Close Menu
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025

Интервју со пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска: Ни треба повеќе храброст но не во ветувањата туку во исполнувањата

March 25, 2025
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Зоран Кесиќ: Тајната на чичковиот орман

0
By Нова ТВ on February 19, 2021 ВЕСТИ
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email

Пишува Зоран Кесиќ

Понекогаш сонувам дека некогаш одамна сум убил некого.

Сум убил некого кришум, никој и не знае за тоа убиство, а до неодамна не сум знаел ни јас, бидејќи сум успеал таа страшна работа толку да ја потиснам и да ја заборавам, што сум живеел живот на обичен човек, човек кој никогаш никого не убил.

Сѐ досега, кога во сон сум се сетил „чекај бре, па јас онојпат го убив оној“.

А веднаш по тоа сознание настапуваат грижа на совест и страв.

И не знам што ме плаши повеќе – тоа што до крајот на животот ќе бидам свесен дека сум извршил злосторство или тоа што некој можеби ќе открие дека сум убиец.

А потоа се будам и некако ми паѓа мило и драго што никого не сум убил. Засега.

Можам да продолжам со вообичаените и секојдневни животни проблеми, со преиспитувања и со сезонски грижи на совеста, како оваа актуелната „сум се згоил како свиња, како ќе излезам ваков пред тв гледачите“.

Но, се прашувам деновиве како ли им е на сите оние кои, на сон или на јаве, се потсетиле дека навистина сериозно згрешиле.

Какво ли им е будењето на сите оние чичковци кои сонувале дека злоставувале и силувале, па пред нив е цел ден во кој ќе бидат свесни дека тоа не било „само обичен сон“?

Што ако во утринските весници осамне моја слика, си мисли чичкото?

Што ако, по Милена и Ива, прозбори и онаа „мојата“?

Што ако, додека појадувам, полицијата ми провали во станот?

Епа, нека ви е пријатен појадокот, ручекот и сите идни оброци.

И убаво спијте, ако можете.

Живејте, гадови, во страв!

Затоа што орманите во кои сте ги сокриле вашите костури веќе не можат да се затворат.

Почнаа да испаѓаат надвор и сите ќе видат што сте правеле.

О, каков радосен ден ќе биде тоа за правдата, о каква величествена симфонија на разиграни и речиси заборавени костури ќе биде тоа…

Само што нема да биде.

Нема тука ништо радосно, особено за жртвите.

Една случајно ја познавам. Ѝ напишав дека не треба да има ниту трошка сомнеж дали требало да излезе, дали требало да открие, дали требало да викне. И уште ѝ напишав дека по ова сите уште повеќе ќе ги почитуваат и ќе им се восхитуваат.

Затоа што можам да ја замислам ситуацијата во која и жртвата потиснува.

Ќе си рече дека тоа и не било толку страшно, ќе го оправда некако, ќе се зафати со нешто друго, ќе најде радост, ќе ја стрефи љубов, ќе се бори со други демони, ќе мине време, ќе заборави.

И тогаш, навистина е за восхит и за почит тоа да се откопа.

Одново да се проживеат болката и срамот, па уште и да се изложат на увид на сите нас знајни и незнајни.

Колективно да ѕирнеме во најдлабоко чуваната тајна.

Да осудиме, да процениме, да посоветуваме, да очекуваме уште детали, да испратиме порака со поддршка…

Или можеби и да се запрашаме „а зошто молчела“, да се посомневаме, да исмееме, да понижиме…

За почит и за восхит е храброста сето тоа да се понуди „на тацна“ на сите нас.

А нам ни е обврска да ги охрабриме жртвите.

Тоа што, како мене, никого не сме убиле, не нѐ прави добри граѓани, туку, можеби, повеќе граѓани кои во дадениот момент немале (за среќа) ништо тврдо, остро или експлозивно при рака.

Добри граѓани стануваме во оној момент кога сложно ќе им пружиме безрезервна поддршка на храбрите свиркачи и свиркачки.

Не само по повод актуелниот „актерски“ случај.

Би сакал да се тресат сите присилувачи, злоупотребувачи, арогантни надредени, одвратни локални шерифи, монструми на позиции од кои можат неказнето да прават гадости, уверени дека на жртвата ќе ѝ биде многу полесно да премолчи одошто да викне за помош.

Колку луѓе околу нас вечерва ќе заспијат и ќе сонуваат дека некој некогаш ги убил?

Никој не знае за тоа убиство, а до неодамна не знаеле ни тие, затоа што го потиснале.

Живеат како нормални, обични луѓе, а всушност, убиени се којзнае кога.

Епа, добро ви утро, луѓе!

Ако имате нешто да ни кажете, радо ќе ве сослушаме и ќе викаме заедно со вас.

И да знаете дека срамот, стравот, осудата и казната немаат ама баш ништо да бараат во вашиот двор.

Имено, имаат многу работа кај некои чичковци кои деновиве мака мачат да ги закатанчат своите стари, распаднати, пренатрупани ормани.

Текстот и насловот се преземени од опкружување –  платформа отворена и достапна за сите оние од регионот таканаречен Западен Балкан, чии гласови заслужуваат внимание и кои сакаат со своите текстови, видео записи и други формати да го изнесат својот критички поглед, да понудат нови идеи и видувања за сите случувања во соседството.

 

Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Експлозии и пожар во Минхен: полицијата со хеликоптер се приближи до куќа полна со експлозив

October 1, 2025

Грција блокирана – штрајк и ден без возови, бродови, такси, …

October 1, 2025

На првото патување тргна првиот воз во Европа без машиновозач

September 30, 2025

Зеленски: Украина испраќа воен тим во Данска за вежба против руски дронови

September 30, 2025

Чешка го ограничува влезот на руски граѓани со дипломатски пасоши и деловни визи

September 30, 2025
ФОКУС

Вашингтон до Курти: Прекинот на дијалогот меѓу САД и Косово е поради вашата влада, а не поради Србија

ВЕСТИ September 30, 2025

Стејт департментот порача дека САД се подготвени да соработуваат со косовската влада, но дека очекуваат…

„Ако не го прифатите, ќе биде тоа тажен крај“ – Трамп му даде 4 дена на Хамас за планот за Газа

September 30, 2025

Министерот за одбрана на САД до американските генерали и адмирали: Подгответе се за војна

September 30, 2025

Нетанјаху тврди дека воопшто не прифатил палестинска држава во разговорите со Трамп

September 30, 2025
ТИКЕР

Експлозии и пожар во Минхен: полицијата со хеликоптер се приближи до куќа полна со експлозив

October 1, 2025

Грција блокирана – штрајк и ден без возови, бродови, такси, …

October 1, 2025

На првото патување тргна првиот воз во Европа без машиновозач

September 30, 2025

Зеленски: Украина испраќа воен тим во Данска за вежба против руски дронови

September 30, 2025

Чешка го ограничува влезот на руски граѓани со дипломатски пасоши и деловни визи

September 30, 2025
CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2025 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.