Оставките на Игор Милев, Виолета Дума и Александар Чичаковски според премиерот Зоран Заев се морален чекор преземен поради критиките од јавноста.
„Се работи за исклучителни професионалци кои што имаа сериозна улога во едно сериозно време и ја завршија професионално. Одлуката која што ја донесоа знам дека е законска, но веројатно не е морална, не е етичка. Поради тоа јас денес го поздравувам чинот кој што го направија сите, а тоа е да ги вратат назад парите во Буџетот. Истовремено, поднесоа и лична одговорност како морален чекор, веројатно поради критиките на јавноста, и поради тоа пред кое што беа исправени“, рече Заев.
Тој смета дека тие испратиле порака на морално и етичко однесување кога јавноста знае да реагира.
Неговата изјава доаѓа по денешниот настан во организација на на Хелсиншкиот комитет за човекови права, по повод Меѓународниот ден за борба против корупцијата кој се одржа на Правниот факултет во Скопје.
Во име на Владата и партиите од владината коалиција, премиерот Зоран Заев заедно со претседателот на ДУИ, Али Ахмети, екс министерот Арбен Таравари и претседателот на ЗЕЛС, Петре Шилегов, денеска потпишаа Декларација за борба против корупцијата.
Потписниците на декларацијата на овој настан, пред македонската јавност, искажаа и јавна обврска дека ќе се застапуваат за нула толеранција за корупцијата, како и за целосно почитување на човековите права.
Декларацијата беше потпиашана за време на настанот „Корупција – непосредна закана за човековите права“.
Во својот говор, Заев порача дека сите феномени на корупција и поткуп, на сите нивоа, се една од најподмолните закани за општеството и за сите граѓани во него, а дека општеството, институциите, особено оние институции и поединци кои се најодговорни и најповикани, мораат да ги препознаат, спречат и казнат сите форми на корупција.
– Ако за тоа нема волја, или ако тие механизми се попречени на било кој начин, оваа општествена болест ќе ги опфати сите витални делови на заедницата и ќе го спречи нејзиниот развој, рече Заев.
Меѓу другото тој потенцираше дека на Македонија и е потребна сеопфатна, високо приоритетна акција за искоренување корупцијата на сите нивоа и во сите јавни институции.

