Околу 4 милиони евра потрошила владата и одделни државни институции за реклами и кампањи во 2013 година или речиси исто колку за сите кампањи во 2010, 2011 и 2012. Од овие 4 милиони евра, за дури 3.5 милиони договорите се склучени во последните 3 месеци.
Просечна вредност на кампањите на владата според податоците достапни на Бирото за јавни набавки е околу половина милион евра. Најскапите кампањисе оние на Агенцијата за електронски комуникации и АД Електрани на Македонија.
АД Елем на 24 Септември склучила договор агенцијата РЕПУБЛИКА за кампања за промоција на активностите и инвестициите на компанијата во вредност од 49 милиони денари или скоро 780 илјади евра. Додека истиот месец на 23, АЕК склучила договор за изработка на кампања за промоција на нивните активности со агенцијата ОМЕГА КОМУНИКЕЈШН во вредност од 60 милиони денари или речиси 1 милион евра.
Владата се уште одбива да и достави на Европската комисија податоци за тоа колку пари се потрошени на реклами во медиумите. Вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими имаше задача да ги достави овие податоци до Брисел, но од Генералниот секретаријат не му биле дадено со образложение дека се класифицирани, односно државна тајна. Од Бирото за јавни набавки може да се добие единствено вкупната вредност на одредена кампања, но информациите за тоа колку пари од одредена кампања се слеале во одредени медиуми, односно колку владата плаќа за емитување на рекламите остануваат државна тајна.