Вчерашната заедничка прес конференција на министерот за информатичко општество Иво Ивановски и претседателот на Здружението на новинари на Македонија Насер Селмани беше вистинско, а судејќи по реакциите на фелата на социјалните мрежи, и горко изненадување за новинарите кои се противат на носењето на нацрт-законот за медиуми.
Првиот аларм на тревога го „запали“ самата содржина на најавата за заедничката прес конференција, во која министерството ја известува јавноста дека во сабота во 11 часот во Клубот на пратеници кој е во владение на Службата за општи и заеднички работи на Владата на РМ ќе се одржи „заедничка прес-конференција за текот на преговорите околу нацрт-законите за медиуми“.
-Што е ова побогу?, напиша прва претседателката на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работнициќе на својот ФБ профил откако осамна соопштението за заедничкиот настап на Селмани и Ивановски.
Веста брзо се прошири, проследена со редици коментари од заинтересираните новинари, но и партнерските организации со кои ЗНМ заедно ја тераше битката против Законот за медиуми, коментари кои во себе содржеа многу прашалници. Дали со оваа конференција и евентуално влегување во преговори со Владата ЗНМ, всушност, им зари нож во грб на своите членови и поддржувачи. Кој дал благослов за овој заеднички настап? Дали има или нема преговори? Дали оваа одлука поминала на седница на Управниот одбор на ЗНМ и зошто членството не било известено.
НОВА во контакт со повеќе членови на Управниот одбор дозна дека на заедничката прес конференција и претходела итна седница на Управниот одбор одржана ден претходно, или, во приквечерието пред пресот со министерот. Извор во Управниот одбор кој сакаше да остане анонимен тврдеше дека Здружението и претседателот Селмани биле под силен притисок да прифатат да разговараат со владата околу нацрт-законот за медиуми. Мнозинството членови попуштиле под притисокот, но останала дилемата дали е ова вовед во катастрофална грешка.
-Имаше притисоци од странците, на телефон се јави дури и амбасадор од една моќна држава и така некако дојде до оваа конференција. И ние сме исплашени дека сето ова може да е вовед во уште една игранка и седнување на маса со владата после се што се случи, вели членот на УО на ЗНМ кој бараше да остане анонимен.
Текстот на НОВА предизвика реакции помеѓу новинарите кои на социјалните мрежи коментираа дека членови на ЗНМ не се амбасадорите, туку новинарите. Малку подоцна, случајно или не, пристигна заедничко писмено соопштение од ЕУ и САД во кое тие ги поздравуваат вестите дека Владатата и новинарите постигнале согласност со цел да ги придвижат работите натаму во однос на Нацрт-медиумските закони.
-Се надеваме дека ова ќе го поплочи патот за редовен дијалог во однос на сите прашања кои ги засегаат медиумите, а кои се нагласени во годишниот извештај на ЕУ и со тоа ќе придонесат кон создавање клима на доверба, стои во заедничката изјава на делегацијата на ЕУ и Амбасадата на САД во Македонија.
Претседателот на ЗНМ Насер Селмани вчера за НОВА кусо потврди дека имало притисок од страна на меѓународниот фактор, но децидно тврди дека Здружението не е во преговори со Владата и дека не сфаќа зошто во најавата на министерството за зааедничката прес конференција се споменува зборот преговори. Селмани децидно тврди и дека се уште е против законот за медиуми и дека тие и министерството се усогласиле само по три прашања.
– Побараа од нас да ги доставиме нашите забелешки. Добивме одговор дека тие од тоа прифаќаат дел од нашите барања. Печатените медиуми се изземени и ќе имаат само три обврски да објават импресум и сопственичка струкгура, интернетот е надвор од регулација, во агенцијата ќе има и кандидат на ЗНМ, а секое ограничување на содржината во медиумите да биде во согласност со судската пракса на европскиот суд. Тоа го прифатија, но голем дел од нашите забелешки не се прифатени, така што што и да речам преговори нема, вели Селмани.
Дали се преговара или само се разговара – за медиумските организации кои претходно делуваа заедно со ЗНМ во битката за спречување на носење на закон за медиуми разлика не постои.
-Изненадени сме од вчерашните изјави на Владата и на ЗНМ, и ја информираме медиумската заедница и јавноста дека за постигнатата согласност за усвојување на медиумските закони во итна постапка и во форма во која законите веќе се наоѓаат во собраниска процедура дознавме од медиумите. Вчудоневидени сме од најавата за дополнителни измени во законите, откако ќе бидат усвоени. Изјавите на вчерашната прес-конференција и искажаните ставови потоа се контрадикторни и создаваат дополнителна забуна, пишува во реакцијата на Македонскиот институт за медиуми.
Синдикатот освен што ја сподели својата загриженост, јасно му предочи на Здружението дека нивните постапки се далеку од фер-плеј.
-Очекувањето за известување и консултација ССНМ го темели врз основа на тоа што досега четири организации, ЗНМ, ССНМ ,МИМ и ЦРМ се координираа за активностите поврзани со носењето на законите“, се наведува во реакцијата на ССНМ.
Се огласи и Центарот за развој на медиуми.
-Вчерашната задничка прес-конференција на Министерството за информатичко општество и администрација и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), и информациите дека наводно, постигнале договор за промени во предложениот закон, ги проследивме со изненадување и сметаме дека какви било разговори и преговори зад затворени врати и надвор од рамките на една сеопфатна јавна и транспарентна расправа, се неприфатливи и штетни за слободата на медиумите во Република Македонија, се вели во нивното соопштение.
Заедничката прес конференција за многумина од новинарите кои се гласни на социјалните мрежи значи давање легитимитет на делувањето на Владата во намерите да донесе ваков закон. Денешниот ден беше во знакот на острите реакции и укажување сериозна недоверба во делувањето на ЗНМ од страна на останатите организации.
Селмани стои на ставот дека тие се уште се против законот и дека овие реакции се неосновани бидејќи тие само биле известени за прифатените барања од страна на министерството. Она што е извесно е дека штетата е веќе направена – Законот за медиуми ќе оди во итна постапка во Собранието, а Селмани можеби го чека соочување со гневниот дел од членството чии дилеми за тоа во чиј интерес делува ЗНМ се уште не се расчистени.