршка на „црвено-жолтите“ во обид, по ЕП 2020, да обезбедат место на уште еден голем турнир, во случајот дебитантски на Миундијалите.
Петнаесетина македонски фанови, со препознатливото скандирање „зига, зага, Македонија“, се огласија низ улиците во центарот на Палермо, „крадејќи“ од вниманието на љубопитните минувачи во кафулињата, рестораните и пешачката зона во центарот на Палермо.