Новинарските еснафски организации денеска ги поднесоа забелешките на нацрт-законот за медиуми во министерството за информатичко општество, но соопштија дека тие остануваат на својот став дека законот треба да се повлече, а единствено да се имплементираат европските директиви за аудиовизулени услуги во делот на постоечкиот закон за радиодифузија.
Поставеноста на регулаторното тело, дефинирањето на професијата новинар, воведувањето единствен регулаторен режим за печатени, интернет и радиодифузни медиумите, решенијата за јавниот сервис и можноста за произволни толкувања на прекршувања во членот 4 беа главните забелешки на сите организации, со што практично , доколку се земат овие забелешки во предвид би отпадан поголемиот дел од законот.
Анализи беа овозможени и од странски експерти кои, исто така, препорачаа да не се носи законот вака како што е замислен. Во моментов законот е на експертиза во Советот на Европа и ОБСЕ, како што соопшти вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими.