Албанската партија БЕСА обвинува дека ВМРО-ДПМНЕ со манипулации добила нивно место во Куманово во ИЕ 2, каде тие не освоиле пратеник за само 150 гласови, иако според нив разликата била многу поголема во нивна корист.
Биљал Касами, претседателот на Беса во интервју за НОВА изјави дека нивната партија поднела приговори до ДИК поради несовпаѓање на реалните резултати со оние од електронските записи испратени во ДИК.
Тој тврди дека за неговата партија, која на изборите освои пет пратеници, се спорни два пратеника од ИЕ 2 и ИЕ 6.
„Ние од нашите луѓе добивме едни податоци но кога излегоа официјалните податоци добивме други резултати и пет пратеници. ДУИ доби уште еден пратеник, 10 наместо 9 во ИЕ6 додека ВМРО-ДПМНЕ доби наше место во двојката и со ваквите манипулации води кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ. Ние го оспоруваме тоа и имаме процес на жалби и се надеваме дека ДИК најмалку што може е да ги спореди реалните податоци и да ги отвори гласачките кутии па да види која е реалноста“, изјави Касами.
Според него, не се рефлектираат реалните гласови кои се наоѓаат во избирачките кутии и извештаите кои тие ги имаат. „Разликата е доволно затоа што во Куманово нашиот пратеник кој е втор на листата не помина за 150 гласови, а имаме податоци дека разликата е многу поголема во наша корист“, додава Касами.
Од ВМРО-ДПМНЕ засега не се достапни за коментар за најавите на БЕСА и обвинувањата за можни манипулации во оваа изборна единица.
Разликата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ6 е 307 гласови
Во шестката ВМРО-ДПМНЕ го води СДСМ за само 307 гласа. Според податоците на веб сајтот на Државната изборна комисија, ВМРО-ДПМНЕ освоила 26.135 гласови, додека СДСМ има 25.828 гласа. Неофицијално, најверојатно и од СДСМ ќе бидат поднесени приговори до ДИК за бројни нерегуларности кои на терен беа констатирани од набљудувачите иимале влијание врз изборниот процес. Од партијата најавија прес конференција на нивниот претседател, Зоран Заев за 14:30 часот.
Со оглед на реакциите, постои можност за промени во резултатите кои вчера ги соопштија од ДИК доколку тие прифатат некои од приговорите кои ќе ги поднесат партиите.
Аналитичарот Алберт Муслиу вели дека ако има пребројување и има повторно гласање, ситуацијата со резултатите може да стане различна од сегашната.
„Автоматски бројката може да не однесе на 50-50. Тогаш уште покомплексна ќе биде ситуацијата во однос на коалицирањето. Тогаш ќе треба не само ДУИ, туку ДУИ и плус уште една политичка парија за да се формира мнозинство“, додава Муслиу.
Рокот за поднесување приговори до Државната комисија завршува вечерва.


