Српскиот претседател во Нови Сад на премиерите Заев и Рама ќе им предложи формирање на таканаречен балкански „мини Шенген“ кој би требало да претставува некој вид на “царинска унија” која ќе функционира по примерот на ЕУ. Со детали за оваа идеја денеска ќе бидат запознаени Заев и Рама на заедничкиот состанок. Српските официјални претставници, оваа иницијатива на Вучиќ, ја објаснуваа како потреба од зајакнување на регионалната соработка на економски план преку отстранување на различните административни бариери. Сепак, иако на прв поглед делува прифатливо постојат повеќе дилеми околу потребата за прифаќање на една ваква иницијатива на Белград.
Познато е дека земјите од регионот се вклучени во ЦЕФТА во која по зачленувањето на Полска, Чешка, Словачка Унгарија, Романија, Бугарија, Хрватска и Словенија во ЕУ останаа сите држави од Западниот Балкан плус Молдавија. Оваа иницијатива која ги нуди на располагање сите механизми за слободна трговија, за жал, не е искористена во целост поради тоа што секоја од членките со своите внатрешни проблеми и слабости на системите го ограничуваат применувањето на сите одредби од ЦЕФТА. Иако согласно овој договор не би требало одредена стока да чека со денови и ноќи на граничните премини тоа, за жал, сепак е реалност во актуелната трговска размена на земјите членки на оваа иницијатива што јасно укажува на потребата од сериозни внатрешни реформи кои би овозможиле ефикасно функционирање на сите одредби од овој договор кој беше замислен како вежбална за слободна трговија во предворјето на големиот европски пазар.
Дополнително сите заинтересирани за ефикасна соработка во регионот на располагање го имаат Берлинскиот процес и, се разбира, Советот за регионална соработка, институции под закрилата на ЕУ која е стратешка цел на барем дел од земјите во регионот.
Идејата на Вучиќ за “царинска унија” во април годинава во Брисел не беше отфрлена, но претставниците на ЕК сепак сугерираа дека би било подобро земјите од регионот да се концентрираат на продлабочување на соработката во рамките на ЦЕФТА.
Со оглед на тоа што желбата и потребата за ефикасна регионална соработка има на располагање повеќе инструменти, нејасно е кој е мотивот на Вучиќ за какви било други иницијативи. Една од претпоставките е дека во позадина е политички мотив – Србија да се позиционира како централен фактор во една ваква нејасна нова конструкција, а со тоа да направи и баланс со неговата авантура со влезот во Евроазиската Унија и флертовите со Путин.
Регионалната соработка е секако повеќе од непоходна, но исто така и хендикепирана без решавање на билатералните спорови. Добар пример за тоа сме ние. Македонија имаше пристојна економска соработка со Грција и Бугарија, но таа очигледно, како што укажуваат бројките, драстично се подобри откако беа склучени договорите за надминување на билатералните спорови кои во голема мера имаа влијание врз целата атмосфера во меѓусебната соработка.
„Бројките”, кога сме кај магичниот збор на бизнисмените во оваа смисла, воопшто не говорат во полза на оваа идеја. Единствени на кои оваа идеја може да им се допадне се можеби Вучиќ поради интересите на неговата шизофрена политика со која очајнички се обидува да баласира меѓу Москва и Брисел и се разбира, евроскептичните кругови во самата ЕУ кои би сакале Балканот да се држи понастрана од нив. Во таа смисла, „мини Шенген“ или било која друга форма на супститут на европската интеграција може да значи само оддалечување од стратешките цели во политичка смисла. Исто така, оваа иницијатива може да биде прифатлива за таканаречаниот „транзициски“ бизнис кој во отсуство на знаење и умеење како да се стигне до европскиот квалитет кој ги отвора вратите на големиот европски пазар ќе се задоволат со познатите бизнис модели на балканската крчма.
Во овој момент на земјите од Западен Балкан им фали реформска динамика. Во таа смисла потребни се регионални иницијативи кој ќе помогнат во процесот на забрзување на реформските процеси чија реализација ќе доведе и до можност за поефикасно функционирање на сите регионални иницијативи под чадорот на ЕУ, а во функција на подобрување на економските перформанси и забрзување на патот до целосната интеграција во ЕУ.