Во Меморијалниот центар Сребреница – Поточари денеска се одбележува 30-годишнината од геноцидот врз Бошњаците извршен од српските сили во јули 1995 година.
На комеморацијата ќе бидат погребани посмртните останки на седум жртви од Сребреница, пронајдени на различни локации, меѓу кои и две 19-годишни момчиња, најмладите меѓу денешните погребани.
На настанот се очекува присуство на лидери од повеќе земји, а според медиумите од Сараево, комеморацијата би можела да привлече околу 150.000 луѓе.
Генералното собрание на Обединетите нации минатата година го прогласи 11 јули за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница, осудувајќи го негирањето на геноцидот и глорификацијата на воените злосторници.