Неговото име е Пол Ван Бујтенен. Европски функционер во Европската комисија (ЕК) какви што во Брисел има илјадници, во костум и вратоврска. Oбичен функционер се до денот кога му се смачило од сето она што на негови очи се случувало во Комисијата и дирекцијата за финансиска контрола во која тој бил работел.
Малкумина од вас кои го читате овој текст ќе се сетат кој е Ван Бујтенен. На крајот на 90те години неговото име и e познато на цела Европа.
Пол Ван Бујтенен
Холанѓанецот Ван Бујтенен е човекот кој ја натера Европската комисија на Луксембуржанецот Жак Сантер да поднесе оставка. Во историјата на ЕУ ова е досега првата и еднинствена оставка на извршниот орган на ЕУ.
На 15 март 1999 година, во еден часот наутро, Жак Сантер, претседател на ЕК, излезе пред новинарите и изјави дека Комисијата едногласно одлучила да поднесе оставка.
Жак Сантер на прес конференцијата на 15 март 1999 година објавува оставка на целата Комисија
Настаните кои доведоа до oва се резултат помеѓу другото и на политички маневри но, тие не се тема на овој текст. Оставката е пред се резултат на храброста на Ван Бујтенен кој одлучи дека неправилностите, непотизмот и корупцијата на некои комесари од тогашната ЕК треба да бидат пријавени.
Оставката не дојде веднаш по објавувањето на неправилностите. Откако сфатил дека тоа што се прави во ЕК не смее да остане тајна, Ван Бујтенен, како сериозен, лојален и одговорен функционер, се обратил кај генералниот секретар на ЕК и комесарот задолжен за областа во која имало проблем.
Ова останало без резултат. Разочаран, Ван Бујтенен почнал да се сомнева во оправданоста на својата намера да ги изнесе во јавност проблемите и, за да ја смири својата совест, отишол дури и во црква на исповед.
Црквата не била од голема помош во справувањето со фактите па така функционерот пишува долго писмо од 34 страни до претседателите на политичките групи во Европскиот парламент (ЕП).
Наместо да го реши проблемот, писмото ја вознемирува Комисијата која го суспендира Ван Бујтенен.
Многумина од тогашните европски пратеници и медиумите кои ја следат работата на ЕУ, знаеле дека во ЕК има корупција. Според некои проценки станува збор за износ од 8 милијарди евра и корупција која Комисијата се обидувала да ја скрие.
Сето тоа било познато во самата Комисија но, наместо суспензија на виновниците, суспендиран е укажувачот на проблемот. Отворена е дури и истрага против него, платата му е намалена за половина, одземена му е секаква можност за напредок во карирерата а тогашниот комесар Нил Кинок предупреди дека секој вработен што ќе се однесува како Ван Бујтенен ќе биде отпуштен.
Патем, овој скандал стои зад креирањето на Олаф, огранизацијата на ЕУ за борба против корупција.
Огорчен, Ван Бујтенан потоа излезе од ЕК, во еден мандат беше пратеник во Европскиот парламент откако формираше партија Транспарентна Европа која влезе во групата на зелените. И во текот на својот пратенички мандат тој продолжи да се бори против корупцијата во ЕУ.
Овој човек беше првиот укажувач во Европската комисија кој, како што видовме, не беше примен во почести во самата институција по неговото укажување за корупција. ЕУ и сега, 17 години подоцна, се уште нема сериозна заштита за укажувачите во нејзините институции.
Терминот “укажувач”, како што стои во новиот македонски закон за заштита на укажувачите, е слободен превод на англискиот израз « whistle-blower » (свирка-свиркач) кој е креација на Ралф Надер во 1970 година. Според дефиницијата, укажувач е човек кој верува дека јавниот интерес е поважен од интересите на организацијата во која е вработен и укажува на корупција или илегална активност.
На translate.google.com зборот whistle-blower на македонски е преведен како “кодош”. Оваа негативна конотација на зборот не е проблем само во Македонија туку насекаде низ Европа.
Првиот вистински закон за заштита на овие луѓе и правото да се укаже на неправилности доаѓа од САД кога во Конгресот во 1863 година бил усвоен False claims act , закон за лажни изјави.
И додека во САД овој механизам на укажување неправилности има огромно значење, во ЕУ тој е се уште во повој и се лимитира на нацрт документи или препораки на ЕК и на Советот на Европа до земјите членки.
Сепак, овој американски закон не се однесува на тајните служби, полицијата и армијата.
Тука Европа се обидува да направи разлика.
Препораки, препораки и само препораки
Во 2014 година Советот на Европа усвои препораки кои, иако не се обврзувачки, претставуваат солидни принципи кои можат да се користат како одредници за секоја земја. Токму Македонија ги користеше овие препораки во изработката на нашиот закон кој наскоро треба да стапи на сила и кој од експертите е оценет како добар.
Заслугата за солидноста на препораките на Советот на Европа може во голем дел му се припише на Питер Омсихт, холандски пратеник од групата на демо-христијаните во оваа паневропска организација и автор на резолуцијата која ги содржи препораките.
Питер Омсихт
Резолуцијата препорачува заштита во јавниот и приватниот сектор но и во армијата или тајните служби кои можат да ја прилагодат заштитата поради посебната природа на нивната работа.
“Веќе во 2009 година ние ова го рековме, но со скандалот на прислушувањето во НСА и Едвард Сноуден на многу земји им стана јасно колку ова е значајно”, вели Омсихт.
Случајот на НСА и Сноуден не е единствениот во тајните служби. На пример, Џон Кириаку, агент на ЦИА, пријави тортура во испитувањето на затворениците на Ал Каида и поради тоа мина две години во затвор.
Според Омсихт, тоа не смее да се дозволи бидејќи укажувањата се од јавен интерес, а заштитата на укажувачите е “демократска неопходност”.
“Јавниот интерес е многу важен во една демократија. Ако нешто не е во ред во вашата организација, било приватна било во владата, и ако тоа покажува дека не е почитуван некој закон или се ставаат во опасност животи, мора да има можност неправилностите да се пријават кај хирерахијата и да се бара начин проблемот да се реши. Морам да кажам дека најголемиот број проблеми се решаваат токму на овој начин. Но ако организацијата е дисфункционална и ако овој начин на решавање на проблемот не може да се примени – проблем кој можеби укажува дека некои неправилности ставаат животи во опасност или дека владата не ги почитува своите сопствени закони – тогаш укажувачите мораат да бидат заштитени затоа што тие штитат јавен интерес”, изјави Омсихт по усвојувањето на резолуцијата во јули 2015 година.
Европските институции без заштита за укажувачите
Заштита во ЕУ е потребна и за укажувачите во нејзините институции и за зштита на укажувачите во земјите членки. ЕП од Комисијата бара да излезе со предлог кој на земјите ќе им наметне правила во оваа област што ќе треба да бидат пренесени во националните законодавства.
За Вим Вандеркеркове, предавач на Унверзитетот во Гринвич во Велика Британија и експерт за оваа област “ЕУ треба да има заштита за своите институции”, вели тој и заклучува дека сето тоа во ЕУ тешко оди.
Бенeдек Јавор, унгарски пратеник од политичката група на “Зелените партии” ги потврдува зборовите на Вандеркеркове:
“Оние кои ќе пријават неправилности во ЕУ институциите, вклучително и Парламентот, не се воопшто заштитени”, вели Јавор кој се надева дека на крајот на неговиот мандат ќе има заштита за укажувачите и додава дека за оваа област сите пратенички политички групи даваат поддршка.
Бенeдек Јавор
“Веќе со години ЕП политички притиска и бара од Комисијата да предложи закон за заштита на укажувачите кој ќе се однесува на сите земји членки и ќе предложи минимум стандарди за заштита. Според правилата, Парламентот тоа не може да го направи. Што се однесува до земјите членки, ЕК ни најави дека нема намера наскоро да излезе со предлог. Нам во Парламентот не ни е сосема јасно зошто. Во ЕК велат дека не се против ваков предлог но не знаат кога би излегле со ваков предлог”, додава тој.
Речиси сите земји членки имаат закони за заштита на укажувачите но помеѓу нив има огромни разлики. Според нашите соговорници, во некои земји членки има добри закони а во други не.
“Затоа бараме минимум европски стандарди во оваа област”, вели Јавор.
Влијанието на Лукс Ликс
Промените на добро во некои земји, како Холандија или Белгија, дојдоа со аферата Лукс Ликс (Lux Leaks) која беше откриена пред точно една година.
Станува збор за финансиски скандал кој ги открива стотиците фискални договори склучени помеѓу даночната служба на Луксембург и повеќе ревизорски фирми кои работеле за околу 340 меѓународни фирми како Епл, Амазон, Хајнц, Икеа или Дојче Банк. Скандалот го откри група новинари од повеќе познати европски медиуми кои истражуваа во рамките на Меѓународниот конзорциум за истражувачко новинарство. Откритието ја разбранува светската јавност бидејќи откриваше дека многу познати фирми избегнувале да платат данок и тоа преку даночни аранжмани применувани во Луксембург.
Скандалот се откри во моментот кога поранешниот и долгогодишен премиер на Луксембург Жан-Клод Јункер беше именуван за претседател на ЕК па од повеќе страни дојдоа барања за негова оставка со аргумент дека тој морал да знае за овие договори за неплаќање данок. Јункер сепак стана прв човек на Комисијата. Но откритието помогна да се донесат мерки за намалување на даночниот дампинг и техниките кои им дозволуваа на меѓународните фирми да не платат данок.
Французот Едвард Перен е еден од новинарите кои го открија Лукс Ликс. Според него, можете што сакате да откриете, но ако немате докази целата работа ви е залудна.
“Немаше да можеме да ја покажеме магнитудата на овој скандал без да ги споменеме имињата на фирмите и сумите кои беа во игра.
Можете да ги имате најдобрите закони за заштита на укажувачите, новинарите и слободата на изразувањето но ако вие од таа заштита се откажете и обвините за криминална активност (што ни се случи мене и на укажувачот Антоан Делтур) тогаш таа заштита е дискутабилна. Обвинителот смета дека јас немам право на заштитата наменета за новинарите бидејќи за обвинителот јас сум крадец”, резигрирано ни се доверува Перен.
Имено против Перен и укажувачот Делтур во тек е постапка за криминална активност во Луксембург иако оваа земја важи за “добар заштитувач на укажувачите”.
“Овој процес во Луксембург покажува дека земјата нема доволна заштита и покрај тоа што законот им е помеѓу најдобрите. Свиркачите не треба да се осудуваат и законите треба да оневозможат осуда на укажувачите. Укажувањето е ризична активност и општеството треба да биде на страната на укажувачите а не на страната на оние кои извршиле нешто неправилно”, вели пратеникот Јавор и додава дека се нетрпение го чека исходот на овој процес.
“Законот не смее да се користи против укажувачите”, вели тој.
Според Перен «анонимноста е неопходна за да може да се открие корупција и лошо работење».
За да се зачува анонимноста на укажувачите во Белгија неколку белгиски и француски медиуми, весниците Libre Belgique и Le Soir, националната белгиска телевизија РТБФ и францускиот дневник Le Monde, отворија интернет сајт под име “Source sûre” (Безбеден извор) кој на интернет корисници ќе им дозволи да бидат во контакт, на анонимен начин, со овие четири медиуми на најбезбеден начин и да им испратат документи или тајни информации за да се откријат нелегални или сомнителни акти.
Секоја добиена информација ќе биде разгледана и проверена во редакциите и, доколку се открие сомнителна зделка, медиумите ќе ја испратат до нивните обвинителства од кои се очекува истрага.
Две земји ги сменија законодавството по Лукс Ликс скандалот – Белгија и Холандија.
Белгија усвои закон на федерално ниво но за жал тоа законодавството се однесува само на јавниот сектор а не на приватниот.
За Перен белгиското законодавство е најдобро и тој смета дека ниту една друга европска земја не отишла толку далеку во заштитата на укажувачите и новинарите.
Белгија е првата земја во историјата за која може да се каже дека одлучила да реагира по укажувањата на британскиот новинар Едмунд Дин Морел и тоа уште во 1893 година. Морел открил дека автократскиот режим на белгискиот крал Леополд Втори во тогашната белгиска колонија Конго практикувал ропство, експлоатација и тортура врз локалното население на кое му биле сечени рацете и било оставано да гладува особено во индустријата на каучукот.
САД и Велика Британија застануваат на чело на меѓународно движење кое го кренало гласот против овие злоупотреби. Повеќе познати автори како Конан Дојл работеле напорно за да ја предупредат меѓународната заедница околу овие злоупотреби. Конечно, по повеќе притисоци, во 1904 година е формирана меѓународна комисијата која заминала за Конго за да види што се случува. Комисијата е независна и по 4 месеци работа таа ги потврдува наводите на укажувачот. Компаниите кои стоеле зад сето ова оствариле енормни заработки. А експлоатацијата и насилството, заедно со болестите и гладот, убиле половина од локалното население на Конго.
Белгискиот федерален закон е оценет како добар од експертите на Транспаренси Интернешнал и е на сила од средината на 2014 година. Тој почива на фламанскиот закон од оваа област од 2004 година. Овој белгиски регион е далеку понапреднат во оваа област од валонскиот и бриселскиот регион па оттука федералниот закон се потпира на овој регионален акт.
Но, организацијата Транспаренси Интернешнал, која се залага за перфектност во оваа област, вели дека на овој закон пред се му недостасува заштита на укажувачите во приватниот сектор и повеќе заложба за зајакнување на позицијата на овие луѓе.
Друга земја со добар закон е Холандија. Неодамна е едногласно усвоен нацрт закон и практично нема сомнение дека ќе се усвои. Овој закон се однесува и на приватниот и на јавниот сектор.
“Укажувачите прво треба да пријават неправилност кај работодавецот, потоа кај регулаторот и на крајот во медиумите ако претходните два обиди не успеале. Тешкотијата е кога укажувачот оди кај медиумите. За да не дојде до тоа треба да има добар закон за заштита. Ако заштитата доаѓа од институциите и ако законот е добар и добро се спроведува, тогаш зошто укажувачот би се обратил на медиум? Тоа се случува ако организациите, фирмите или владите не се способни да се корегираат”, вели Вандеркеркове.
Ќе видиме, вели тој, како ќе биде применет холандскиот закон кој акцент става на истрагата. Што значи дека има обврска да се направи истрага доколку укажувачот бил избркан од работа по својата пријава. Истрагата треба да утврди дали ова отпуштање било законско.
Вандеркеркове го цитира и британскиот закон кој во 1998 година бил прогресивен: “Но сега повеќе не е. Нема одредба за медиумите и примената оди преку законот за работни односи. На пример, ако некој забележал и пријавил неправилности и биде избркан од работа, се оди на суд. Ако судот каже дека човекот е неправедно избркан од работа на укажувачот му следува компензација. И тоа е се. Не следи истрага за неправилностите или злоупотребите, а таа истрага би требало автоматски да се активира”, вели овој белгиски експерт.
Земји со добри закони и закони со добри елементи
Пратеникот Јавор смета дека добри закони имаат Шведска и Ирска.
“Во некои земји има многу добри закони и во многу закони има добри елементи. Но она што е важно е следново: законот е едно но ако нема институции со политичка волја за споведување, сето тоа останува само хартија. Тоа е случај во многу земји. Често самите институции не знааат дека можат тој закон да го користат за некој случај. И кога има добар закон, треба обука за судиите, обвинителите и јавната администрација. Треба јасно да се стави на знаење дека овие закони се значајни во борбата против корупцијата”, вели Јавор и додава дека останува многу работа и тоа најмногу со политичарите.
“Важно е за секој закон да има елемент кој наметнува ревизија по одреден период и амандмани преку институција која треба сето тоа да го надгледува”, вели Вандеркерков.
Оваа област, се согласуваат нашите соговорници, е многу политизирана. За политичар е тешко да гласа против ваков закон и поради тоа се прават многу компромиси за да се направи терен за закон за заштита на укажувачите.
Кодош!
Повеќе ми се допаѓа – “укажувач”.
Најтешко е да се убедат политичарите да ја стават високо на нивната агенда заштитата на укажувачите и демократските придобивки кои од тоа можат да произлезат. Само на тој начин може да еволуира и менталитетот на јавноста која често овие луѓе ги нарекува кодоши, издајници или предавници. Јавноста треба да знае дека тие се укажувачи на злоупотреба и корупција која во одредени, најчесто високи, кругови се држи во тајност. Законите треба да и стават крај на оваа штетна тајност.