Градоначалникот на Центар, Владимир Тодоровиќ упатува во Министерството за култура, а министерката за култура Елизабета Канческа Милевска нема информации за спомен обележјето на Мајка Тереза, кое ќе биде поставено заедно со споменик висок над 32 метри. Кога се работи за објект кој треба да биде поставен на јавен простор, во најстрогиот центар на една метропола, зачудува недостатокот на информации на надлежните за спомен обележјето на Мајка Тереза, кое на Скопје му го подарува контроверзниот индиски бизнисмен Субрата Рој.
Порталот Либертас ги објави фотографиите на макетата која тајно се чува во Музејот на македонска борба.
Градоначалникот на Центар, Владимир Тодоровиќ упатува во Министерството за култура, а министерката за култура Елизабета Канческа Милевска нема информации за спомен обележјето на Мајка Тереза, кое според мерките треба да биде повисоко од статуата на Александар на плоштадот Македонија. Она што може да се дознае е дека наводно индиски архитект е автор на идејното решение, а макетата е направена со помош на домашни луѓе.
Темелите за споменикот се веќе поставени зад споменикот на Александар на плоштадот Македонија. Но во меѓувреме Индискиот врховен суд му ги замрзна сметките на Субрата Рој заради сомневање за даночна измама, а од неодамна властите во Индија побараа и апсење на бизнисменот.
Во Скопје во јануари 2009 година пред Домот на АРМ беше изграден Спомен дом на Мајка Тереза чиј автор е архитектот Вангел Божиновски.