Анестезиологот од КАРИЛ најверојатно таму бил нелегално, односно без договор, потврдија за НОВА и на клиниката каде што работи
Анестезиолог од КАРИЛ учествувал во породувањето со царски рез на родилката Дебора Џамбази која почина во четвртокот во приватната болница Санте Плус и најверојатно таму бил нелегално, дознава НОВА од свои извори во болницата. И директорот на ТОАРУЦ, др. Илир Хасани рече дека тој не е информиран за неговиот ангажман таму и не потпишал никаков договор со Санте Плус.
„Не можел да има договор без да знам, а јас такво нешто не сум потпишал. Ќе покренеме се што е во наша надлежност за да се испита целиот сплет на околности кои довеле до смрт на родилката.“, изјави за НОВА др. Хасани.
Од друга страна, во Санте Плус тврдат дека анестезиологот од КАРИЛ имал договор со болницата.
Во Законот за здравствена заштита во член 222 и 223 стои дека докторот кој сака да врши дополнителна дејност во друга болница мора да има договор со болницата каде што сака да врши дополнителна дејност, потоа двете болници да имаат договор меѓу себе, како и лекарот да има согласност од директорот каде што работи, во случајот од ТОАРУЦ. Овој анестезиолог учествувал во породување кое било однапред планирано и договорено, за кое родилката си платила однапред дел од сумата.
Но, она што е индикативно во целиот случај е што во Санте Плус упорно тврдат дека родилката била однесена жива во КАРИЛ, а од КАРИЛ се децидни дека таму е однесена почината.
„Пациентката е однесена со возило на Итна медицинска помош во придружба на двајца анестезиолози, била жива и во моментот на прием на КАРИЛ имала 20 отчукувања на срцето“, тврди Весна Камилова управителка на приватната болница Санте Плус.
Тоа го тврдат и во денешното соопштение за јавност.
Екипата од КАРИЛ кои ја примиле родилката уште во саботата потврдија дека е донесена почината, а тие пристапиле кон реанимација од очај.
„ Родилката беше донесена мртва, со мртовечки петихии, со проширени зеници, без срцева акција, немаше пулс, ниту свест. Ние пристапивме во реанимација повеќе од очај. Немавме информација што с е случувало во болницата претходно, но по еден час и 10 минути се откажавме бидејќи пациентката не покажа никакви знаци на живот, во ниту еден момент“, изјави за НОВА една од трите лекарки специјалисти, искусни анестезилози кои биле присутни во моментот на приемот и кои ја реанимирале младата жена заедно со останатиот тим на КАРИЛ.
И од Институтот за судска медицина денеска потврдија дека на документот, односно мртовечката придружница од КАРИЛ пишува дека родилката била донесена почината.
„Во документот за секое починато лице стои во каква состојба бил донесен на клиника, дали е донесен починат. Во документот од КАРИЛ пишува дека родилката е донесена почината, изјави за НОВА Александар Станков, директор на Институтот за судска медицина.
Станков за НОВА потврди дека во четвртокот веднаш по настанување на смртта е извршена обдукција на телото на починатата но, дека немаат добиено медицинска документација од болницата Санте Плус, која им е неопходна за да го комплетираат случајот.
„Земен е обемен материјал за испитување, но она што е многу важно е дека ја немаме медицинската документација од болницата Санте Плус за да можеме внимателно да ја обработиме. Материјалите кои се земени ќе се испитуваат под микроскоп и за две недели ќе излеземе со Извештај од обдукцијата, рече директорот Станков.
Од Клиниката за детски болести потврдија дека бебето е во тешка но, стабилна состојба.
“Бебето е стабилно, но уште е во критична состојбата. Се уште е на апарати за дишење, денеска ќе се направи уште една контрола така што се надеваме дека ќе успее да се извлече иако е донесено со крвавење на мозокот“, изјави Катерина Ставриќ директорка на Клиниката за детски болести.
Министерството за здравство формираше комисија која откако денеска се комплетира, од утре ќе започне да го истражува случајот со смртта на младата родилка.
Инаку, неофицијално извори за НОВА кои биле директно инволвирани во случајот тврдат дека во болницата се случувала вистинска драма при породување на 31 годишната кичевчанка, стоматолог по професија која потекнува од познато лекарско семејство.
Нашите извори тврдат дека веднаш откако и била дадена анестезијата во вена на родилката и неможноста да се стави тубусот бидејќи се затвориле дишните патишта започнала борба за спасување на животот на родилката и во целата паника и неможност да се помогне анестезиологот кој бил дојден од КАРИЛ повикал уште еден свој колега анестезиолог од истата клиника. По околу еден час реанимација одлучиле да го извадат бебето, а припремата за процедурата траела уште половина час. Тогаш била повикана уште една докторка искусен анестезиолог од соседната, блиска болница. Наводно на неа не и било дозволено да се доближи до родилката, таа го реанимирала новороденчето кое во моментот немало срцева акција и пулс, по што со возило на Итната медицинска помош било однесено на Клиниката за детски болести. Дури потоа родилката со возило на брза помош била однесена на КАРИЛ.
Инаку, младата жена на која ова и било прво породување бидејќи се лекувала од стерилитет, на социјалните мрежи се распрашувала за болницата Санте плус, а била во дилема и каква анестезија да прими. Во Санте Плус потврдија дека таа потпишала да прими целосна анестезија.
Дебора Џамбази е погребана во нејзиниот роден град Кичево. Од истрагата на Комисијата на Министерството за здравство и од Извештајот од обдукцијата ќе се види дали има пропусти во целиот процес од почетокот на постапката до самиот крај и што довело до смртен исход.