Во Скопје продолжува неформалниот состанок на директорите за политичкo – безбедносни прашања на министерства за надворешни работи на земјите-членки на НАТО. Претседавач е помошничката на генералниот секретар на НАТО за политички прашања и безбедносна политика, Бетина Каденбах. На состанокот учествуваат и високи претставници на Европската Унија (ЕУ).
На првата работна сесија на состанокот, посветена на Западен Балкан се обрати министерот за надворешни работи, Бујар Османи кој рече дека отсуството на кредибилна европска и евроатлантска перспектива на Западен Балкан може да има мноштво негативни последици, особено во поглед на регионалната стабилност.
„Оттука, забрзувањето на евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан, како и консолидираниот пристап на НАТО и ЕУ во регионот е најдобрата алатка за надминување на безбедносните предизвици и зачувување на демократските процеси во нашите простори“, порача Османи.
Министерството за надворешни работи (МНР) за првпат е дмаќин на таков настан по членството на Македонија во НАТО.