Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ денеска почнуваат со блокада на Собранието која, како што ни објаснија пратениците, ќе биде активна, а тоа значи дека тие ќе присуствуваат на собраниските седници како што е денешната пленарна, но нема да и дозволат на власта да носи законски решенија кои според нив се штетни за граѓаните.
Пратничката група на ВМРО-ДПМНЕ, како што велат, ќе дојде и за време на собраниската расправа за буџетот, за да предложат решенија кои ќе бидат од интерес на граѓаните. Блокадата е поттикната од барањето на партијата за лидерска средба за предвремени парламентарни избори, која не беше прифатена од премиерот Димитар Ковачевски.
Според него станува збор за неодговорна постапка на најголемата опозициска партија која има политички цели и не е во интерес на граѓаните и на компаниите. Блокадата, како што вели координаторот Никола Мицевски, ќе трае сè додека власта не се согласи на датум за предвремени парламентарни избори.
„Ќе одиме до крај зашто можеме и мораме да ја осигураме иднината на граѓаните“, изјави Мицевски.
Според опозициската партија, ако остане СДСМ на власт долгот на државата ќе се зголемува, сиромаштијата ќе расте, а криминалот ќе царува. Премиерот Ковачевски, пак, е дециден деца изборите ќе се одржат во нивниот редовен термин.
„Избори ќе има во 2024 година, прво претседателски, па парламентарни, во својот редовен термин. Доста беа времињата кога во државата се правеа избори на само две години, кога економијата стоеше и кога единствено нешто што правеше владејачката партија, беше мерење на својот рејтинг и одење на избори и на крајот видовме како заврши целиот тој процес“, изјави вчера Ковачевски.
Владата, вели премиерот, има полн легитимитет и мандат, посветена е на решавање на проблемите и справување со предизвиците пред граѓаните и државата.
С.М.