Пишува: Борис Камчев
Чајка, или Галеб на македонски, така е именувано можеби најважното истражување на Фондот за борба против корупција (ФБК) на Алексеј Навални, опозиционер, активист и блогер на рускиот Лајвжурнал следен од неколку милиони корисници.
Како може да се прокоментираат откритијата од резонантното истражување на ФБК што неделава го потресе рускиот интернет а за кое главните државни телевизии сеуште остануваат глуви?
Извештајот не само што шокира со описите за рекет и изнуди за преземање на бизниси низ цела Русија со кои се бавеле синовите на Јуриј Чајка, јавниот обвинител на Руската Федерација, како и инволвираноста на жените на неговите заменици од високото обвинителство, туку и ги покажува опсегот, бруталноста и неминовноста со кои организираниот криминал го опфатил судско-безбедносниот систем на земјата.
Одамна се знае дека рускиот бирократско-управувачки апарат, топтан од најниските скалила до врвот, е заснован на разни стадиуми од коруптивни односи при што бизнисот и политиката се сраснати како сијамски близнаци. Мал е бројот на локални раководители, гувернери, регионални или централни депутати, па заменици-министри или министри и останати високи функционри кои не водат милионски бизниси и не го користат административно-државниот ресурс во полза на унапредување на своите приватни бизниси. Во оваа земја не си на јасно дали државата е мафијашка или мафијата е државна.
ФБК, се бори токму против тоа, во недостиг од функционални државни антикорупциски институти кои имитират борба против мито и корупција.
Фондот на Навални е финансиран преку краудсорсинг, од паричните пожртвувања на милиони Руси, вклучително и на потписникот на овие редови. На сите нам ни е преку глава од тоа како пред нашите очи чиновниците и нивните најтесни семејства и кланови буквално се пумпаат со милиони долари и го разграбуват националното богатство на Русија. Затоа ФБК прави продлабочни скенирања и ги раскринкува нивните грижливо чувани тајни сметки, катастерски изводи и други документи кои ја потврдуваат сопственоста, документирано со снимки од беспилотни летала, профили од социјални мрежи, користење на информатички технологии за онлајн лоцирање, како и со класични новинарски истражувања.
Како резултат, фондот објавува компетентни извештаи за чиновниците кои градат милионски дачи во Подмосковје или поседуваат странски раскошни недвижности по Азурниот или Егејскиот брег.
Летово, посебно интересна тема за читање беше ексклузивниот меден месец на Дмитриј Песков, портпаролот на Путин, и познатата руска гимнастичарка Татјана Навка, кога тие својата свадба ја празнувале на бреговите на Сицилија на најскапата супер-јахта во светот, Maltese Falcon, со 385 илјади евра неделна рента во шпиц сезонa. И за тоа како Навка, наводно на својот сопруг му подарила часовник во вредност од неколку стотици илјади евра, за кој подоцна се потврди дека бил во сопственост на Песков бидејќи го носел многу месеци пред свадбата.
Меѓутоа, скандалот со прокуророт Чајка ги надминува сите досегашни откритија на ФБК. Во документарниот филм, снимен по повод ова истражување, но и во комплетниот извештај објавен на блогот на Навални, се дознава дека Артјом Чајка, постариот син на прокуророт, во 2002 бил замешан во рекет на важна државна пароходна компаниија од Иркутск при што директорот на компанијата кој се спротиставувал на преземањето на фирмата бил задавен од страна на наемен убиец пратен од Чајка јуниор.
Тоа било почеток на кариерата на „успешниот бизнисмен“ Артјом Чајка, кој во наредните години ги користи врските на неговиот татко министер за правда (подоцна преминува во обвинителството), со регионалните и федерални судски институции и преку рекет и изнуда презема една по друга разни приватни и државни компании, десетици, некои уништува а некои препродава, и преку сметки во разни банки пери пари во разни шеми како онаа на Малта, за да стане милионер пред да наполни трисетгодишна возвраст. Во истите шеми е вклучен и неговиот помал брат Игор.
Во 2013, постариот брат, заедно со Олга Лопатина, бивша сопруга на заменик обвинителот на Русија, Генадиј Лопатин, отвораат еден од најраскошните ресорти некогаш изградени на северното крајбрежје на Грција, на првиот крак на полустровот Халкидики, хотелот со пет ѕвезди Pomegranate Wellness Spa, во чија изградба инвестираат околу 30 милиони евра.
Во обемното истражување на Навални се дознава дека Лопатина била поврзана со бизниси водени заедно со жените на лидерите на озлогласената криминалната банда Цапок. Оваа банда во тек на многу години го тероризираше Краснодарски крај со разни нерешени грабежи, убиства и силувања. Ова ја оправдува и долгогодишноста на оперирањето на оваа организирана криминална група – Цапок и неговиот партнер Цеповјаз, несомнено, имале „криша“ од државни безбедносни структури кои ќареле од нивниот зулум во Краснодар, се вели во извештајот на ФБК.
Во 2013, главарите на ова банда беа осудени на доживотен затвор откако во Краснодар извршија грозоморно убиство на повеќечлено семејство на локален фармер кој застанал на нивниот пат. Бруталноста со која се служеле убијците ја потресе цела Русија, кога покрај возрасните членови на семејството, ликвидирани биле и три деца, најмалото – на возраст од единаесет месеци. Телата на убиеното семејство биле фрлени на купче и запалени сосе нивниот дом.
„Во позадина на ова убиство, часовникот на Песков, обесениот директор на пароходната компанија па и грчкиот хотел на Чајка јуниор изгледаат досадно и неинтересно“, напиша за изданието „Слон“ рускиот новинар Олег Кашин.
„Го прифативме часовникот, па и грчките хотели. Но единствено што неможеме да прифатиме е растојанието од две ракувања помеѓу јавниот обвинител и тие кои убивале единаесет месечно девојче. Тоа е шок, тоа е страшно, тоа не се простува“, пишува Кашин.
Во една од последните сцени на документарецот, Навални ослободувачки вели: „Ние излеговме надвор од рамките на нашите обични антикорупциски истражувања, бидејќи овде нема само корупција, овде има и грабежи, убиства, рекети. Овој систем е неказнив бидејќи е создаден од тие што треба да казнуваат, и во него дејствуваат толку голем број на луѓе што највисокото раковдство на земјата, несомнено, знае што се случува“.
Тој додава дека за Јуриј Чајка постои такво дебело досие на компромитирачки материјали што тој е целосно под контрола, марионета што исполнува наредби, тоа е неговата улога.